25.8 C
Скопје
21 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

ТЕМПИРАНА БОМБА

15 дојави за бомби само денеска. Бројката и изборот на институции варираат како есенска температура, но нема ден да се прескокне. Кој и да е дојавувачот, како не сфати дека во оваа држава бомбата е одамна темпирана, само што немаше дојава.

Пишува: Катерина Топалова

Сопругата на премиерот влегла во бизнис со струја. Но таму немало конфликт на интереси оти тоа се случило пред нејзиниот сопруг официјално да ја преземе функцијата, вака рече Ковачевски.

Среќна е таа држава што има премиер со остар мирис за исплатлив бизнис во време на светска енергетска криза.

Среќна е таа држава која има премиер кој во време на криза развива семеен бизнис кој е од општествено суштинско значење за државата и притоа не гледа злоупотреба на функција и висока корупција. И сето ова кога од сите страни од домашен и меѓународен фактор ни се укажува дека црвот што го јаде системот на државата е внатре и се вика корупција.

Среќна е таа земја што поставува политичари кои наместо општествената корист во прв план го ставаат семејниот бизнис и притоа без трошка срам кажуваат дека тоа е чисто и нема потреба за грижи дека некако и со нешто се прекршува законот.

Фали да се направи уште една прес конференција за да не потсетат дека туширање со тенок млаз и готвење во мало тенџере ќе не спаси од енергетската криза.

Сопругата на премиерот не е и не може да биде исто како секој граѓанин! И неговото потесно семејство не е исто како секој граѓанин! Тоа стои и во содржината со која се дефинира кој спаѓа под терминот блиско семејство!

Пријавувањето на имот не е само протокол, туку за да се оцени евентуален конфликт на интереси. Правилата се јасни, или се откажувате од функцијата или членот од семејството се откажува од зделката.

Граѓаните не можат постојано да се чувствуваат изневерени. Нема власт што не ни толкувала закон така како што нејзе ќе и одговара. Кога граѓаните велат – сите се исти мислат токму за ова! Постојаното незадоволство е поради секојдневното скратување од квалитетот на животот и сето тоа заради лични цели.

На првиот ден на студиите по новинарство ни го објаснија цитатот:

„Можете да ги лажете сите некое време, можете дури да лажете некој цело време, но не можете да ги лажете сите цело време!“

Ова важи и за политичарите!

Важно е да знаат дека незадоволството на гласачите е темпирана бомба и секое укажување не значи лажна дојава, туку потенцијал дека во секое време може да пукне!

 

Related posts

Илинденски патрдии

admin

Да беше Хичкок жив…

admin

КОЛЕКТИВЕН ПРОПУСТ

admin

122 години oсаменост

admin

ВО ДЕВЕТТИОТ МЕСЕЦ ОД ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

admin

СЦЕНАРИЈА 2023

admin