20.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗАВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

122 години oсаменост

Проширувањето на ЕУ едно време беше успешен проект, но веќе со години е во застој. Но, постојат идеи за тоа што може да се направи наместо тоа.

 

Пишува: Мајкл Мартенс / Franfurter Allgemeine Sonntagszeitung

Без разлика дали се работи за климатски промени или Божја волја, пињолот на Мајка Тереза никако не им растеше. Кога во јули минатата година македонскиот главен град Скопје го зафати невреме, тоа го уништи и дрвото, кое во јуни 1980 година го засади светски познатата калуѓерка во нејзиниот роден град. Во тоа време, добитничката на Нобеловата награда за мир беше прогласена за почесен граѓанин на Скопје, што денес е одбележано со спомен плоча во центарот на градот.

Социјалистичкиот партизански водач и југословенски претседател, Тито, не мораше да биде сведок на честа, која неговите соборци и ја оддаваа на архи-конзервативниот католик, бидејќи тој почина еден месец пред тоа. Кога Мајка Тереза беше прогласена за светица од папата Франциско во 2016 година, Југославија, земјата чиј најјужен дел беше Македонија, повеќе не постоеше. Настанатата историја на Македонија во 20 век може да се раскаже користејќи ја и животната приказна на македонската Албанка, која е родена во 1910 година како Агнес Гонџа Бојаџиу. Кога се родила, Скопје сè уште се викало Ускуб (Üsküb) и било дел од Отоманската Империја. Неколку години подоцна Турците биле протерани од страна на српски трупи и Македонија паднала во рацете на Кралството Србија, од кое пак по Првата светска војна произлегло Кралството Југославија.

Агнес Бојаџиу, која е родена како поданик на султанот, станала државјанка на европска мултиетничка држава, која пропаднала уште пред нејзината смрт во 1997 година. Кога Мајка Тереза почина, Македонија беше млада демократија која се стремеше кон членство во Европската унија, но беше блокирана од Грција. Македонија, рекоа од Атина, преку своето име ја узурпирала античката историја на Грција и Александар Македонски. Дури кога земјата ќе го смени името, ќе се укине ветото против почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Конфликтот беше решен по речиси две децении. Во 2018 година, по референдум,  македонскиот парламент изгласа преименување на државата од „Македонија“ во „Северна Македонија“, по што Атина го повлече своето вето. Со тоа, патот кон ЕУ изгледаше како да е слободен.

Но, не е така, бидејќи земјата сега е блокирана од Бугарија. Од перспектива на бугарските националисти, Македонците се разбојници на историјата. Во Софија се вели дека словенските Македонци се „измислена нација“ и дека всушност не постои македонски јазик, тоа е во најдобар случај дијалект на бугарскиот јазик. Според Софија, за Бугарија да го укине своето вето против почетокот на пристапните преговори со ЕУ, Северна Македонија мора прво во преамбулата на македонскиот устав да го утврди постоењето на бугарското малцинство во Северна Македонија. Ова е чудно, бидејќи ако словенските Македонци се всушност Бугари, како што се тврди во Бугарија, тогаш зошто има бугарско малцинство во Северна Македонија? Дополнително, нумеричката димензија на спорот е извонредна: во најновиот попис, само околу 3.500 луѓе во Северна Македонија се опишаа себеси како Бугари – помалку од 0,2 отсто од населението.

За Северна Македонија, само по себе би било мала работа да се исполни бугарскиот ултиматум и да се промовираат македонските Бугари во државотворно малцинство преку уставна промена – ако веќе на хоризонтот не демнат дополнителни бугарски барања како банди од разбојници на страна на осамен балкански селски пат. Бугарскиот претседател Румен Радев и многу други бугарски националисти одамна јасно ставија до знаење што сакаат да бараат во иднина, на пример, промена на училишните учебници по предметите историја и географија. И нови изложбени табли во музеите и „подобрени“ натписи на споменици. Покрај тоа, во Северна Македонија нема 3.500 Бугари, туку десетици илјади Бугари – колку што поднеле барање за бугарско државјанство во последните години. Тоа што повеќето од овие луѓе само барале пасоши од ЕУ-државата Бугарија затоа што им дозволуваат да живеат и работат каде било во ЕУ, не ги засега витезите од Голема Бугарија. И, ако во Северна Македонија има десетици илјади Бугари, како што се тврди од Софија, зарем ним нема да им требаат свои училишта и голем број судии, обвинители, полицајци и други функционери сразмерни на нивниот удел во вкупното население? Со оглед на ваквите и слични барања, во Скопје кружи страв: Дури и ако се промени уставот, како што бара Бугарија, и привремено се отстрани ветото за почеток на пристапните преговори, поверојатно порано отколку подоцна ќе има нови ултиматуми од страна на Софија. Поради ова, тешко дека ќе има двотретинско мнозинство во македонскиот парламент за измена на Уставот.

Кога земјата го смени името во 2018 година, неизговореното ветување беше дека тоа ќе го отвори патот кон ЕУ. Наместо тоа, дојдоа нови пречки. Во Северна Македонија премногу луѓе едноставно изгубија верба дека нешто ќе се случи со влезот во ЕУ. Погледот на другите балкански држави покажува дека овој скептицизам е оправдан. Црна Гора, на пример, ги започна преговорите за пристап во ЕУ пред повеќе од единаесет години, во јуни 2012 година. Оттогаш, само три од 33 преговарачки поглавја се привремено затворени. Сосема настрана од очигледното прашање дали ова е вина на Црна Гора, ЕУ или двете страни: проектирано на сите поглавја, епската должина на разговорите досега значи дека на Црна Гора ќе и требаат повеќе од 122 години за да ги заврши преговорите. Се разбира, ова е само игра со бројки – но за луѓето од Западен Балкан, стагнацијата се чувствува многу реална. Северна Македонија беше прогласена за кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, сè уште под нејзиното старо име. Деца кои се родени тогаш, сега се возрасни.

Османи вели дека за неговата идеја разговарал со сите други министри за надворешни работи во регионот

Еден од поборниците за промена на насоката е министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи. Кога работи во својата министерска канцеларија, Мајка Тереза гледа преку неговото рамо. Нејзиниот портрет го закачи токму на почетокот на неговиот мандат. Османи, хирург, е македонски Албанец и го дели воодушевувањето на многу негови сонародници Албанци за сега веројатно вториот најпознат Албанец во светот по поп-пејачката Дуа Липа. Тој се држи до долгорочната цел за членство во ЕУ, но нема илузии за остварливоста на овој сон. Османи дури изразува и извесно разбирање за заморот на земјите од ЕУ од проширувањето. На крајот на краиштата, тој е запознаен со предупредувањата на францускиот претседател Макрон, кој вели дека ЕУ, со своите 27 членки, често тешко може да постигне договор – како ќе биде тоа кога уште половина дузина балкански држави ќе се приклучат како полноправни членки со право на вето?

Белгискиот либерал, Ги Верхофштад, ги сумираше стравувањата од вакви денови во Европскиот парламент: „Повеќе не сме во можност да одлучуваме за дополнителни санкции против Русија поради принципот на едногласност во ЕУ, само затоа што една или две земји се против тоа.“ Според Верхофштад, таквата ЕУ не е подготвена за нови полноправни членки. Османи ги знае таквите грижи: „Во ЕУ постои страв дека балканските држави ќе ја направат Унијата целосно нефункционална и само дополнително ќе комплицираат сè.“ Поради тоа, тој претстави идеја, која тој ја нарекува „интеграција пред членство“: како меѓу-чекор кон полноправно членство во ЕУ, кој никој не знае кога членстовото ќе биде можно, оние држави од Западен Балкан, кои ги исполнуваат сите услови за тоа, треба да бидат вклучени на заедничкиот европски пазар. Ова ќе влијае на луѓето во Северна Македонија и другите балкански држави во нивниот секојдневен живот како веќе да се во ЕУ, вклучително и слободата на доселување. Сите имаат корист, вели Османи: „ЕУ може да биде спокојна, бидејќи членството без право на вето дополнително не ја комплицира нејзината функционалност и процесот на градење консензус.“ А, земјите како Северна Македонија би можеле да учествуваат во значителните предности на заедничкиот пазар – слично на Норвешка,  која  исто  така е дел од пазарот, но не и од ЕУ.

Османи пресметува: „Претпристапната помош за земјите-кандидати за ЕУ изнесува 160 евра по глава на жител, структурната помош за земјите членки изнесува 4.170 евра по глава на жител.“ Се разбира, таквите награди не треба да се даваат бесплатно. Само оние кои ги исполнуваат строгите барања за демократија и владеење на правото, кои исто така се обврзувачки во процесот на пристапување во ЕУ, треба да можат да уживаат во членството на пазарот. „Оваа идеја не е замена за полноправно членство“, јасно објаснува министерот. „Станува збор за идеја, која ќе го направи долгото патување таму поопипливо и поисплатливо.“ Изгледите за реална цел може да го рестартираат реформскиот процес во Западен Балкан и да доведе до подобро управувани држави со функционална поделба на власта, што на крајот би можело да биде во интерес и на ЕУ, која се обидува да се спротивстави на кинеското, руското и другите злокобни влијанија во регионот. Идејата на Османи можете да ја замислите како членство во ексклузивен клуб: Секој што ќе го положи приемниот испит добива пристап и може да се послужи во богатото бифе – само гласањето за иднината на клубот е одложено на некое време.

Османи вели дека за неговата идеја разговарал со сите други министри за надворешни работи во регионот. Неговата идеја беила одобрена во Албанија, Босна, Косово, Србија и Црна Гора. Шефот на дипломатијата на Северна Македонија дури подготви заедничка декларација, која сите шест држави би можеле да ја потпишат и да ја достават до ЕУ како свој предлог. Важно е, вели Османи, идејата да потекнува од регионот, а не од Брисел, за луѓето во засегнатите држави да не ја доживуваат како утешна награда со која ЕУ сака да го измачува Западен Балкан. „Фокусот повеќе не може да биде на процес во кој на крајот се брои само членството и нема ништо помеѓу. Тоа само создава фрустрација.“ Членството без право на вето – како привремено решение, како што нагласува Османи – нуди нешто за секого: економско закрепнување за Западен Балкан и олеснување за ЕУ. Шефот на Комисијата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, исто така е запознаена со идејата. „Веќе работиме со Комисијата на конкретни чекори“, вели Османи, посочувајќи дека очекува пробив оваа година. „Јас сум оптимист. Сè повеќе луѓе зборуваат за овој концепт“.

Тоа е точно. Во Северна Македонија, идејата има меѓупартиска поддршка. На тоа е посветен и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, социјалдемократ, како и двајцата претходници на Османи како министер за надворешни работи, конзервативецот Антонио Милошоски и либералот Никола Димитров, кој како министер за надворешни работи успеа да го реши спорот со Грција, потврдуваат независно едне од друг, дека тие сметаат концептот на целиот Западен Балкан како дел од европскиот заеднички пазар е добро решение. Барем додека патот кон полноправно членство во ЕУ останува блокиран.

Related posts

Бајден загрижен за ситуацијата на Косово, ангажира помошник да разговара со Вучиќ и Курти

admin

Само 52% од компаниите имаат веб-страница, а над 94% користат компјутер!

admin

Харадинај: Разрешувањето на владата и Курти е национален интерес

admin

Тензиите во Косово – постои ли ризик за нова војна на Балканот?

admin

СЕ ПОВЕЌЕ ДЕЦА ОНЛАЈН СТАНУВААТ ЖРТВИ НА СЕКСУАЛНИ ЗЛОУПОТРЕБИ

ninja

Околу 200 илјади луѓе ни работат, ни бараат работа

ninja