12.8 C
Скопје
10 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ЧЛЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ ЗА 5 ГОДИНИ

Зошто не би си поставиле цел да влеземе во ЕУ за пет години наместо постојано да се обесхрабруваме со прогнози од дваесет или педесет години? Иако политиката не е се, се е политика во ЕУ.

 

Пишува: Денко Малески

Во отсуство на единство меѓу политичките партии, во ОН влеговме раскарани, и, по тоа прашање, останавме такви до ден денешен. Единство не е можно, ми вели претседателот Глигоров, укажувајќи ми на факт од македонската политика со кој никако не можев да се помирам. Но, тој знаеше подобро. Деновиве, триесет години подоцна, единство кое е потешко од она за влез во ОН ни е потребно повеќе од било кога. Тоа бара од партиите да засукаат ракави и посветено, во годините пред нас, заедно да ја внесат државата во ЕУ.  Но единство, се чини, повторно не е можно. Дури и во мигови кога тонеше југословенскиот брод а животите ни беа загрозени, наместо да се фатиме за кофи и пумпи, почнавме да расчистуваме стари сметки во македонскиот парламент.

Забележувам дека сега, како етаблирана држава во меѓународната заедница и како членка на НАТО, убедени, погрешно, дека „топ не не бие“, повторно расчистуваме стари сметки. Претседателот, премиерот и министерот за надворешни работи повикуваат на договор меѓу партиите кој ќе произведе единство без кое нема успех за државата, но, се чини, залудно.

Прашањето кое што логично се наметнува е: Што правиме ако, повторно, единство не е возоможно? Тогаш сегашната гарнитура на власт треба да да турка самата колку што може напред. Па и да изгори во таа политичка битка свесна дека без домашно единство нема ЕУ . За тоа и е потребно мнозинство во парламентот.  Ако опозицијата одбие соработка друг пат за власта нема. Може само, без битка, да ја предаде власта на опозицијата која наивно верува дека, самата, со мнозинство пратеници добиени на избори ќе го ревидира процесот и ќе се избори за поправеден договор со Бугарија и со ЕУ. Не знам за друг пример на земја во која политичките партии не успеале да постигнат некаква согласност околу приемот во ЕУ. Не знам за пример во кој власта без соработка со опозицијата успеала да стаса до членство. Зашто, ова не е одлука за влез во ЕУ туку согласност меѓу партиите за взаемна повеќегодишна соработка до влезот на државата во ЕУ.

Се разбира, демократијата е систем кој дава легитимитет на несогласувањето. Но, на политичарите е да знаат до каде ќе одат во таквото несогласување. Има безброј примери во светот на такви кои побргу ќе ја уништат својата земја отколку да попуштат. И споротивно.

Зошто не би си поставиле цел да влеземе во ЕУ за пет години наместо постојано да се обесхрабруваме со прогнози од дваесет или педесет години? Иако политиката не е се, се е политика во ЕУ. Последниот говор на германскиот канцелар Олаф Шолц кажува дека променетата геополитика после руската агресија врз Украина наложува ширење на Унијата и јакнење на нејзината безбедносна компонента визави руската опасност. Ако се покажеме успешни во реформите, новата политичка состојба во Европа може драстично да ги намали временските интервали неопходни за членство и повторно да ја активира брзата лента за прием. Но, и тоа да се случи, неопходно е единство на целта меѓу власта и опозицијата во Македонија.

Колега професор од Бугарија ми ја опишува тогашната атмосфера во бугарскиот парламент, кога Симеон Сакскобургготски, како премиер, ја внесе државата во ЕУ за пет години. Партиите, вели, решија членството во ЕУ да им биде најважен приоритет. Се договорија сите да бидат присутни во парламентот на сите гласања, никој да не се разболи и никој да не умре. И види чудо: никој не се разболе и никој не умре.

Related posts

Што бараат граѓаните, а што им нудиме ние?

admin

ЗОШТО НЕ СЕ НАЦИОНАЛИЗИРА ЕНЕРГЕТСКИОТ СЕКТОР?

admin

Да се подготвиме за забрзување на историјата

admin

МОРБИЛИ И „ИМУНОЛОШКА АМНЕЗИЈА“

admin

Американскиот генерал на нашите граници

admin

Многу врева за ништо? Позиционирање на партиите во Северна Македонија и што да очекуваме од изборите во 2024 година

admin