7.8 C
Скопје
27 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

РЕФОРМА НА ДАНОЧНИОТ СИСТЕМ БЕЗ ПРОГРЕСИВНО ОДАНОЧУВАЊЕ

Владата најави поправеден даночен систем. Хонорарците доброволно ќе плаќаат придонеси, а се размислува и за данок на екстра профит за големите компании.

Нема нови даноци, а се укинува и концептот за прогресивното оданочување којшто требаше да стартува од 1 јануари. По реакциите на граѓаните и бизнис заедницата, премиерот Димитар Ковачевски денеска го најави новиот концепт на даночна реформа кој ќе стартува идната година, а во кој ќе бидат изоставени неколку предлози коишто наидоа на неодобрување во јавноста. Ковачевски најави поправеден даночен систем и еднаков третман на сите даночни обврзници, но и данок на екстра профит за големите компании.

Па така, според најавите на премиерот, данокот на личен доход останува со единствена стапка од 10 проценти и нема да се оданочуваат каматите на депозитите на штедни влогови. Данокот на добивка останува 10 проценти, а данокот на додадена вредност останува 18 проценти. Хонорарците ќе имаат можност доброволно да си плаќаат придонеси за пензиско и здравствено осигурување. За таа цел ќе биде воспоставена дигитална платформа на која што ќе можат да го одберат моделот за плаќање кој највеќе им одговара. Ваквата можност досега ја немаше во земјата, со што надлежните сметаат дека ќе биде големо олеснување за оние кои што немаат постојано вработување.

Праведен систем 

„Зборот праведност е клучен во даночната реформа. Таа треба да обезбеди даночен систем кој ќе биде ефикасен, праведен, со поголема транспарентност и со нагласена борба против сивата економија. Истовремено ќе имаме и зелено оданочување“, најави премиерот.

Овој нов концепт, според Владата, значи ревидирање на даночните ослободувања, проширување на даночната основа и крајно сузбивање на неформалната економија. Со ова, резултатот од новиот концепт ќе биде одржливи и повисоки стапки на економски раст, но и транспарентно управување со јавните финансии што е особено важен услов во оваа најголема економска криза, порачаа на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Во однос на данокот на добивка, доколку добивката не се реинвестира, а тоа се искористи како даночно ослободување, ќе се применат многу високи казни, за да се избегнат злоупотребите.

Викенд без ДДВ 

Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вели дека се размислува да се воведе викенд без ДДВ кој ќе важи само за прехранбените производи и кој би се спровел во текот на една или две недели за време на празници.

Фатмир Бесими
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, вели дека се размислува да се воведе викенд без ДДВФотографија: Finanzministerium Nordmazedonien

„Сакаме да им дадеме можност пред се за граѓаните со понизок социјален стандард за време на празниците да си дозволат да слават, а да не плаќаат данок. Мислам дека како општество можеме да си го дозволиме тоа“, рече Бесими.

Исто така се размислува и за одданочување на екстра профитот што го остваруваат некои големи компании. Ваквата идеја произлегла од јавните дебати што беа организирани во изминатиот период за концептот на даночната реформа но, за ова најави дека ќе се разговара со бизнис заедницата со цел да се изнајде најсоодветното решение.

„Направивме симулации. Ако таква мерка се применеше за 2021 година во Буџетот ќе имавме инкасирано 50 милиони евра за оваа година. Ќе следи јавна и интензивна дебата со јавноста и бизнис заедницата дали кај нас има услови тоа да го направиме“, вели Бесими.

Related posts

Инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан е условен со реформи

admin

Израелско-палестинската војна може дополнително да ја тестира надворешната политика на ЕУ

admin

Катица Јанева и Стевче Јакимовски ставени на “црната листа” на САД

admin

Американската дипломатија поубедителна од европската?

admin

Интегрален текст на Манифестот за ЕУ: Собранието да ги усвои уставните измени

admin

Се зголемува бројот на регистрирани компании, вработиле околу 12 илјади лица, 76.4% припаѓаат на услужните дејности

admin