16.8 C
Скопје
9 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИРЕГИОН

ЗАПАДЕН БАЛКАН ДОБРО СОРАБОТУВА НА ХАРТИЈА

Македонија, потпиша регионален договор во Берлин, но веќе има договори за патување со лични карти со земјите од регионот. Има потпишано и договори со дел од земјите од Западан Балкан за признавање дипломи и олеснет пристап до пазар но труд, но се уште не се усвоени во Собранието. Неколку различни регионални иницијативи се занимаваат со истите проблеми.

Лекарите, стоматолозите и архитектите кои учеле во Македонија, без да ги нострифицираат дипломите, ќе може да работат во некоја до земјите од Западен Балкан.

Ова е предвидено со еден од договорите што на 3 ноември лидерите на шесте земји од Западен Балкан ги потпишаа во Берлин, во рамки на Берлинскиот процес.

Другиот договор предвидува Македонија, Србија, Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина да ги олеснат процедурите за меѓусебно признавање на високообразовните квалификации.

Третиот договор се однесува на слободно движење на граѓаните од регионот само со лични карти.

Македонија има билатерални договори за признавање на дипломите со земјите од регионот, а од земјава со лична карта може да се патува во сите земји од Западен Балкан, веќе со години.

Новина со новите договори е што за првпат вакви договори се склучуваат на регионално ниво во рамки на Берлинскиот процес, велат од Владата за Радио Слободна Европа.

Но, договорите случени во рамки на овој процес, нема да може да се спроведуваат мазно во дел од земјите, оти Србија и Босна и Херцеговина не го признаваат Косово. Договорите ќе треба да бидат ратификувани и во македонското Собрание, чија работа е блокирана од најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ. Собранието се уште не усвоило слични закони од други регионали иницијативни.

Договор за доктори, стоматолози и архитекти

Договорот случен на 3 ноември предвидува лекарите, стоматолозите и архитектите да немаат административни бариери, односно нема да има потреба од нострификација на диплома и доставување на барања во безброј институции.
„Овој Договор обезбедува повеќекратна добивка, бидејќи не само што ќе се применуваат строгите критериуми на ЕУ во мобилноста на заедничкиот пазар, туку земјите имаат обврска да ги усогласат наставните програми за овие три професии со барањата на ЕУ“, одговорија од Владата.

Договор за признавање на дипломи

Со договорот за признавање на високообразовните квалификации граѓаните ќе бидат ослободени од сложените постапки за признавање на квалификациите. Со тоа ќе може полесно да се вработат во некоја од земјите од Западен Балкан, да студираат, да се овозможи размена на наставници и истражувачи. Постапката за поднесување за признавање на дипломи може да се направи и електронски.

Патување само со лична карта

Граѓаните од Македонија со години може да патуваат во некоја од земјите од Западен Балкан само со лична карта, без да им треба пасош. Веќе десет години со лична карта може да се патува во Србија, Албанија и Црна Гора, шест со Косово, а со Босна и Херцеговина таа можност граѓаните ја имаат од 2018.
Во Владата велат дека овие билатерални договори успешно функционираат во пракса и дека намерата сега е со тој модел на билатерални договори да се надмине проблемот на билатералната пречка која ја имаат Косово и Босна и Херцеговина за слободно патување со лични карти.

„Сите три договори претставуваат отскочна штица кон единствениот пазар на Европската унија“, додаваат од Владата.

На состанокот во Берлин, учествуваа премиерите на Македонија Димитар Ковачевски, на Србија Ана Брнабиќ, на Албанија Еди Рама, претставникот на Босна и Херцеговина Зоран Тегелтија, на Косово Албин Курти и на Црна Гора Дритан Абазовиќ.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, рече дека Берлинскиот процес не само што може да го ослободи потенцијалот на регионот, туку и да го забрза неговиот пат кон ЕУ.

Берлинскиот процес е формат на годишни состаноци што ги иницираше германската Влада, во времето на канцеларката Ангела Меркел во 2014 година, кога во Берлин се одржа Конференцијата за Западен Балкан.

Целта на Берлинскиот процес е зајакнување и унапредување на соработка помеѓу шесте земји од Западниот Балкан со поддршка на Европската комисија. Помошта што му се нуди на регионот треба да го забрза неговото интегрирање во ЕУ. Иницијативата главно се фокусира на решавање на билатералните и внатрешните проблеми во регионот и подобрување на економската соработка

Различни иницијативи – истиот проблем

Меѓусебно признавање на дипломите меѓу Македонија, Србија и Албанија е договорено и во рамки на Иницијативата „Отворен Балкан“, во која членуваат овие три земји. Лидерите на оваа регионална иницијатива на 8 јуни во Охрид се договорија да ги олеснат процедурите и да ги скратат роковите за меѓусебно признавање на дипломи и научни степени, но за да стапи на сила треба да се усвои предлог Законот за ратификација на Договорот. Предлог законот во Македонија е во собраниска процедура.

Претходно, тие се договорија за олеснет пазар на труд, но ни тоа сè уште не помина во македонското Собрание. Опозицијата не дава поддршка. Велат дека не им е јасна целта на „Отворен Балкан“.

Иницијативата Отворен Балкан која започна како Мини Шенген во октомври 2019 во Нови Сад си постави амбициозна цел до почетокот на 2023 година да нема граници меѓу трите земји и да има слободен проток на капитал, луѓе, стоки и услуги. Потписници на Иницијативата се Србија, Македонија и Албанија.

За меѓусебно признавање на академските квалификации меѓу земјите од Западен Балкан се работеше и на Регионалниот совет за соработка (РСС). На состанок во 2018 министрите за образование од земјите од овој регион ги поддржаа клучните принципи за автоматско признавање на академските квалификации. Советот беше официјално основан на 27 февруари 2008 година, како наследник на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа./RSE

Related posts

Суперјахта на Џеф Безос се закотви во Драч

admin

БОРЕЛ – РУСИЈА ЈА ЗАГРОЗИ НУКЛЕАРНАТА БЕЗБЕДНОСТ

ninja

САД ја повикаа Србија да ги истражи наводите за изборни нерегуларности

admin

Саразин: Не го „мачев“ Мицковски, уставните измени да се изгласат час поскоро

admin

ГРУБИ СЕ СРЕТНА СО НОВИОТ ЧЕШКИ АМБАСАДОР: РУСКАТА АГРЕСИЈА ВРЗ УКРАИНА Е ОПАСНОСТ ЗА ЦЕЛА ЕВРОПА

admin

Разунавачките служби ќе се спојуваат во една агенција

admin