22.8 C
Скопје
12 јуни, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

АМЕРИКАНСКИ ЛЕКЦИИ ЗА ИДНИТЕ МАКЕДОНСКИ ИЗБОРИ

Може ли да се повтори успехот на умерените во Македонија, наспроти прогнозите за тотален пораз на СДСМ од страна на ВМРО-ДПМНЕ? Може ли да се повтори американското сценарио на наредните избори во Македонија и ВМРО-ДПМНЕ да изгуби? Иако мислам дека може, тоа ќе го дознаеме дури после две години, на редовните парламентарни и претседателски избори.

Пишува: Денко Малески

Зад параванот на меѓународното право на кој се испишани принципите на еднаквоста и рамноправноста на државите,  е невидливата хиерархија на моќ на чиј врв стои доминантната сила на своето време. Во шеснаесеттиот век тоа била Шпанија, во осумнаесеттиот и деветнаесеттиот Британија, а од почетокот на дваесеттиот век тоа е Америка. „Како што оди Америка, така оди и светот“, е песна напишана токму во времето кога првата република станува светска сила. Така било секогаш во историјата: доминантната држава имала пресудно влијание врз светската политика.

Многу книги се напишани за подемот и падот на големите сили, таа закономерност на меѓународната политика, па во тој контекст, мојот американски пријател напиша книга насловена „Крајот на американската ера“. Тоа, се разбира, нема да се случи колку утре но ако е тоа закономерност, за новиот хегемон е прогласена Кина. Во меѓувреме останува да важи правилото дека кога Америка ќе кивне, светот добива грип. Кога се работи за надворешна или за безбедносна политика, за војна и мир, за економски или трговски прашања, она што го прави или не го прави  Америка има влијание врз сите држави во светот.

Така, кога Доналд Трамп стана претседател во 2016, следеше бран на слични популистички и националистички избори во светот, вклучувајќи ја и Европа. Во тие моменти помислив дека ништо полошо на можеше да ја снајде и кревката македонска демократија од лошиот пример во Америка. Екстремисти се лоши и за Америка и за Македонија. Демократијата е систем кој легитимира несогласување, па останува на оние кои ја практикуваат, да одлучат до каде ќе одат во тоа несогласување. Оти, теоретски гледано, тоа несогласување може да оди до деструкцијата на демократијата па и на државата. Пристојноста е една од внатрешните кочници кај политичарите која предупредува дека е потребна умереност и во несогласувањето. Екстремното или умереното поведение на нивните претставници во власта е дилемата со која се соочија американските гласачи на последниве избори на средината до мандатот на претседателот Бајден. За каква политика ќе се определат Американците беше големата загатка. Со оглед на економската криза и војната во Украина малкумина очекуваа дека умереноста која пружа рака на помирување преку поделбите нема да доживее дебакл. Всушност, прогнозите предвидуваа тотален пораз на демократите во американскиот конгрес. Но, тоа што сите мислеа дека ќе се случи, сепак, не се случи. Политичари подржани од Трамп, особено оние кои ги оспоруваа резултатите од последните претседателски избори, доживеава дебакл. Сенатот остана под контрола на демократите, но, со мало мнозинство, претставничкиот дом премина во рацете на републиканците.

Прославата дека Американците дефинитивно му се спротиставија на екстремизмот и се определија за умерени политики со почитување на демократијата ќе треба да се одложи за после претседателските избори на кои одново се кандидира и Доналд Трамп. Зашто, можеби на насилниците на Трамп не им успеа да го завземат претставничкиот дом со сила на шести јануари, но на последните избори тоа го сторија со гласови. Сега, долниот дом на американскиот конгрес може да стане бастион на опозиција на политиките на претседателот Бјаден со покренување процедура за импичмент на претседателот, потпретседателот, министерот за одбрана, за надворешни или за внатрешни работи. Републиканците, кои ќе го формулираат дневниот ред на претставничкиот дом, можат да покренат низа истражни постапки со цел да му наштетат на повторниот избор на демократ за претседател на Америка: истраги против Хантер Бајден, синот на претседателот, против начинот на повлекувањето од Авганистан, против начинот на справување со ковид кризата и ред други работи.  На чело на претставничкиот дом е избран Кевин Макарти кој коментирајќи го симболичното превземање на дрвениот чекан од Ненси Пелоси, сосема во стилот на Трамп, ќе изјави дека „тешко ќе биде да не ја треснам со него“.

Америка го има својот 6 декември, Македонија 28 април. Екстремизмот и насилството ги карактеризираат двата настани за кои американската и македонската јавност имаат поделени погледи.  Оттаму, најголемото изненадување од последните избори во Америка е поддршката за политиките на Бајден иако 70 проценти од гласачите сметаат дека не треба повторно да се кандидира. Без оглед што победи умерената политика на Бјаден, голем дел на населението им верува на екстремистите и го слави нивниот национализам. Кај нас, осудените организатори на бунтот од 28 април, значаен дел од населението ги слави како патриоти. Во Америка, популарност доби слоганот „Во ред е да си белец во Америка“, кој како ехо го слушам кај нас, дека „Во ред е да си Македонец во Македонија“. Знаеме што сакаат да кажат националистите со ова. Но одговорот од разумни луѓе би требало да биде: се разбира дека е во ред да си белец или да си човек од било која боја во Америка, како што е во ред да си Македонец или човек од било која националност во Македонија.

Може ли да се повтори успехот на умерените во Македонија, наспроти прогнозите за тотален пораз на СДСМ од страна на ВМРО-ДПМНЕ? Може ли да се повтори американското сценарио на наредните избори во Македонија и ВМРО-ДПМНЕ да изгуби? Иако мислам дека може, тоа ќе го дознаеме дури после две години, на редовните парламентарни и претседателски избори. Голем дел од американските гласачи сфатија дека не смеат да дозволат Трамп да се врати на функцијата претседател. До скоро тоа се чинеше невозможно па на поведението на републиканците како да немаше никаква реакција. „Можам да застанам на среде петта авенија,  да застрелам некого и пак не би загубил гласови“, изјави своевремено Трамп.

И колку да звучи чудно, жестоката игра на „бугарската карта“ од страна на опозицијата може да се сврти против опозицијата на наредните избори. На нивните изјави дека Бугарија има свој човек во Македонија а тоа е премиерот или дека имаме претседател на држава кој вели дека Гоце Делчев е Бугарин, со цел да бидат дикредитирани како предавници, мора јасно и гласно да се одговори. Владата и претседателот мора да ја усогласат својата политика и така да ја туркаат државата кон ЕУ и секојдневно да ги објаснува своите постапки и своите  зборови пред граѓаните. Немаат многу време до избори. Опозицијата, дефинитивно се определи за ревизија на патот трасиран со „францускиот предлог“ и за враќање на државата назад на состојбите пред тој да се прифати, со цел, како вели, да се постигне поприфатлив договор со ЕУ. Тоа, се разбира, нема да биде можно и само ќе резултира со застој на процесот на европска интеграција сличен на оној со „антиквизацијата“.  Значи, овие две спротиставени политики, без подавање рака преку поделбата на несогласување,  ќе течат пралелно до изборите после две години. Која политика ќе победи во Македонија? За тоа ќе одлучат гласачите на избори. Американската лекција покажува, наспроти анкетите и прогнозите, дека ништо „не е готово додека не е готово“. Да се прогласи политика на мир и соработка, на дијалог и компромиси, политика која ја има поддршката на огромен дел граѓани на Македонија и на Европа и САД за предавничка, и да се очекува тоа да донесе победа на избори е залак на кој може да се задави опозицијата. Таквата акција на опозицијата во Македонија може да предизвика реакција баш како и кај Американците кои го поддржаа Бјаден и му свртија грб на Трамп. Имено, такви неумерени зборови и дејствија можат да ја сменат насоката на политичките процеси и гласачите да ги свртат против оние кои ги изговараат.

Related posts

ЕКЛЕКТИЦИЗАМ: ИСТОРИСКИ ФАКТИ И ПРОЦЕСИ!?

admin

„Терористи“, „херои“, „Срби“

admin

Ќе дојде ли ред да се дише чист воздух?

admin

УЧЕСТВОТО НА МЛАДИТЕ ВО ПОЛИТИЧКИОТ И ЈАВНИОТ ЖИВОТ САМО ДЕКЛАРАТИВНО

admin

НЕЕДНАКВОСТА

admin

„ОГНЕНИТЕ“ ЈА ДОБИЈА БИТКАТА, ДАЛИ ЌЕ ЈА ДОБИЈАТ И ВОЈНАТА?

admin