18.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ПОЕВТИНА СТРУЈА ЗА 518 КОМПАНИИ, УЧИЛИШТА И ИНСТИТУЦИИ

Овие мерки не се раскош, за некој да седи по канцеларии да си вари кафиња, да си држи состаноци и да си чита весници. Овие мерки се за граѓаните, вели премиерот Димитар Ковачевски.

Вкупно 518 компании од прехранбена индустрија, училишта и институции од витално значење, од први декември ќе имаат поевтина струја. За субвенционирано снабдување со електрична енергија по повластена цена од 1 декември се пријавиле 233 јавни основни и средни училишта од сите градови од вкупно 474 на територијата на државата, 50 јавни претпријатија од областа на водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води од вкупно 70-те, како и 235 субјекти, физички и правни лица, од областа на прехранбениот сектор.

Според податоците од ЕСМ, за помалку од еден месец за субвенционирано снабдување со струја се пријавиле 233 основни и средни јавни училишта, 50 јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици и од категоријата на физички и правни лица регистрирани во прехранбениот сектор, се пријавиле 235 субјекти. Ова го соопштија на прес-конференција премиерот Ковачевски, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски.

Согласно одлуката на Владата компаниите кои вршат производство на основни прехранбени производи како масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месна и живинарска индустрија ќе добиваат субвенционирана електрична енергија преку „ЕСМ продажба“ по цена од 80 евра за мегават час, за основните и средните училишта субвенционираната цена ќе биде по 95 евра за мегават час исто како и за јавните претпријатија од областа на  водоснабдувањето и одведувањето на отпадни води кои работат со пумпни и пречистителни станици.

Критики и одговорност 

Премиерот вели дека мерките се за граѓаните, а не се за некој во време на криза да ужива во раскош и изобилство.

Димитар Ковачевски Северна Македонија
„Овие мерки не се за некој да седи по канцеларии да си вари кафиња, да си држи состаноци и да си чита весници“, вели КовачевскиФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

„Сакам да упатам порака до општините, овие мерки не се раскош ниту на државна администрација, ниту на општинската администрација. Овие мерки не се за некој да седи по канцеларии да си вари кафиња, да си држи состаноци и да си чита весници. Овие мерки се за граѓаните, овие мерки не се за некој во време на криза да ужива во раскош, а некој да не може да врзе крај со крај“, вели Ковачевски. Тој побара да се понесе одговорност за комуналните претпријатија за снабдување со вода, за основни и средни училишта за да се обезбеди се она што е потребно за граѓаните. “Во време на криза не се финансираат раскош и изобилие, туку се финансира солидарност“, вели тој. Ваквата реакција е резултат на информациите дека некои општини не ги пријавиле навреме училиштата и комуналните претпријатија за мерките за субвенционирање на трошоците за електрична енергија, поради што централната власт мора директно преку одлука да ги преземе надлежностите на локалните власти. Исто така, дел од општините барале трошоците за струја на административните згради и другите трошоци да им ги покрива Владата.

Ќе паѓаат ли цените 

Бектеши очекува од 1 декември да се видат резултатите на пазарот од коригираните цени на основните прехранбени производи. Според него, некои од производителите на млеко и леб веќе се почнати на пазарот да имаат коригирани цени, што е за пофалба.

„Во следните четири месеци додека трае кризната состојба очекувам да продолжи намалувањето на нивните цени. Намалувањето за 10 отсто е реално согласно сите анализи кои се направени од страна на Министерството за економија и другите институции“, истакна Бектеши. Државниот пазарен инспекторат во континуитет ќе врши контроли кон трговците на големо и на мало за почитување на мерката за ограничени маржи при утврдување на цените.

 

Related posts

Сарацин во Скопје – продолжува дипломатската офанзива

admin

РАДЕВ ГО ПОВИКА ПЕНДАРОВСКИ ДА СЕ ДРЖИ ДО ИСТОРИСКАТА ВИСТИНА

ninja

Мерката за намалување на цените – повеќе популизам отколку реален ефект

admin

„Бум“ на економијата на ЕУ, продолжува нагорниот тренд на раст (инфографик)

admin

Германија – колкав дел од платата ви оди за кирија?

admin

ЛИКОВНА КОЛОНИЈА ГАЛИЧНИК 2023: Колонизација/Деколонизација на природата

admin