11.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Политички булинг

Далеку зад нас е ерата на Жан Моне, Жак Делор, Хелмут Кол, Ангела Меркел, Херман Ван Ромпуј и плејада државници, чии визии и можности беа далеку над капацитетите на сегашната европска политичка номенклатура, чија пак позадина и способности, особено за решавање на проблематични прашања се спорни. Проблемот на интеграцијата на Западен Балкан, а тука го истакнувам пред се политичкиот булинг врз Македонија, како и дозволата да се води уште една разорна војна на европскиот континент, ги потврдуваат ваквите ставови.

Пишува: Катерина Топалова

Во споредба со изминатите децении, политичкиот пејзаж на Европската Унија стана покомплексен, попроблематичен и пооспорен, притоа соочувајќи се со низа предизвикувачки проблеми кои се уште ја тестираат нејзината кохезија, ефективност и способност за менаџирање на сложени прашања. Едно од таквите сложени прашања е токму „македонското“, за кое бевме повеќе од сигурни дека нема да заземе волуменозни размери и нема да претставува посериозна пречка кон идната интеграција на Македонија во европското друштво… Но, по се изгледа ние останавме излажани, а Европската Унија се покажа целосно некадарна за решавање на вакви комплексни прашања, кои во времето во кое живееме не би ни требало да се воопшто предмет на дискусија. Токму „македонскиот проблем“ го тестираше целосниот демократски капацитет на Унијата, за кој може да се констатира дека потфрли во манифестацијата на истиот, а нашиот „стратешки партнер“ од другата страна на барата се надмина себе си на сметка на една мала, мирна и дружељубива балканска земја. Но, по се изгледа, и во светот на политиката важи онаа народната: „кон луѓето треба да се поставиш како вистински гад, ако сакаш да те почитуваат“. Е тоа ние не го направивме како општество и држава?! А требаше!

Немањето на демократски капацитет на Унијата за решавање на вештачки создадениот македонски проблем, инициран токму од нејзините земји членки, притоа поставувајќи критериуми кои воопшто и не се „европски“, и се далеку од било какви  демократски вредности, со услови и задолженија невидени за ниедна земја кандидат која го поминала процесот на интеграција во Унијата досега, се сериозен аларм за постоење на загрижувачка криза на авторитетни политичари, какви што некогаш Унијата ги имала. Ќе бидам поконкретна, македонското прашање е само едно од низата сложени балкански предизвици за Унијата.

Далеку зад нас е ерата на Жан Моне, Жак Делор, Хелмут Кол, Ангела Меркел, Херман Ван Ромпуј и плејада државници, чии визии и можности беа далеку над капацитетите на сегашната европска политичка номенклатура, чија пак позадина и способности, особено за решавање на проблематични прашања се спорни. Проблемот на интеграцијата на Западен Балкан, а тука го истакнувам пред се политичкиот булинг врз Македонија, како и дозволата да се води уште една разорна војна на европскиот континент, ги потврдуваат ваквите ставови.

Свесни сме дека во текот на претходните децении од работата на Европската Унија, предизвиците најчесто биле поврзани со прашањата на економската интеграција, како што се воспоставувањето единствен пазар и заедничката валута. Иако отсекогаш постоеле политички тензии, авторитетот на ЕУ често бил зајакнат со нејзината улога во одржувањето на стабилноста и промовирањето на соработката во повоена Европа. Што не е случај денеска! Денес ситуацијата е драстично изменета поради низа фактори, притоа доведувајќи до појава на „криза на авторитетни фигури“ која пак се однесува на ситуација кога традиционалните извори на авторитет и лидерство во општеството се оспорени, поткопани или намалени. Ваквиот случај на „криза на авторитети“ е видлив речиси во  сите земји членки на Унијата, а за Македонија нема ни да говорам воопшто. Кај нас одамна авторитетите во политиката се изумрен вид?!

Нејсе! Во поново време, вклучувајќи го Брегзит, порастот на евроскептицизмот, миграциската криза и економските прашања, ја тестираа способноста на ЕУ да го задржи својот политички авторитет и единство, притоа соочувајќи се со предизвици поврзани со лидерството и појавата на силни политички фигури.

Националните лидери на земјите членки имаат значителна моќ и влијание во нивните земји, и тие честопати даваат приоритет на домашните проблеми, пред европските, што генерално претставува проблем. Ваквото политичко раслојување генерираа потешкотии во изнаоѓањето на потребниот консензус и координација за прашања ширум ЕУ, вкучувајќи го и процесот на проширување на земјите од Западен Балкан.

Падот на довербата во традиционалните институции, како што се владата, медиумите и верските организации, доведува до скептицизам кон личностите поврзани со овие институции. Скандалите, корупцијата, дезинформациите и предрасудите можат да придонесат во оваа ерозија на довербата. Појавата и развојот на дигиталната технологија и платформите за социјални медиуми го оспоруваат авторитетот на етаблираните личности и институции. Партиските поделби го отежнуваат општеството да се договори за проблематичните прашања. Скандалите или контроверзите, случаите на политичко неетичко однесување ја намалуваат довербата на јавноста, создавајќи прилично хаотична слика за општеството во кое живееме, каде што авторитетот повеќе не е она на кое сме навикнале.

Несомнено, живееме во интересни времиња, во кои работите кои сме ги спознале, се менуваат со брзина на светлината и ќе ни треба време за нештата да ги прифатиме како такви, веќе чим не сакаме да ги менуваме по наше?! За крај ќе се пошегувам бирократски:

Зошто политичар носи скала на состанок во ЕУ? Затоа што слушнал дека треба да се „искачи“ меѓу редови, за да го најде својот авторитет!

Related posts

Со Западот или против него, уште еднаш

admin

Владини фелери и опозициски блефери

admin

НЕМА КОНСЕНЗУС ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

ninja

Загрижувачкиот тренд на намален кредибилитет кај граѓанското општество во Северна Македонија

admin

За митот за „анти-македонскиот заговор“

admin

Вториот руски фронт во Европа

admin