2.8 C
Скопје
22 февруари, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ДРЖАВАТА НЕ СЕ ГРИЖИ ДОМАЌИНСКИ ЗА СВОЈОТ ИМОТ

За да добиете дозвола за доградба на вашата куќа, потребни ви се документи со кои ќе и докажете на државата дека имотот е ваш, па дури потоа ќе ви треба геодетски елаборат и извод од детален урбанистички план. Во општина за секоја мала измена во градбата на домот ви е потребна дозвола. За еден таков „зафат“ на 35 годишниот скопјанец Дарко Петревски му беа потребни неколку месеци „шалтерски тренинг “ во собирање на документи пред да викне мајстори што ќе му ја реализираат желбата – доградба на втор кат во куќата на татко му.

„Едно седум до осум месеци се шетав на релација општина -катастар за да можам да добијам дозвола за градба. За да можеш да градиш или реконструкција да правиш, мора да ти биде легализирано со имотен лист, без него не помислувај да почнеш да одиш по шалтери“, советува тој.

Имотен лист е правен документ во кој во Агенцијата за катастар се запишува правото на сопственост на недвижности и во него се содржани податоци за големината на земјиштето, објектите изградени на него и нивната намена.

Но, кога станува збор за државниот имот, се чини дека правилата на игра и не важат баш, па дури ни на хартија. На пример, помина речиси една деценија откако започна реновирањето на зградата на министерството за транспорт и врски, но без сите потребни документи. Со години кон споменикот Филип Втори на новиот плоштад во центарот на градот гледаа соголените ѕидови од старата зграда на министерството. За долгогодишниот изглед сведочи и соседната зграда.

Зградата до министерството за транспорт и врски
Зградата до министерството за транспорт и врски

Сега барокната фасада е поставена, има нови прозорци, но се уште нема имотен лист.

Зградата на министерството за транспорт и врски
Зградата на министерството за транспорт и врски

Објектот на ова Министерство не е запишан во Катастар. Не е запишано ни корисничкото право на вториот објект каде што се привремено сместени вработените, иако Владата донела одлука за тоа. И двата објекта се во центарот на Градот Скопје. На прашањата на Радио Слободна Европа од министерството во кус одговор велат дека имаат само употребна дозвола и признаваат дека немаат имотен лист.

„За објектот на Министерство за транспорт и врски се води постапка за запишување на зградата во Агенција за катастар на недвижности“, се вели во кусиот одговор од Mинистерството.

Но, оваа зграда не е единствената која 8 години чека да се заврши постапката за упис во државните книги.

Слична е ситуацијата со Собранието кое во 2010 година започна реконструкција, доградбата, адаптацијата и надградбата на зградата на Парламентот без при тоа да ги има основните потребни документи.

„Собранието не располага со имотен лист со утврдено право на сопственост или користење на земјиштето и објектот во кој истото е сместено и ги извршува своите функции“, се вели во финансискиот ревизорски извештај за Собранието во 2020 година.

Со градежниот зафат кој траеше до 2016 година изградени се дополнителни 4 илјади квадратни метри, во кои спаѓаат и 100 простории наменети за пратенички канцеларии.

Министерството што го напиша законот за легализација на имот не го спроведува

Законот за легализација на имот излезе од Министерството за транспорт и врски. Со овој закон властите очекуваа граѓани да легализираат околу 50 илјади дивоградби, односно да се регулира нивниот правен статус. Но, ова законско решение не се почитува во целост токму од матичното министерство. Во нивните фиоки има предмети од 2011 година за легализација на државен имот.

Бројни институции чекаат од повеќе од десет години решавање на нивниот правен статус и решение за легализација од Министерството за транспорт и врски. Меѓу „чекачите “ е и Министерството за внатрешни работи, кое има 72 отворени постапки за легализација на касарни и магацини, покажува последната анализа на невладината организација „ Праведни и професионални“.

Министерството за транспорт и врски не одговори на прашањето зошто повеќе од една деценија им е потребна да ги средат документите на МВР.

„По барањата на МВР постапките за легализација на дел од поднесените барања се запрени“, кусо пишаа од Mинистерството за транспорт и врски.

Претседателските и премиерската вила на Водно „дивоградби“

Не помалку важни се и резиденцијалните објекти како Вилите на Водно на претседателот на државата и премиерот за кои постапката за легализација од 2011 година сe уште не е завршена, па тие немаат имотен лист.

На прашањата на РСЕ зошто е заглавена легализацијата на претседателските вили на Водно од министерството кусо велат дека постапката е во тек, односно таа трае веќе 11 години.

„Согласно законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти се врши идентификација на бесправниот објект со Елаборат за фактичка состојба и оваа постапка е во тек. Доколку се обезбедени сите податоци од терен ќе се пристапи кон изготвување на Урбaнистичка согласност за објектот“, се вели во одговорот на министерството за РСЕ.

Според последните документи до кои дојдовме од извори во Службата за општи и заеднички работи, Комисија во два наврати направила увид на терен, а бил изработен и елаборат за легализација на бесправно изградени објекти.

„На барање на новоформираната Комисија во министерството за транспорт и врски извршен е дополнителен увид на лице место од страна на вработени во министерството кои имаа задача да ја утврдат фактичката состојба на објектите. Меѓутоа и покрај сите напори, до денеска Решение од Службата не е доставено ниту објектите се запишани на име на Република Македонија во евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности“, се вели во ургенцијата испратена до сега веќе поранешен министер Горан Сугарески.

И тука застанала целата постапка.

Државните вили на Водно кои ги користат претседателот и премиер се под капа на владината Служба за заеднички и општи работи. За да може Службата да склучува јавни набавки за чистење на пример, неопходни се точни податоци за квадратурата на овие објекти кои треба да се заведени во Катастар.

Освен на Водно, и вилите во Охрид, Стар Дојран, Попова Шапка и Лазарополе исто така имаат проблеми со сопственичкото односно корисничко право заведено во Катастарот.

Според законот документацијата до Катастарот по изградба на секој објект треба да се достави пријава со техничка дозвола за градба во рок од 30 дена да се запише изградениот објект како легален. За граѓаните во оваа законска обврска е предвидено дека при запишување на имотот кој досега не им бил запишан во државните книги до Катастарот ќе треба да приложат и геодетски елаборат и платен надоместок од еден денар за метар квадратен. Незапишаните државни вили на Водно се со површина од 2500 метри квадратни.

Државниот ревизор при последниот попис во Службата за општи и заеднички работи задолжена за голем дел од државниот имот утврдил дека слична е состојбата и со шестте резиденцијални вили во Охрид.

Според државниот ревизор обврска за евиденција на државниот имот имале неколку институции до 2016 година, но не си ја завршиле работата. Со последните измени Агенцијата за катастар ште во 2010 година била задолжена за создавање и водење на единствен регистар на државниот имот.

До 2018 година една десетина од државниот имот бил „ ничија земја “

Владата во 2018 година ги задолжила сите институции да го заведат својот имот во Агенцијата за катастар која со издавање на единствен идентификациски број требала да создаде единствен регистар на државниот имот. Од вкупно 1346 институции заведени во регистарот на министерството за информатичко општество, само 18 ја исполниле задачата што ја издала Владата, велат од Катастарот.

Вкупно 10 проценти од вкупната територија на државата до 2018 година, имот во сопственост на државата, не бил запишан во државните книги, вели директорот на Катастарот Борис Тунџев.

„Во првата фаза за две години успеавме да го запишеме целокупното земјиште, станува збор за шуми, земјоделско земјиште во сопственост на државата беше незапишано, без имотен лист, тоа е некаде 245 илјади хектари државно земјиште или некаде околу 10 проценти од вкупната површина на државата“, вели Тунџев.

Тоа значи дека до 2018 година државен имот со големина од најмалку четири града како Скопје, бил незаведен во државните книги.

„Вториот сегмент беше да добиеме информација од сите институции затоа што ние немаме увид која институција со каков имот располага и ги користат. Добивме од мал број, затоа што и тие не знаат број на имотен лист, или бил запишан или незапишан. Од 2010 година законската обврска на Агенцијата е да води евидентна книга за имотот на државата, но таа не се водела до 2018 година“, објаснува тој.

Во 2020 година Владата донела одлука за воведување на Единствен идентификациски број со кој Агенцијата за Катастар ќе ги евидентира институциите и нивниот имот. Министерството за информатичко општество од Владата добило задача да ги стави на располагање своите дигитални податоци од регистарот на државните институции кои ќе треба да се поврзат со електронската база на Агенцијата за катастар.

„Тоа не е проблем од сега, со години се користеле простории и имот и никој не го евидентирал имотот“, вели Тунџев.

Но и податоците од 18 институциите не се целосни, затоа што доставиле податоци само за имотот за кој што знаат дека го поседуваат, не и за тој што не е запишан во државните книги. Тоа значи дека над 90 проценти од институциите не ја испочитувале одлуката на Владата, државниот имот да се запише во државните книги.

„Тие можеби и не знаат за имотот, овој проблем не е од сега. Ние со информацијата до Владата го отворивме проблемот за да го решиме, не за да го пикаме проблемот под тепих, некому до сега тоа му одговарало. Ние сме имале 10 проценти од државата да биде незапишан имот во сопственост на државата, што ниви, што шуми, земјоделско обработливо земјиште, некому тоа му одговарало“ вели Тунџев.

При мала проверка на државниот имот што е заведен во отворените податоци на Катастарот може да се забележат и грешки. На пример, под капата на Министерството за транспорт и врски е и Капетанијата на пристаништа во Охрид која како државна институција се наоѓа во центарот на Охрид со поглед кон езерото.

Податоци за Капетанија на пристаништа во Охрид
Податоци за Капетанија на пристаништа во Охрид

Но, податоците во имотниот лист се збунувачки затоа што намената на објектот е запишан како стан од над 100 квадрати во семејна зграда.

Податоци за Капетанија на пристаништа во Охрид
Податоци за Капетанија на пристаништа во Охрид

Ревизија – Пописот на имот на СОЗР незаконски

Државниот ревизор утврдил дека Службата која се грижи за потребите на Претседателот на државата, за Владата, министерствата, инспекциите и другите институции кои произлегуваат од министерствата, за секретаријатите и стручните служби во Владата како и за Уставниот суд не води внатрешна евиденција на имотот со кој располага. Ревизорот го третира пописот на СОЗР како незаконски затоа што бил нецелосен и со бројни пропусти, меѓу кои и незаведени вредности на движен и недвижен имот.

Директорот на СОЗР Пеце Мирчевски пак не се согласува со ревизорот, тврдејќи во дека констатацијата „незаконски“ е престрога, иако признава дека има пропусти.

„Од причина што Службата пописот и сите чекори во врска со истиот ги организира согласно законите, но не го оспоруваме фактот дека се направени делумни пропусти, во одредени сегменти од пописот, но погрешна е констатацијата дека пописот не е спроведен согласно законот“ се вели во неговиот одговор за ревизорскиот извештај.

Меѓу одговорните институции на кои во основна надлежност е грижата за државниот интерес и неговиот имот е Државното правобранителство. Но, оттаму не одговорија на нашите прашања за тоа колку државен имот е незапишан и какви мерки се преземени за да се заштитат имотните права на Македонија.

Деценискиот проблем со неевидентираниот државен имот остава сериозни последици врз доброто управување со него. Ова е особено случај со подрачните одделенија на министерствата по градовите, кои функционираат без да се знае кој орган колкав простор користи, со колкав процент учествува во заедничките трошоци и кој се грижи за тековно одржување на заедничките делови на објектите што ги користат сите.

Од една страна има државни органи што поседуваат празни објекти, додека некоја друга институција изнајмува деловни простории на товар на буџетот, поради лошата координираност на државните органи. Таков е примерот со Државниот завод за статистика кој плаќа закупнина во Битола, иако Управата за јавни приходи таму има неколку празни објекти, покажува анализата на „Праведни и професионални“.

Во близина на скопска Рампа во населбата Кисела Вода со години зјае празен поранешниот објект на Државниот пазарен инспекторат. Голема зграда која ниту една институција не ја води во својата евиденција, откако државата водела децениски судски спор и има пресуда на Врховен суд во корист на Македонија, но и покрај тоа до денес објектот не е запишан во Агенцијата за катастар.

Соголени и руинирани државни вили и детски одмаралишта

Покрај тоа што дел од државните институции немаат евиденција за својот имот, тие и не се грижат за него. Низ Македонија има голем број на државни објекти кои се напуштени и руинирани. Меѓу нив се и дел од државните вили во кои со години никој не стапнал во нив.

Државна резиденцијална вила во Лазарополе
Државна резиденцијална вила во Лазарополе

Таква е сликата и за резиденцијалната вила во Лазарополе позната во јавноста како Вилата на Лазар Колишевски првиот важна политичка фигура во поранешна Југославија.

Државна резиденцијална вила во Лазарополе
Државна резиденцијална вила во Лазарополе

Ваква е и сликата со детските одморалишта во земјава кои се под капата на министерството за труд и социјална политика. Ова министерство има 23 објекти низ цела држава од кои само 14 имаат имотен лист. Од нив 5 објекти се детски одморалишта кои надлежните како да заборавиле дека постојат.
Сликите подолу во текстот ја покажуваат состојбата со детските одмаралишта во кои пред повеќе од 20 години се чекало ред за одмор.

Детско одмаралиште во село Николиќ Дојран
Детско одмаралиште во село Николиќ Дојран

Најголемиот дел од нив се изградени во времето на поранешна Југославија на најатрактивните локации во земјава, среде шума и недопрена природа или пак покрај езеро. Но, нивните голи ѕидови денеска сведочат за неодговорноста на државата и нејзиното недомаќинско чување на наследениот имот.

детско одмаралиште во село Николиќ Дојран
детско одмаралиште во село Николиќ Дојран

Еден од последните објекти од поновата историја кој седи напуштен е комплексот Македонско село во скопско Нерези кое чини 6,5 милиони евра. Овој комплекс од 2018 година, е оставен сам на себе. Комплексот се состои од 12 тематски куќи, а секоја претставува по еден град од Македонија – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора.

Владата по Нова година, ќе расправа за судбината на комплексот Македонско село“, а за заклучоците, јавноста ќе биде информирана е кусиот одговор од владината прес служба на прашањето што се случи со најавата комплексот Македонско село да прерасне во стартап село.

Приказната за овој комплекс заврши во октомври 2018 година кога компанијата „Тинекс“, која беше првиот концесионер на комплексот од неговото отворање во 2016 година, информираше дека нема економска исплатливост и дека комплексот во континуитет работел со загуби.

Искуството на Катастарот покажува дека од 16 министерства, стотици државни агенции, дирекции, бироа и инспекторати, како и јавни претпријатија кои користат државен имот немаат уредна евиденција на тоа со што точно располагаат, или пак имаат имот кој што не го користат.

За 35 годишниот Дарко домаќински е да знаеш што и до каде е твое, за да можеш подобро да го искористиш и да си ги планираш трошоците./slobodnaevropa

Related posts

Распишувањето на изборите ќе го „отклучи“ Избирачкиот список

admin

Регистер со иматели на бугарско државјанство како нов попис

admin

БОРИС ЏОНСОН: ПУТИН ЛИЧНО МИ СЕ ЗАКАНИ

ninja

Беса Адеми останува на чело на Врховниот суд

admin

Реагира Алтернатива на Гаши: Оставките на ДУИ се ПР-сценарио, тонете во вашата кал

admin

Над 8 илјади слободни работни места, се бараат и државни функционери, дипломати, директори…

admin