22.8 C
Скопје
12 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Османи за изнајмувањето возила за собирот на ОБСЕ: Не можам да кажам дека немало договарање меѓу потенцијалните конкуренти

Очекувавме дека ќе има четири-пет понуди и на крај ги отвораат понудите – испадна една. Не е мое да испитувам дали тие го поделиле пазарот, дали се договараат меѓу себе за да не си конкурираат еден на друг – тоа не е работа на Министерството. Ние отвораме понуди, таа што е најповолна – ја потпишувам, вели за 360степени министерот за надворешни работи, Бујар Османи, зборѕвајќи за рамковната спогодба на изнајмување возила за претстојниот собир на ОБСЕ во која поединечните дневни цени по возило се и неколкукратно повисоки од редовните.

Опозициски шпекулации се контроверзиите околу јавните набавки за министерскиот собир на ОБСЕ што ќе се одржи на крајот на месецов во Скопје, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој е и актуелен претседавач на Организацијата.

Во однос на трошокот на МНР за наем на возила за претстојниот Министерски совет на ОБСЕ, во вкупен износ на рамковната спогодба од речиси еден милион евра, шефот на македонската дипломатија вели дека само една фирма се пријавила на тендерот и оти не знае дали позадински имало договарање меѓу компаниите. Тој нагласува дека се работи за рамковна спогодба и дека не значи оти ќе се потроши вкупниот износ.

Османи: Ние прво имавме дилеми дали воопшто ќе најдеме толку коли во државата, бидејќи се работи за тип кој го определува водичот на ОБСЕ, јасно вели за кои држави треба блиндирано, каква марка на возило треба.

360°: Колку домашни државни коли ќе ангажирате?

Османи: Јас очекувам дека повеќе од половината ќе ги обезбедиме од институциите, затоа ова ни е рамковна спогодба. Значи, ние можеме само едно возило да искористиме, ако најдеме 99 отсто од институциите. Теоретски, може една или ниту една, јас немам обврска ниту една да платам. Но, што се случи, кога го испитувавме пазарот, информациите од комисијата беа дека може да има 4–5 агенции коишто можат да обезбедат (н.з. возила). Никој нема толку, но ќе обезбедат од цела држава, од регионот ќе соберат. И ние очекувавме дека ќе има 4-5 понуди и, на крај, ги отвораат понудите – испадна една. Тука не е мое да испитувам дали тие го поделиле пазарот, дали се договараат меѓу себе за да не си конкурираат еден на друг- тоа не е работа на Министерството. Ние отвораме понуди, таа што е најповолна ја потпишуваме.

 

Од договорот за наем на возила склучен меѓу МНР и фирмата „АБЦ рент а кар турс“

На новинарска констатација дека поединечните дневни цени по возило од рамковната спогодба што ја има склучено МНР, неколкукратно отстапуваат од редовните, Османи кажа:

„Испитувавме, тие велат прво дека не се нивни сите возила, позајмуваат од цела држава, па дури и надвор од државата и дека тоа ја поскапува редовната цена. Но, повторно ќе кажам, не можам да речам дека немало некој договор меѓу нив, затоа што ние, според тестирањето на пазарот, очекувавме да има 4-5 конкуренти и на крај се јавува само една. Но, пак ви велам, тие што се разбираат во јавни набавки знаат дека вие немате многу простор тука – отворате, проверува комисијата дали ги исполнуваат условите, која е најповолната понуда – таа. Една грешка, вие завршувате во затвор, нема многу можност некој да прави субјективни одлуки“.

Во Скопје на крајот на месецов треба да се одржи Министерски совет на ОБСЕ, најголем меѓународен настан досега организиран во земјава. Се очекуваат околу 1 000 учесници од 76 делегации. По тој повод, Османи вели дека се резервирани петте најголеми хотели во државата и неколку други.

Без отворени поглавја, тоа е плафонот

Вкупниот напредок на Северна Македонија не е загрозен, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи, по критичниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија во кој, меѓу другото, е нотирано дека нема напредок во судството и во борбата против корупцијата, како и дека во државата има длабока политичка поларизација. Османи смета дека Владата била (само)критична и оти е јасна констатацијата дека во одредени области има лимитиран прогрес или нема прогес. Но, повторува – вкупната подготвеност на државата не е загрозена.

„Прво, во вкупниот напредок не се загрозуваме, ние сме меѓу првите во регионот. Второ, во ниту едно поглавје немаме назадување. Трето, ова е извештај за годината, за овие 365 дена, којашто беше кризна година, година во којашто имавме најтешка поларизација во општеството, парламентот беше блокиран, лидерот на опозицијата секоја недела најавуваше друг термин за избори. Знаете што значи тоа во психолошката матрица на администрацијата, на луѓето, кога вие излегувате и кажувате во октомври имаме избори, во ноември имаме избори, во јануари имаме избори… Потоа, прашањето со уставните измени, односно со Бугарија, монструозната злоупотреба на емоциите на граѓаните во однос на важни национални прашања од страна на опозицијата, тоа е во делот на вината на опозицијата. Владата – каде јас кажувам дека има вина, во тоа што не успеа да се дигне над оваа кризна ситуација којашто ја наметна опозицијата и едноставно да си продолжи да работи“,

кажа Османи во интервју за еммисијата „360 степени“, која се емитува на МРТ 1.
На новинарска констатација дека Извештајот ја сведува владината проевропска ориентција на реторика, Османи врати – не е така.

„Османи: Прво, во 80 отсто од секторите во Извештајот – има напредок. Значи, од можеби 100 сектори во 5, 6, 7 вели нема напредок. Притоа, без поглавја, тоа е плафонот. Доколку немаме ние отворање на поглавја, ќе удираме во овој плафон постојано и полека ќе почне плафонот да се спушта.

360°: Но, така не мисли, да речеме, амбасадорот на Холандија. Тој цело време вели – вие велите нас не чекате, а јас ви велам – ние вас ве чекаме, 15 години не го правите тоа што треба да го правите, освен што трупате изговори. Ги сакаме вашите пари, не ги сакаме вашите вредности…

Османи: Не, видете, делумно не се согласувам со амбасадорот, не е ситуацијата црно-бела, ситуацијата е некаде сива. 2019 г. не по наша вина бевме блокирани да немаме одлука за преговори, ни по еден основ немаше наша вина, па и понатаму или пак претходно. Вината ни е заедничка, и на Европската Унија, системот е таков – едногласен, земјите членки го злоупотребуваат правото на глас и го блокираат процесот, како што сега се случува во односот Албанија – Грција“.

Related posts

Џемаил Даути смирува: Нема да има нови поскапувања

admin

Приведени велешани, фалсификувале денари

admin

Пендаровски реагира за посетата на Курти: Организаторите мора да бидат казнети

admin

Бајден: Нетанјаху мора да се промени, Израел ја губи глобалната поддршка

admin

СПАК побара апсење на Ахметај

admin

Две сценарија и едно прашање – не дали, туку кога?

admin