Во рамките на истрагата за корупција во Белгија, уапсени се неколку лица. Меѓу нив се и потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили од Грција и поранешниот европратеник, Италијанецот Пјер-Антонио Панцери.
Европскиот парламент е во фокусот на опсежната истрага во Белгија за „корупција и перење пари“. Во рамки на истрагата уапсена е потпретседателката на Европскиот парламент, Ева Каили. Грчката политичарка веќе беше исклучена од нејзината партија Панхеленско социјалистичко движење (ПАСОК) во четвртокот вечер. Пратеничкиот клуб на социјалдемократите во Европскиот парламент, исто така, донесе одлука за нејзино исклучување.
Од годинава, Каили е една од 14 потпретседателки на Европскиот парламент, во кој пратеничката е од 2014 година. Според наводите на белгиското државно обвинителство истрагата се води против наводна криминална организација, обиди на една земја од Заливот да влијае на економските и на политичките одлуки на Европскиот парламент, како и за наводите за корупција и перење пари. Извршени се 16 претреси и пет апсења. Меѓу другото, одземени се и 600.000 евра во готовина, како и мобилни телефони.
Во аферата, наводно, е вмешан Катар
Веќе неколку месеци постои сомнеж дека една заливска држава се обидува да влијае на политичките и економските одлуки на Европскиот парламент. Според сознанијата на весниците „Ле Соир“ и „Кнак“ станува збор за Катар, но тоа сѐ уште не е официјално потврдено. Се сомнева дека на лицата во парламентот, кои се на политички или на настратешки функции им се поделени значителни суми пари или други подароци.
Каили, една од потпретседателките на парламентот, која е сега уапсена, на 21 ноември во Европскиот парламент одржа говор за актуелното Светско првенство во Катар. Овој спортски настан го опиша како доказ дека „спортската дипломатија може да донесе историска промена во земјата чии реформи го инспирираа арапскиот свет“. Таа рече и оти Катар е пионер кога се во прашање работничките права. Каили порано се сретна со катарскиот министер за труд, Самил ал Мари, напиша на Твитер катарскиот амбасадор во ЕУ, Кристијан Тудор.
Меѓу приведените, според наводите на медиумите, се и поранешниот европски пратеник социјалдемократот Пјер-Антонио Панцери, новоизбраниот генерален секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати Лука Висентини, како и еден директор на една невладина организација и еден асистент во Европскиот парламент.
Од службата за соработка со медиумите во Европскиот парламент не сакаа да ја коментираат рацијата поради истрагата која е во тек. Одговорија само дека оваа служба во целост соработува со белгиската полиција.