31.8 C
Скопје
12 јуни, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

БАЛКАНОТ СЕ ОБЕДИНУВА ОКОЛУ ЗЕЛЕНАТА АГЕНДА

„Имаме сонце, вода, плодна почва“ – порачаа лидерите на пет земји од Западен Балкан во Белград, кои на норвешките инвеститори им ги презентираа можностите за инвестирање во обновливи извори на енергија.

Обновливите извори на енергија се иднината на регионот, а инвестициите во зелената транзиција се клучни за развојот на Западен Балкан и справувањето со актуелната енергетска криза. Ова е пораката која што македонскиот премиер Димитар Ковачевски и лидерите на четири земји од регионот ја испратија на норвешките бизнисмени, коишто на средба во Белград дојдоа да ги слушнат можностите за инвестирање во капацитетите за обновливи извори коишто ги нуди регионот.

Во пресрет на тешката зима, во екот на економската и енергетската криза, земјите од Западен Балкан се соочуваат со проблеми за набавка на гас, високи цени на струјата и на другите енергенси, но се пожалија и дека се соочуваат со други бројни препреки за изградба на алтернативни капацитетите за производство на енергија. Тие порачаа дека со зајакнување на регионалната соработка ќе се обезбедат потребните енергенси, а на долг рок ќе се инвестира и во проекти кои ќе обезбедат зелена енергија и поголема енергетска независност на регионот.

Иднината на регионот 

Северна Македонија има сонце, вода, плодна почва. Со инвестициска поддршка и правилно менаџирање, јас сум уверен дека можеме да ја трансформираме нашата прекрасна татковина во хаб на зелена енергија и да обезбедиме и енергетска независност, но и да го снабдуваме регионот со енергија од обновливи извори, порача премиерот Димитар Ковачевски.

Тој е дециден дека обновливите извори на енергија се иднината на регионот. „Македонија како земја од Западен Балкан која е насочена кон просперитет и развој, интензивно работи на обезбедување на енергетска стабилност и независност за што има донесено мерки и модели на краток, но и на подолг рок, но и нова Стратегија за инвестиции во зелена енергија“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на панел дискусија со инвеститорите од Норвешка.

Ковачевски посочи дека земјата е фокусирана на обезбедување на енергетска стабилност во услови на светска енергетска криза за што има краткорочен план кој до сега успешно се спроведува со активирање на сите капацитети за домашно производство на струја. Но, земјата има и долгорочен план со кој се стремиме кон декарбонизација и насочување кон она што го имаме во изобилство, производство на струја од ветер, сонце и вода.

„Инвестирајте во регионот“ 

„Република Северна Македонија е првата земја во регионот на Западен Балкан која усвои Стратегија за развој на енергетскиот сектор во 2019 година, заснована на столбовите на Зелениот договор на ЕУ. Ние сме првата земја која спроведува проект за замена на стара термоцентрала на јаглен во Осломеј, Кичево, на место каде што веќе градиме 120 MW соларна централа на местото на поранешниот рудник за лигнит. Ова е конкретен чекор кон енергетската транзиција на Северна Македонија и покажува силна волја за декарбонизација на нашиот енергетски сектор, а со тоа и декарбонизација на нашата економија“, рече Ковачевски на конференцијата која се одржа во организација на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Кралството Норвешка.

Ковачевски и подоцна на заедничката прес-конференција со премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Дритан Абазовиќ и претседателот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, повтори дека земјата како никогаш до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит. Тоа се гледа во посветеноста на енергетската транзиција на земјата, затоа што тоа е иднината и за енергетска независност на земјата, но и на целиот регион и за заштита на животната околина. Ковачевски ги повика бизнисмените да инвестираат во Македонија и во Западен Балкан.

„Посветени сме на енергетска транзиција, енергетска независност, но и да ја заштитиме животната средина“, рече тој.

Related posts

ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ договараат нова Влада, други чекаат покана

admin

Евтина струја засега нема за сите, некои ќе добијат во јануари

admin

Пендаровски: Полска отсекогаш била наш поддржувач

ninja

Мицкоски: Дипломатите не не разбираат кога ни велат да попуштиме за бугарските барања

admin

КОНФЛИКТОТ ВО ДУИ КУЛМИНИРА ВО ЧАИР

ninja

Европските хоризонти не се гледаат без вложувања во науката

admin