Што ќе донесе 2023 година? Анкетата на Галуп интернешнал покажува дека преовладува песимизмот, економскиот просперитет исчезнува, а стравувањата од употреба на нуклеарно оружје растат.
Новата 2023 година пристигнува со прилично песимистички очекувања. Помалку од една третина (31 отсто) од испитаниците веруваат дека 2023 година ќе биде подобра од 2022 година. Спротивното мислење го делат 34 отсто, а 27 проценти веруваат дека 2023 година ќе биде иста како претходната. Ова го покажуваат наодите од истражувањето на Меѓународната асоцијација Галуп интернешнал кое традицинално се спроведува пред крајот на годината.
Резултатите покажуваат поголем песимизам во споредба со минатите години и сликата сега е слична на ставовите од крајот на 2008 година, која беше година со најголем песимизам во светот во новиот век. Иако традиционално преовладува личната среќа, како целина во светот таа е пониска од претходно. Очекувањата на јавноста за иднината низ целиот свет се невообичаено различни и светот изгледа многу помалку обединет отколку во претходните години. Преовладува песимизмот, се чини дека економскиот просперитет исчезнува, а стравувањата од употреба на нуклеарно оружје се на невидено ниво.
Што очекуваат граѓаните?
Во Северна Македонија, 80 проценти од анкетираните очекуваат 2023 да биде полоша или иста како претходната година. Над половина (57 проценти) очекуваат година на економски потешкотии но, на личен план речиси половината се изјасниле дека се чувствуваат среќно.
Најоптимистични за иднината се луѓето во Нигерија, Пакистан, Казахстан, Филипини и Индија. На крајот од оваа година топ 5-те песимистички земји се европски – Полска, Чешка, Србија, Франција и Италија. Традиционално Русија е прилично на песимистичката страна. Годинава 22% од испитаниците рекле дека се оптимисти за иднината, 36% сепак се песимисти дека 2023 година ќе биде подобра од 2022 година и 20% се неутрални во нивните очекувања, останатите не знаат.
Во Северна Македонија на прашањето: „Што се однесува до Вас, дали сметате дека 2023 година ќе биде подобра, полоша или иста со 2022 година?”, 14% од анкетираните граѓани се изјасниле дека ќе биде подобра, 44% рекле дека ќе биде полоша, 36% дека ќе биде иста како 2022, а 6% не знаеле/немале одговор.
Загриженост
Очекувањата за економијата исто така, покажуваат постојан раст на загриженоста. Сега 21% од луѓето очекуваат економски просперитет за нивната земја во годината што доаѓа, речиси половина (48%) се подготвени за економски тешкотии и четвртина сметаат дека 2023 година ќе биде иста како 2022 година. Останатите не можат да проценат.
Анкетираните граѓани во Северна Македонија на прашањето: „Во споредба со оваа година, според вас, дали следната година ќе биде година на економски просперитет, економски потешкотии или ќе остане иста за нашата земја?”, 12% рекле дека ќе биде година на економски просперитет, 57% дека ќе биде година со економски потешкотии, 26% дека ќе биде иста како претходната а 4 % не знаат или немаат одговор.
Надежите за светот и неговата економија можеби се во опаѓање, но личната среќа сè уште преовладува. Сепак, се чини дека е во континуиран пад во последните години. Мнозинството (54%) од луѓето од различни нации ширум светот се сметаат себеси за прилично среќни, па дури и многу среќни. Повеќе од една десетина се сметаат себеси за многу несреќни или несреќни, а една третина не се ниту среќни ниту несреќни.
Среќа и стравувања
Во Северна Македонија анкетираните граѓани на прашањето: „Општо земено, дали вие лично се чувствувате многу среќно, среќно, ниту среќно ниту несреќно, несреќно или многу несреќно во животот?”, 5% рекле дека се многу среќни, 44% се среќни, 38% ниту се среќни ниту несреќни, 9% се несреќни, 4% се многу несреќни.
Анкетата покажува и голема загриженост кај граѓаните од употреба на нуклеарно оружје. На крајот на 2022 година, 38% од луѓето ширум светот гледаат висок ризик од употреба на нуклеарно оружје во денешно време. Други 38% мислат дека постои умерен ризик, а само 14% не гледаат ризик од употреба на нуклеарно оружје во скоро време. Луѓето во Ирак, Нигерија, Филипини, Кенија се најзагрижени за можноста некој да употреби нуклеарна бомба.
Испитаниците во Северна Македонија на прашањето „Според вас, кој е ризикот од употреба на нуклеарно оружје в денешно време – без ризик, умерен или висок ризик?” ги дадоа следните одговори: 11% сметаат дека нема ризик, 27% сметаат дека има умерен ризик, 58% сметаат дека има висок ризик и 4% не знаат.
Истражувањето „Крајот на годината” (End of Year Survey) на Галуп Интернејшнал е традиција од 1977 година и се спроведува секоја година. Оваа година се спроведе во 34 земји во светот во текот на октомври-декември 2022 година при што биле интервјуирани вкупно 35.664 лица. Во Македонија БРИМА го спроведе истражувањето со теренска анкета (TAPI), лице в лице, во домот на испитаникот, на национално репрезентативен примерок со 1206 испитаници на возраст над 15 години, во период од 1 до 19 декември.