7.8 C
Скопје
5 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Забраната за влез на архимандрит – порака со повеќе значења

Државата, очигледно, сака да ѝ укаже на МПЦ-ОА во која геостратешка насока треба да биде насочен крстот пред кој се моли, вели новинарот и верски аналитичар, Бранко Ѓоргевски.

 

 Северна Македонија му забрани влез, а партии во Бугарија кои иницираат обединување на разузнавачките служби го посочуваат тој случај како последен аларм за нужност од реформи во службите.

Зошто 48-годишниот руски архимандрит Васијан (Змеев Николај Валериевич) крена толку прав од двете страни на границата? „Со забраната за влез на рускиот архимандрит во нашата земја, мислам дека македонските световни власти сакаа првенствено да испратат подиректна порака до дел од македонските владици во Синодот на МПЦ-ОА, дека нивните односи со Руската православна црква ја пречекоруваат црвената линија на непристрасноста и дека тоа веќе создава поширок проблем. Државата, очигледно, сака да ѝ укаже на МПЦ-ОА во која геостратешка насока треба да биде насочен крстот пред кој се моли“, вели новинарот и верски аналитичар, Бранко Ѓоргевски.

Пораките кои досега ги испраќаше шефот на државата, Стево Пендаровски, преку изјави дека „во Синодот делуваат руски елементи“, очигледно не го сменија односот на дел од владиците кон блокот на Руската и Српската православна црква.

Архимандрит Васијан веќе пет и пол години престојува во Софија. Бил назначен за претставник во подворјето на Руската православна црква во Софија, со решение на Синодот од 7-ми март 2018 година. Подворје е термин што се употребува кога месна црква ѝ доделува земјиште или објект на користење на друга црква, со што се смета дека локацијата канонски ѝ припаѓа на другата црква. Таков е и случајот со црквата „Св. Никола Чудотворец“ во Софија, која во 1953 година станала подворје на Московската патријаршија и годинава ја одбележува 70-годишнината од тој чин.

Првиот „аларм“

Токму активностите на Васијан насочени кон одбележување на таа годишнина, биле и првите со кои тој привлече поголемо внимание. Особено во декември 2022 година, кога на негова покана во Софија пристигна шефот на руската црковна дипломатија, митрополитот Волколамски Антониј.

Тогаш бугарската партија Демократска Бугарија (ДБ) обвини дека Антониј доаѓа да ја притиска Бугарската православна црква да ја признае црквата во РСМ со статусот и именувањето определено од СПЦ во мај 2022. Партијата потенцираше дека според каноните на православната црква, Вселенската патријаршија е единствената која има право да издава Томос за автокефалност на која и да е друга православна црква, а заземањето на просрпска и проруска позиција од страна на БПЦ може да доведе до сериозни дипломатски компликации не само со останатите православни цркви, туку и со грчката држава.

Од ДБ порачаа дека со посетата на Антониј, како висок претставник на Московската патријаршија која отворено ја поддржува инвазијата на Путин во Украина и ја прогласува за праведна, „се компромитира и Бугарија“. Побараа од Државната агенција за национална безбедност (ДАНС) да воведе ограничувачка мерка за недопуштање на митрополитот Антониј на територијата на Бугарија, имајќи предвид дека Русија ја вклучила Бугарија во списокот на непријателски држави.

Ништо од тоа не се случи. Од соопштение на веб-страницата на БПЦ можеше да се прочита дека шефот на руската црковна дипломатија дошол на покана од архимандритот Васијан, а лично од бугарскиот патријарх Неофит добил благослов да сослужува на света архиерејска литургија во храмот „Св Никола Чудотворец“. Иако Бугари и Украинци протестираа пред руската црква во Софија, литургијата ништо не ја спречи, а гостинот од Москва придружуван од Васијан, беше примен и од поранешниот бугарски премиер, Симеон Втори Сакскобурготски, во неговиот дом.

 Вселенскиот патријарх Вартоломеј, 17.06.2016
Томосот од Вселенската патријаршија сѐ уште не е добиен (фото: Вселенскиот патријарх Вартоломеј, 17.06.2016)Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Посетата на Скопје

Еден месец подоцна, митрополитиот Антониј стигна и во Скопје. На 11-ти јануари годинава, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, придружуван од митрополитите Петар, Тимотеј и епископот хераклејски г. Климент, оствари средба со митрополитот Антониј, придружуван од Васијан, протојереите Николај Балашов и Игор Јакимчук и јерејот Александар Ершов.

Не е познато колку Васијан во изминатите години успеал во намерата да создаде овде истурено подрачје за активности во интерес на Москва, ни колку биле интензивни неговите посети на РСМ (оние за кои нема соопштение) ни колку биле чести неговите средби со високи претставници на МПЦ-ОА. Она што не беше сокривано, беше редовното одржување молебен во Скопје за сите загинати руски војници во минатото (во пресрет на 9-ти мај), кое доби сосема поинаква смисла по руската инвазија во Украина.

„Проблем не е еден архимандрит“, вели Ѓоргевски.

„Суштината на проблемот е позиционирањето на МПЦ-ОА меѓу Руската и Српската православна црква, од една, и Вселенската патријаршија, од друга страна, околу финализирањето на процесот на признавањето на нашата автокефалност. Очигледно е дека меѓу македонските владици постојат оние кои сметаат дека тој процес на признавање на нашата автокефалност е веќе завршен и дека нема потреба да се бара и добива Томосот од Вселенската патријаршија. Се смета дека со тоа што СПЦ и РПЦ ни го признаваат уставното име МПЦ-ОА и што не ни ги побаруваат епархиите во дијаспората, признавањето од ‘Мајката – Црква’ е завршено и доволно. Односно дека нема никаква потреба да се прифаќаат условувањата од Вселенската патријаршија – да бидеме само ‘Охридска архиепископија’, да не смееме да ја користиме придавката ‘македонска’, а на ова сигурно се додаваат и други услови од ВП кои сѐ уште не се соопштени – сопственоста врз епархиите во дијаспората, титулата на поглаварот, отстапување на еден манастир… “, објаснува Ѓоргевски.

А, според него, токму тие условувања од ВП стануваат ветер во едрата на заговорниците за доближувањето кон црковна Москва и Белград, односно кон групацијата која смета дека досегашната позиција на Вселенската патријаршија меѓу Православните цркви е надмината, и дека таа не треба да ги има досегашните ингеренции, посебно не правото самата да го издава Томосот за автокефалност.

„Тоа е генераторот од кој се напојува оваа структура и која има бројни канали за комуникација со Руска црква и чије влијание најдиректно се виде во одлуката МПЦ-ОА да не ја признае Православата црква во Украина, на која Вселенската патријаршија ѝ го даде Томосот за автокефалност. Таа одлука на македонските владици беше јасно дистанцирање од Вселенската патријаршија и потег со кој се поддржаа руските позиции во однос на црковен Цариград, токму во периодот кога оттаму очекуваме вистински и легален Томос за автокефалност“, вели Ѓоргевски.

Заедничка богослужба на МПЦ и СПЦ
Заедничка богослужба на МПЦ и СПЦ, 24.05.2022Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Наменето за раскол

И додека се чека Синодот на МПЦ -ОА да одговори како ја чита испратената порака, Атанас Атанасов, копретседавач на владејачката Демократска Бугарија (која е меѓу иницијаторите за законски промени со кои ќе се обединат разузнавачките служби), овој случај го искористи да ја искритикува работата на ДАНС. Тој рече дека посочениот архимандрит одел во РСМ за потребите на руското разузнавање, со цел да се внесе раскол во македонската црква.

„Малата Македонија и нејзините служби утврдиле дека рускиот свештеник кој живее во Софија и служи во Руската црква, се занимава со разузнавање во Македонија. А тој 5 години живее во Бугарија. Го прашувам бугарското контраразузнавање – нели ви е срам?!“, рече Атанасов.

Додека во Бугарија се бара одговор за пропуст на службите, во РСМ оваа случка го реактуелизира прашањето – зошто има застој во процесот за добивање на Томосот за автокефалност од Вселенската патријаршија.

„Проблеми очигледно постојат и треба да се разрешат. Македонските владици, првенствено архиепископот Стефан, ќе мора да се изјаснат околу тоа кој Томос ќе го сметаат за валиден и каков став имаат кон Вселенската патријаршија и нејзините барања. Од друга страна, и Вселенската патријаршија треба да знае дека со условувањата кон нашата црква само ги зајакнува тукашните структури против неа и ја турка МПЦ-ОА кон Москва и Белград. Преиспитувањето, очигледно, е потребно, а дотогаш ќе се случуваат ваквите забрани за одредени личности, по кои тензиите само ќе ескалираат“, коментира Ѓоревски.

 

Извор: ДВ

Related posts

Над 60 загинати и 145 повреди: најсмртоносниот терористички напад во Русија

admin

Голема афера во Косово, се објавуваат прислушувани снимки кои се споредуваат со “бомбите на Заев”

admin

САД ГИ ПОВИКАА БУГАРИЈА И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ДА ЈА ДЕЕСКАЛИРААТ РЕТОРИКАТА И ДА ГИ РЕШАТ БИЛАТЕРАЛНИТЕ СПОРОВИ

ninja

Вештачката интелигенција е моќна алатка на пропагандистите

admin

НАТО и регионот: Наместо тензии, потребен е мир и дијалог

admin

Од Брисел ништо ново

admin