„Протоколот со Бугарија, неопходните уставни измени: тоа се прашања што ги засегаат луѓето во вашата земја, затоа што се работи за прашања на националниот идентитет, македонската историја, јазик и култура. Правилно е да се водат овие дебати со емоции. На важни социјални дебати им е потребна оваа страст. Сметам дека овие дебати можете да ги водите со самодоверба“, порача германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер во обраќањето пред државниот врв и македонските пратеници во Собранието, во рамките на неговата дводневна посета на Северна Македонија.
Штајнмајер вели дека граѓаните на Северна Македонија одредуваат и одлучуваат што ја прави земјата посебна. „Вие решавате како изгледа македонскиот идентитет денес и како ќе изгледа во иднина. Така како што правите во вашата земја веќе 30 години, онака како што македонскиот писател Блаже Конески тоа го формулираше: „Јазикот е нашата татковина”. Искрено се надевам дека македонската култура наскоро ќе ја збогати културната разновидност на Европската Унија. Денес сум тука за да научам уште повеќе за неа“, рече германскиот претседател.
Штајнмајер упати директна молба до пратениците во парламентот, но и до граѓанките и граѓаните, објаснувајќи дека е свесен оти патот кон ЕУ не е лесен, но да не застануваат сега. „Продолжете одлучно по патот кон членството. Не се враќајте назад од последните метри”, порача тој.
„Не ја губете од пред очи целта“
Германскиот претседател смета дека промената на Уставот не е битка за поени во внатрешно-политичка дебата, ниту „за партиско или лично профилирање”. „Сега не е време да се запаѓа во поедноставени формулации и националистички призвуци. Не ја губете од пред очи целта која одамна ја следите. Сигурен сум: патот кон Европа ќе го награди и следниот, тежок чекор“, порача Штајнмајер. Тој, цитирајќи ги Блаже Конески и Петре Андреевски побара поддршка за уставните измени коишто по Нова Година треба да се најдат на дневен ред пред пратениците, а се еден од клучните услови за напредокот на земјата кон ЕУ.
„Петре Андреевски во вековниот роман ‘Пиреј’ впечатливо ја опишува судбината на Македонците Јон и Велика на почетокот на 20 век. И покрај сите страдања, романот нè потсетува дека има нешто посилно и поважно од националистичките интереси и политички спорови: ‘неодоливиот копнеж за мирен живот’, како што се рекламира романот во неговиот германски превод. Овој копнеж постои и денес, повеќе од сто години подоцна. На овој незадржлив копнеж за мир и слобода да му дадеме заеднички дом: заеднички дом во Европа!”, рече Штајнмајер.
Штајнмајер претходно се сретна со неговиот домаќин македонскиот претседател Стево Пендаровски, а на заедничката прес-конференција порача дека акцентот на пристапувањето во ЕУ треба да биде ставен на сегашноста и иднината, а не кон минатото и да се бараат нови пречки. Тој вети поддршка во евроинтеграциите.
Претседателот на Сојузна Република Германија беше пречекан на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, по што следуваше тет-а-тет на двајцата претседатели и пленарен состанок на делегациите од двете земји.
Германскиот и македонскиот претседател попладнето положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“, а Штајнмајер оттаму продолжи на работен ручек со група пратеници во Собранието, а потоа и на средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Соработка
По Роман Херцог и Хорст Келер, Штајнмајер е третиот германски сојузен претседател што доаѓа во посета на РСМ. Двете земји следната година ќе одбележат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи(16.07.1993 година), а во целиот тој период СРГ има значаен придонес во стабилизирањето на македонската економија.
Во чест на Штајнмајер, Пендаровски вечерва ќе организира државна вечера со околу 80 званици, меѓу кои голем дел од оние што го претставуваат сврзното ткиво на македонско-германската соработка во науката, културата, бизнисот, политиката… По дводневната посета на РСМ, Штајнмајер заминува во дводневна посета на Албанија.