Ќе ја има во изобилие, нема да можеме да си ја дозволиме! Вакви се прогнозите за храната, која во следните две години ќе стане луксуз, особено за земјите во развој, како нашата.
Пишува: Катерина Топалова
Минатата недела во Охрид се одржа симпозиум за храна. Над стотина професори од фелата од земјава, регионот и пошироко, се собраа да анализираат што ќе се случува со базата на човечките потреби – храната.
Војната во Украина направи пресврт, цената на храната започна со еден тренд на поскапување на кој не му се гледа крајот! Од влегувањето во продавница, до стигнување на каса, вашата корпа со производи поскапела за неколку пати. Но ова не е најлошото, оти тоа допрва доаѓа. На прашањето – кога ќе се стабилизираат цените, одговорот на професори кои истражуваат е дека тоа ќе се случи кога големите профитери како нафтени компании, енергетски компании и берзите, ќе забележат дека немаат повеќе ќар, оти сѐ помалку луѓе купуваат.
Што ќе правиме ние?
Ќе се жалиме, исто како и сега! Во светот во кој се бројат пари, емпатија не постои. Никој не го интересира како вие ќе ја наполните чинијата.
Парадоксот е дека во време кога во светот се бележи најголема продукција на храна, таа не може да биде рамномерно дистрибуирана и затоа бројот на гладни рапидно расте. Во време на криза, секоја држава прво го запира извозот, за да види со што располага за сопствените граѓани, а она што ќе го продаде, тоа ќе биде по повисока цена, оти е нормално да се заработува кога на пазарот нема многу како вас кои нудат. Војната ја искористија големите играчи кои прават промена на системот во светот. Цената, секогаш ја плаќа купувачот! Гневот е насочен кон фармерот, но тој не е оној кој што го собира медот. Фармерот во ова кризно време ја има истата заработка, она што мора да го побара од потрошувачот е она за што тој платил повеќе, а тоа е енергијата за да го создаде производот. Покаченото гориво, покаченото семе, ќе ги наплати преку крајната цена на производот оти не може да работи во загуба.
Што ќе јадеме ако немаме пари да купиме?
Тоа што ќе можеме да си го дозволиме! Народната – секој ќе си ги истегне нозете според чергата ќе биде најочигледно во оваа криза. Па така во време на паника, храната ќе губи од квалитетот, оти ќе биде сѐ поскапа и сѐ пoнедостапна! Луѓето ќе бараат начин како да обезбедат она што им треба за да не останат со празен стомак и затоа ќе на пазарот ќе се нуди буквално сѐ! Големите производители ќе немаат заработка во земјите во развој, а брзата храна ќе биде најчестото решение! Брзата храна, пак, е сиромашна со хранливи состојки, а кога чипсот, сендвичите и грицките се единствената опција, тогаш општеството ќе се соочи и со здравствени проблеми.
Ваквата храна ќе влијае на зголемениот број на срцеви заболувања, дебели луѓе и дијабетичари, кои ќе бидат терет на и така кревкиот здравствен систем.
Што ќе ни донесе себичниот пристап?
Ако ја игнорирате етичката страна, дека не ви е убаво да живеете гледајќи го соседот како гладува, тогаш тоа ќе ви се врати на поинаков начин. Секој човек има право на живот, има право на храна. Па така во местата каде што ќе ја нема, како на пример Афричките земји, жителите ќе посегнуваат по решение онаму каде што ќе знаат дека храна постои. Логичен сплет на околностите е дека бројот на мигранти значително ќе расте, а безбедноста во светот ќе биде сѐ помала.