16.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Решавање на Балканскиот јазол во 2024 година

Покрај динамиката, овие мобилизации на евро-американската дипломатија за решавање на балканскиот јазол и интегрирање на овој регион од 18 милиони жители во ЕУ се поврзани и со опасностите што ги носи 2024 година

 

Пишува: Џелал Незири

Изјавите на претседателот на Европскиот совет, Чарлс Мишел, дека Западен Балкан може да стане дел од ЕУ до 2030 година, предизвикаа различни реакции во Брисел, но и во главните градови на земјите аспиранти. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека изјавата на Мишел е дадена на самитот во Блед во Словенија без консултација со неа, додека францускиот претседател Емануел Макрон повторно ја актуелизира својата стара позиција дека „пред проширувањето, ЕУ мора да се продлабочи“.

Но, се чини дека се подготвува нешто големо, историско во однос на проширувањето на ЕУ.

Целото прашање е поврзано со Украина. Руската агресија во Украина, започната на 24 февруари 2022 година, ја направи европската интеграција „геополитичка итност“. Сега Украина заедно со Молдавија се земји кандидати да станат дел од Унијата. Шесте балкански земји се во различни фази на интеграција. Србија и Црна Гора од 2012 година почнаа преговори, но многу малку напредуваа во овие десет години. Црна Гора првично напредуваше побрзо кон интеграцијата во ЕУ: во 2006 година прогласи независност, во 2010 година доби статус на земја кандидат, во 2011 година Европската комисија препорача почеток на преговорите и во 2012 година се одржа првиот меѓувладин состанок Брисел-Подгорица. Босна и Херцеговина неодамна доби статус на земја-кандидат откако ја прифати листата од 14 приоритети, кои значат реформи за функционирање на државата. Северна Македонија првпат го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година и доби статус на земја кандидат во 2005 година, кога Србија и Црна Гора сè уште беа во една заедничка федерација. Во 2009 година ја доби првата препорака на Европската комисија за почеток на преговорите. Но, преговорите беа спречени поради ветото од Грција за името, од Франција за новата Методологија и неодамна од Бугарија. Албанија доби кандидатски статус девет години по Северна Македонија – во 2014 година. Првата препорака од Европската комисија за отворање преговори ја доби во 2018 година. Оттогаш, Албанија исто така чека почеток на преговорите првично поради француската блокада заради методологијата, а потоа и бугарското вето за С.Македонија заради неспроведување на Договорот за добрососедство. Албанија беше колатерална штета заради фактот што е во пакет со Северна Македонија. Косово е во последната фаза од европската интеграција. Најмладата држава во Европа во 2016 година го постигна Договорот за стабилизација-асоцијација со ЕУ, додека во 2012 година започна разговори за визна либерализација. Единствен напредок беше одлуката на Европската комисија во 2018 година дека Косово ги исполни критериумите за визна либерализација, одлука која ќе стапи на сила од почетокот на следната година.

Вашингтон и Брисел предвидуваат нов момент во 2024 година, поврзан со проширувањето на ЕУ. Овој момент се споредува со времето на падот на Берлинскиот ѕид, кога беа редефинирани границите на Западот.

„Постои вистинско будење дека сме на работ на историски момент, сличен на падот на Берлинскиот ѕид, со нов бран на проширување на ЕУ… кој ќе помогне да се стабилизира континентот“, изјави за Политико Бенџамин Хадад, пратеник на партијата на Макрон.

Американскиот пратеник за Балканот, Габриел Ескобар, и германскиот Мануел Саразин при нивните посети во август и септември бе децидни во пораките: сега е моментумот, направете ги уставните измени за да го фатите брзиот воз кон ЕУ.

„Сакав да дојдам и повторно да разговараме овде во Скопје. Тука бев пред летото и повторно сум тука за уставните измени. Мислам дека следниот месец ќе влезе во историјата како почеток на ново поглавје во европската историја, бидејќи ќе започне нов тренд на експанзија. Како што кажав пред летото, уставните измени мора да се случат, да не губиме време“, изјави Саразин по завршувањето на посетата на Скопје пред една недела.

Ескобар беше подиректен при посетата на 25 август: Годинава е ретка шанса за европската интеграција на Балканот која тешко може да се повтори.

Покрај динамиката, овие мобилизации на евро-американската дипломатија за решавање на балканскиот јазол и интегрирање на овој регион од 18 милиони жители во ЕУ се поврзани и со опасностите што ги носи 2024 година:

  1. Првата опасност е можниот колапс на Русија, кој може да доведе до распаѓање на голема 180-милионска држава. Анархијата во Русија ќе донесе многу безбедносни предизвици за Европа, што може да ги продлабочи разликите во ЕУ и НАТО.
  2. Второ – епилогот на изборите за Европскиот ​​парламент и за претседател на САД несомнено дека ќе се одрази и на пристапот на ЕУ и САД кон Западен Балкан и кон Русија.
  3. Трето – рецесија на ЕУ може да се одрази со поместувањето на приоритетите на Брисел за поддршка на развојните проекти на Западен Балкан, но и во драстичното намалување на европските фондови за надминување на последователните економски кризи во регионот.
  4. Четврто – Економската криза во Кина, која започна во форма на ќорсокак во секторот на недвижности, може да произведе последици и во Европа.

Дали Западен Балкан ќе успее правилно да го разбере овој историски момент, се уште не е познато. Старите непријателства од историјата сеуште се посилни од можноста за поперспективна иднина. Но надеж секако има. Овој регион е дел од Европа и како последен го проодува патот кој значи помирување, солидарност, еднаквост и напредок.

Related posts

Вториот руски фронт во Европа

admin

Јама или јамка!

admin

Блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и меѓуетничките односи

admin

Има ли движењето Самоопределување паналбански амбиции?

admin

СОЛЗА ЗА ЖИВОТ

admin

Заострувањето на руските санкции од страна на Западот е знак на неуспех

admin