ВМРО-ДПМНЕ најави херојска стража на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари. Организаторите на групата на граѓани од Бугарија кои сакаат да дојдат на чествувањето, повикаа тоа да е мирно и Бугарите да не одговараат на провокации. Скопје и Софија в понеделник треба да ги договорат активностите за роденденот на Делчев.
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ најавува стража на гробот на револуционерот Гоце Делчев на 4 февруари, денот кога се одбележува неговиот роденден. Најавите за „херојска стража и целодневно присуство на гробот“, доаѓаат во пресрет на средбата закажана за в понеделник во Скопје, на која македонските и бугарските власти треба да ги договорат активностите за одбележување на датумот.
Претседателот на државата Стево Пендаровски претходно оцени дека чествувањето на Гоце Делчев во Скопје на 4 февруари е настан од висок безбедносен ризик.
Патриотскиот институт „Гоце Делчев“, тело во склоп на ВМРО-ДПМНЕ, по одржаниот состанок на 28 јануари, најави дека на денот на роденденот на Делчев, цел ден ќе стражарат на гробот кој се наоѓа во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
„Ги повикуваме сите граѓани почитувачи на делото на Делчев да изразиме заедничка мирна и достоинствена почит кон великанот“, изјави Александар Пандов од Патриотскиот институт на 28 јануари пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
На 4 февруари, кога се одбележува 151-годишнина од раѓањето на револуционерот Гоце Делчев, е најавено доаѓање на поголема група бугарски граѓани во Скопје.
Да не се подлегнува на провокации повикува бугарската фондација „Македонија“
Виктор Стојанов, од бугарската фондација „Македонија“, која повикува на доаѓање во Скопје на годишнината на Делчев, вчера на својот Фејсбук профил ја најави агендата и повика „положување цвеќиња и венци – тивко, мирно, без провокации и одговарање на провокации. “
За организираното доаѓање на настанот ќе го информираат и Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, пишува Стојанов, на својот Фејсбук профил.
Тој повикува полицијата да обезбеди ред и мир, а сите Бугари кои ќе им се приклучат да не подлегнуваат на провокации.
МВР формира посебен штаб за чествувањето на Делчев
Премиерот на Македонија Димитар Ковачевски синоќа во емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија, изјави дека МВР ќе направи одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев да мине мирно и достоинствено.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера апелираше на мирно и достоинствено чествување.
„МВР и безбедносните служби се тука да направат се и да обезбедат мирни услови“, рече Спасовски, најавувајќи дека имаат секојдневни активности МВР и агенциите и дека се формира посебен штаб за оваа активност.
На темата како да се гарантира мирно и безбедно одбележување на 4 февруари, в понеделник на 30 јануари во Скопје ќе разговараат македонскиот премиер Димитар Ковачевски и вршителот на должноста вицепремиер и министер за внатрешни работи на Бугарија Иван Демерџиев и претседателот на државната агенција „Национална безбедност“ Пламен Тончев. Тие треба да ги прецизираат заедничките активности.
Односите меѓу Македонија и Бугарија се напнати во изминатите повеќе од две години, откако Софија започна со блокада на македонските евроинтеграции во 2019 година поради историски, јазичен и идентитетски спор.
Блокадата делумно се надмина летоска и преговорите на земјава со ЕУ почнаа, но Бугарија го условува отворањето на поглавјата со внесување на Бугарите во македонскиот Устав, за што во моментов го нема потребното двотретинско мнозинство.
Односите меѓу Македонија и Бугарија, повторно станаа „жешка“ тема, откако минатата недела беше претепан Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид. По овој настан, но и по изјавите на бугарскиот европратеник Александар Џамбаски дека „Македонија е бугарска“, се затегнаа односите меѓу Скопје и Софија.
Бугарија на 25 јануари соопшти дека е повлечен на неодредено време амбасадор од Скопје и се закани со можно ново вето на македонските евроинтеграции.
Министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи во интервју за Радио Слободна Европа рече дека доколку повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Македонија е поврзано со инцидентот кој се случи во Охрид, тоа би го сметал за диспропорционална акција. Тој вели дека за овој настан државата ги презеде сите можни мерки, ги идентификуваше сторителите, еден е во притвор, а државниот врв го осуди.
Борисов – Некој многу сака Бугарија да стави вето на македонските евроинтеграции
Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов на денешната прес-конференција на неговата партија ГЕРБ изјави дека Бугарија ќе инсистира да се најдат виновниците за претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ од Охрид Христијан Пендиков и да бидат изведени пред суд и оцени дека ова „ги поткопува огромните напори што ги направивме Северна Македонија и Албанија да одат по патот на Европската унија“.
Борисов рече дека Македонија не ги внела во Уставот работите важни за Бугарија и не ги заштитила Бугарите од агресија. Тој ја обвини бугарската влада за дипломатско незнаење. Важните теми ги ставија под тепих што доведе до ескалирање на односите меѓу двете земји, рече тој. Поранешниот бугарски премиер вели дека „некој многу сака Бугарија да стави вето“ на македонските евроинтеграции.
„Таков акт како претепувањето на Бугарин ја става јавноста целосно на страна на претепаниот човек и може да не одведе во друга насока која целосно му оди во корист на Путин и неговите геостратешки планови за Балканот“, рече Борисов.
„Овде гледам обид за враќање на Северна Македонија под руско влијание, намерно, и тоа се прави многу активно. Во никој случај не треба да бидете заведени. Најдоброто нешто за Бугарија е Северна Македонија и Албанија да бидат во Европската Унија и НАТО“, рече Борисов.
Во исто време бугарските медиуми јавија дека собраниската Комисија за надворешни работи во Бугарското собрание усвоила Декларација со осуда за „актите на насилство врз Бугарите, нивните клубови и организации“, во која се осудува насилството врз Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Македонија, Цар Борис Трети.
Во Декларацијата, која треба да биде ставена на гласање на пленарна седница во Парламентот се повикуваат властите во Северна Македонија да преземат мерки против говорот на омраза против бугарските граѓани и граѓаните со бугарски идентитет. Во неа изразува и загриженост дека може да ескалира антибугарската кампања во РСМ со што би се загрозил процесот на вклучување на Бугарите во Уставот. Промената на Уставот е потреба за Македонија да го продолжи евроинтегративниот процес.
Македонија и Бугарија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, пријателство и соработка. И покрај тоа, Бугарија во 2019 година стави вето Скопје да ги почне преговорите со Европската унија.
Минатото лето Бугарија, како и Македонија, го усвоија таканаречениот француски предлог и Софија го укина ветото за почеток на преговорите за влез на Северна Македонија во Европската унија (ЕУ).
За да почне отворањето на поглавјата со ЕУ како услов остана промена на Уставот на Македонија за да бидат вметнати Бугарите во Преамбулата. Во Македонија имаше протести поради усвојувањето на францускиот предлог.
Во меѓувреме, тензиите беа разгорувани со отворањето на бугарските клубови во Македонија и македонскиот клуб во Бугарија.