Со првостепената пресуда која се укинува, поранешниот шеф на тајната полиција беше осуден на 12 години затвор. Но, повисокиот суд смета дека се направени суштествени повреди на одредбите од Законот за кривична постапка.
Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ и предметот го врати пред скопскиот кривичен суд на повторно постапување и одлучување. Образложението на повисокиот суд е дека се направени суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што е доведена во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.
Скопскиот кривичен суд на 26 февруари 2021 година за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни за 11 лица.
Кои казни се поништени?
На поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков му беше изречена казна затвор од 12 години за „злосторничко здружување“, „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „примање награда за противзаконито влијание“. На поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и на вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, во отсуство им беа изречена казни затвор од по 15 години. Казна затвор од 6 години доби поранешниот шеф на Кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, за кого обвинителството исто така побара мерка ефективен притвор. Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, беше осудена на казна затвор во 4 години, а началничката Надица Николиќ – 3 години. Владимир Варелов, Маријан Шумуликоски, Силвана Златова, Васко Исакоски и Валентина Симоноски добија условна казна од 2 години.
Во образложението на пресудата, беше истакнато дека кривичните дела биле извршени од структурирана група, без чие заедничко дејствување не би можело да се изведе кривично дело од таков обем.
Станува збор за една од најголемите афери за прислушување во земјата, во периодот од 2008 до 2015 година, кога без судска наредба се тврдеше дека биле следени 4.286 телефонски броеви, односно разговори на над 20.000 граѓани – политичари, членови на нивните семејства, новинари, адвокати, обвинители, бизнисмени, верски лица, академици, градоначалници и други личности од политичкиот и јавниот живот.
Судскиот процес започна на 22.12.2017 година против 11 лица. За две години, односно на на почетокот на 2025 година, застаруваат делата на обвинетите за масовното прислушување.
Остри реакции
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Тетово, коментирајќи ја одлуката на Апелациониот суд рече дека тоа е крајно понижувачки и дека води кон губење на довербата на граѓаните во системот.
Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска изрази голема загриженост поради одлуката на Апелацискиот суд со која ја укина првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина“ и го врати предметот на повторно постапување. Таа го повика второстепениот суд детално да ја образложи оваа одлука.
Апелациониот суд пред неколку недели ја укина пресудата за „Трезор“ за набавката на британска опрема за следење на комуникации, каде што Мијалков првостепено беше осуден на осум години затвор и ја врати на повторно одлучување.