25.8 C
Скопје
28 април, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ДРАМА ВО МАКЕДОНСКИТЕ МЕДИУМИ

Одговорноста на медиумите што информираат за војна е двојно поголема. Зборот предизвикува емоција, емоцијата реакција, а таа многу често може да тргне во погрешен правец.

 Пишува: Катерина Топалова

„ДРАМА ВО ПОЛСКА!“ ,  „Дали почнува Трета Светска Војна?“

Ова беа дел од насловите објавени од македонски медиуми, откако проектили паднаа во Полска, во село на границата со Украина и убија две лица.

Дента кога се случи тоа, бев на конференција за медиуми во Варшава, што беше посветена на известувањето во време на војна. Пред и по настанот, сите панели што беа организирани беа поврзани со оваа тема. На конференцијата беа покането бројни новинари од Украина, но и новинари од цела Европа и од светот, вклучително и од поранешни и територии на кои во моментот или во скоро време имало воен конфликт.

Новинарите имаат исклучително важна улога, особено за време на војна. Тогаш одговорноста е двојно поголема! Она што не смеат да си го дозволат е да прават сензација од и така лошата слика на терен, не смеат да ја жртвуваат вистината за ексклузивитет и мораат да бираат зборови како ќе соопштат одредена вест.

Колегите од Украина раскажуваа како информираат додека нивните семејства, роднини и блиски луѓе им се убивани, протерувани и живеат во неизвесност. Велат, плачеме додека да го отвориме компјутерот, тогаш влегувате во друга рамка и морате да бидете професионален новинар, ја завршувате работата, го затворате компјутерот и повторно плачете!

Друга колешка, која поради војната заминала од Доњецк во Берлин уште пред неколку години, раскажуваше како нејзини колеги кои се наоѓаат во Украина неколку пати од нејзе побарале да ја провери веродостојноста на информацијата што ја имаат пред да ја објават. Некои од нив немаат струја, некои работат на студено, трети немаат интернет… и во такви услови се обидуваат да бидат професионални новинари.

Не е лесно, но е многу одговорно! Тие во моментот се најважната алка за сите преземени чекори на населението, сите планови, сите одлуки.

Дел од македонските медиуми со голема леснотија објавуваат различни информации поврзани со војната. Ретко се проверува, слепо се верува и речиси никој нема одговорност за кажаната лага или паниката која што ја предизвикува.

Дезинформацијата во време на војна, може да направи нова војна!

Полските медиуми не објавија ниту една вест додека тоа не беше официјално. Ниту еден полски медиум не калкулираше со можната одлука на државниот врв. Населението е загрижено! Загрижена е цела Европа! Сѐ е можно и ништо не е можно, но зборовите се премеруваат неколку пати пред да бидат јавно кажани!

Во Варшава тврдам дека немаше драма! Имаше загриженост! Драма е ако се створи паника, ако луѓето почнат да бегаат, ако вадат пари од банки, ако излегуваат со оружје на улица и тргнуваат во бој, ако панично се точи бензин, ако панично се купува храна… Тоа го немаше! Таква драма немаше! Таква драма носи нови кризи кои не мора секогаш да бидат воени, но ќе бидат со големи последици не само за Полска, туку и за државите во кои се пласира информацијата дека има драма во земја-членка на НАТО!

Related posts

КУЛТУРА НА МАРГИНИ

admin

УЧЕСТВОТО НА МЛАДИТЕ ВО ПОЛИТИЧКИОТ И ЈАВНИОТ ЖИВОТ САМО ДЕКЛАРАТИВНО

admin

Опасна политичка апатија

admin

Американците се бесни

admin

Ако мораш да клоцнеш куче, гледај да е мало

admin

ИСТОРИСКО РЕМЕК-ДЕЛО

admin