14.8 C
Скопје
1 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

КАКО ДА СЕ РАЗБИЕ МРЕЖАТА ШТО ОВОЗМОЖУВА ДА ЦВЕТА КОРУПЦИЈА

Борбата против корупцијата не се само букви на лист хартија, туку сериозен проблем којшто го нагризува општеството. Потребна е политичка волја и процесирање на иницијативите за гонење на коруптивните случаи.

Борбата против корупцијата бара ангажираност на сите нивоа во општеството, затоа од исклучителна важност е сите релевантни институции да преземат активности во рамките на својата надлежност и да ја зголемат својата ажурност. Само заедничка борба и координација може да даде конкретни резултати. Ова е апелот којшто го упати првата антикорупционерка, Билјана Ивановска на одбележувањето на 20-годишнината од работењето на Државната комисија за справување со корупција. Изминативе години антикорупционерите минаа трнлив пат во обидите да се сузбие корупцијата која што е присутна во сите пори и да се разбијат политички мрежи што овозможуваат нејзино цветање.

„Мора да постои вистинска политичка волја да се запрат овие мрежи. Досега напредокот на овој фронт сериозно недостига“, вели Ивановска.

Ако се има предвид дека од страна на институциите се спроведени само 20 проценти од зацртаните активности во Националната стратегија за борба против корупцијата и судир на интереси (2020-2024), тоа доволно ја отсликува општата состојба на ова поле.  Антикорупционерите изминатиот период укажаа на многубројни системски слабости и предложија препораки за нивно надминување, но, за жал, не беа прифатени и применети во целост. Малиот процент на реализација се потврдува и во годишниот извештај за спроведување на стратегијата каде се нотирани 54 проблеми, за чие надминување се предвидени 111 мерки и 191 активности. Од нив, целосно се реализирани 22 (20%), во тек на реализација се 30 активности (27%), додека 59 (53%) од активностите воопшто не се започнати со реализација.

Потребна е заедничка борба

Претседателката на ДКСК вели дека ако сакаме да изградиме функционална држава и да го спречиме иселувањето од земјава тогаш сите ние треба да си зададеме цел – изградба на здрави и силни институции со интегритет кои ќе овозможат владеење на правото.„Искрено се надевам дека овој апел нема да биде само декларативно разбран, туку дека ќе поттикне силна акција кај сите нас“, вели Ивановска, која укажува дека секоја победа е значајно камче во мозаикот на здравото општество.

Иако оценката на антикорупционерите е дека многу работи се променети во изминативе четири години,  сепак, останува впечатокот дека „една птица не ја носи пролетта“. „Системот функционира кога функционираат сите делови“, вели Ивановска.

Антикорупциска комисија
Иако оценката на антикорупционерите е дека многу работи се променети во изминативе четири години,  сепак, останува впечатокот дека „една птица не ја носи пролетта“Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Генератор на неправда 

Претседателот Стево Пендаровски вели дека корупцијата станува најголем генератор на неправда и нееднаквост, а со тоа и најголема пречка на демократскиот развој на државата. Корупцијата генерира неправда затоа што ја етаблира културата на неказнивост. „Ниската доверба во нашите правосудни институции е последица на раширената увереност меѓу граѓаните дека митото е пресудно за исходот на судските процеси или дека е невозможно да се излезе од правосудниот лавиринт без да се познаваат вистинските луѓе на вистинските позиции“, вели Пендаровски.

За него се охрабрувачки активностите на антикорупционерите во изминатиот период. Посочени се повеќе случаи на непотизам, кронизам и политичко влијание во државната јавна администрација и при именување на членови на надзорни и управни одбори. Беа отворени и неколку предмети против актуелни функционери што се немаше случено долги години.

„Со својата професионалност, неутралност и гласност, што е јасно констатирано и во годишните извештаи на ЕК, ДКСК покажува дека борбата против корупцијата не е изгубена и дека не смее да биде изгубена за доброто на секој од нас“ вели шефот на државата.

Амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер, смета дека мора да се смени културата, а за тоа треба и политичка волја. „Борбата против корупцијата е во интерес на сите, но најмногу за младите кои поради корупцијата ја напуштаат државата.Тие заслужуваат држава која ќе го цени успехот врз основа на талентот и трудот, а не врз основа на политиката или на лични познанство“, вели амбасадорката. .

Доследност во борбата

Сите се согласни дека корупцијата не се само букви на бел лист хартија, туку сериозен проблем којшто го нагризува општеството. „Денеска е вистинскиот момент да се запрашаме што треба да промениме во пристапот, каде грешиме, во кој дел можеме да бидеме поефикасни, кои се нашите приоритети. И самиот податок што денеска овој јубилеј го прославуваме во овој објект на Музејот на македонската борба, кој е дел од еден од најсомнителните проекти од аспект на корупција и несовесно работење, е потврда дека со тек на времето како да се помируваме и како да го прифаќаме она што не смее во ниту еден случај да биде прифатено“, порача вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.

Дека корупцијата и понатаму е еден од најгорливите проблеми со кои се соочува земјата беше посочено и во последниот извештај на Европската комисија. И покрај забележаниот напредок на Северна Македонија во борбата против корупцијата за 24 места погоре, којшто беше регистриран од Транспаренси интернешнл, сепак тоа не е доволно. Политичарите декларативно ја поддржуваат борбата против корупцијата, но претседателот Пендаровски е дециден дека „за да бидеме доследни во таа борба, препораките и забелешките на Државната комисија не смеат да бидат игнорирани“.

„Во секој единечен случај, институциите мора да го отстранат и најмалиот сомнеж, ако постои, за злоупотреба на позицијата, за евентуални партиски влијанија или однапред договорени огласи и тендери. Комисијата мора да добие целосна политичка и институционална поддршка од сите државни органи за да продолжи, без компромиси, да отвора предмети и јавно да бара и да добива, информации за крупни коруптивни случаи“, рече Пендаровски./DW

Related posts

ЗНМ се солидаризира со Николовски и повикува на дијалог со МПЦ ОА

admin

ВУЧИЌ И КУРТИ ГО ПОТВРДИЛЕ СВОЕТО УЧЕСТВО НА СРЕДБАТА ВО ОХРИД

ninja

FT: Сега има „колективен Путин“ во Кремљ

admin

Средба Мицкоски-Сарацин, дали ќе поминат уставните измени?

admin

Извештај на ЕК: Поларизацијата ги парализира институциите

admin

ЧАВУШОГЛУ – ДОКОЛКУ АТИНА НЕ САКА МИР, АНКАРА ЌЕ НАПРАВИ СÈ ШТО Е ПОТРЕБНО

ninja