2 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ЕЛЕКТРОНСКИТЕ СМЕТКИ ЗА ВОДА ВО РАЦЕТЕ НА ФИРМА БЕЗ ИСКУСТВО

Електронската наплата на сметките за вода од скопскиот регион сега е во рацете на фирма која е основана само 4 дена по назначувањето на сега веќе разрешениот в.д. директор Марјанчо Митовски. Тој го потпишал договорот за јавната набавка, а по разрешувањето останува како втор човек во Водовод.

Нова фирма чија основна дејност се интернет портали, ама нема своја веб страница, го доби тендерот за системот за електронска наплата за сметки во скопскиот Водовод. Иако е стара само два месеци, таа победи во трката со компании кои со години работат на софтверски решенија за државни институции.

Тендерот од 18 илјади евра, за одржувањето на системот за електронска наплата на сметки на „Водовод и Канализација“- Скопје, го доби фирмата „Кликмедиа 101“ . Таа е основана четири дена по назначувањето за в.д. директор на јавното претпријатие Марјанчо Митовски. Електронскиот систем за наплата на сметките за вода го користат над 50 илјади корисници на услугите на скопскиот „Водовод“.

Митовски на директорското столче седна на 12 септември кога од него стана Златко Перински по јавната кавга со скопската градоначалничка Данела Арсовска поради, според неа, спорниот тендер за „пречистителна станица“.

Според податоците од Централен регистар фирмата „Кликмедиа 101“ е основана четири дена по назначувањето на Митовски за в.д, директор на 16 септември минатата година, кој го потпишал договорот за јавната набавка. Митовски по разрешувањето од в.д. директор е назначен за технички директор, што според органомот на Водовод и Канализација значи дека е вториот човек во јавното претпријатие.

Овој тендер е прв и единствен регистриран на „Кликмедиа 101“ во Бирото за јавни набавки. Сопственик на оваа компанија е Драган Стефанов за кој во јавноста не се достапни повеќе информации.

На прашањето како успеала фирма без искуство и веб страница да добие јавна набавка за одржување на електронски систем за наплата, до објавувањето на овој текст одговори не добивме ниту од новиот в.д. директор на „Водовод и канализација“ Скопје Драган Илиевски, ниту пак од сопственикот на фирмата.

Според прирачникот за јавни набавки, една компанија за да може да учествува во системот и да добие тендер, потребно е да го прикаже своето претходно релевантно искуство во областа, а доколку нема такво тогаш како новоформирана фирма може да им се приклучи на поголеми и искусни фирми и да биде дел од група понудувачи, што во овој случај не е направено.

Дополнително според прирачникот, фирмите кои учествуваат во јавните набавки како услов за да ја добијат набавката треба да приложат и потврда од Управата за јавни приходи за платени даноци и придонеси од минатата година. Според документите од Бирото за јавни набавки „Кликмедиа 101“ доставила само потврда дека не е регистрирана за данок на додадена вредност, односно во изминатиот период не направила промет поголем од 2 милиони денари.

Дополнително овој документ од УЈП е изготвен 15 декември, десет дена подоцна од донесената одлука на Водовод и канализација со која нивната понуда е прифатена како најповолна.

За тендерот вреден 18 илјади евра во трка биле три компании, кои според податоците од Бирото за јавни набавки, имаат долгогодишно искуство со софтверски решенија за испитни центри и поставување на ИТ инфраструктура.

За оваа набавка на огласот се јавила и фирмата „Инфинити Енерџи и ИТСС“ која пред една недела доби тендер вреден речиси еден милион евра од Министерството за внатрешни работи. Само во изминативе две години оваа компанија наплатила 1,7 милиони евра од македонските институции за набавка на компјутерска опрема, софтвери и нивно одржување.

Според податоците на нивната веб страница, оваа фирма е дел од регионалната групација Инфинити интернешенел кога нуди услуги во делот на информатичката технологија, дигитализација и електро енергетика. Во своето портфолио за информатички комуникациски решенија ги посочува владините институции од регионот.

Втората фирма која конкурирала на тендерот е „САГА МК“ која е основана во 2009 година и дел од регионалната New Frontier Group. Таа го одржува националниот портал за е услуги и во изминативе две години е добитник на околу 30 тендери со вкупна вредност над 3 милиони евра.

Според извештаите на невладината организација Центар за граѓански комуникации, која се занимава со јавни набавки, еден од проблеми во овој сектор е нетранспарентниот однос на јавните претпријатија, особено на тие што се основaни од локалната самоуправа.

Низ призмата на компаниите кои учествуваат во јавните набавки, анкетата спроведена во февруари 2022 година од оваа невладина организација со 284 фирми, покажува дека за половина од фирмите, „најниската цена“ како критериум за избор е најчест проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. Според анкетата, речиси две третини од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите. И дури половина од нив сметаат дека има корупција во јавните набавки.

Недостаток на критериуми за доделена, но и контрола за спроведена јавна набавка, проблематични тендери, институции кои ги кршат законите како и сомнеж за проневерени пари се најчестите забелешки на државниот завод за ревизија и Комисијата за спречување на корупција. Челниците на овие две институции во изминативе години повикуваат и предупредуваат дека ретко која институција постапува по нивните забелешки.

Related posts

Путин им нареди на руските сили за нуклеарно одвраќање да бидат во состојба на подготвеност

ninja

Муслиу: С.Македонија не може да функсионира со влада без победничката партија кај Албанците

admin

Агелер: Од Софија слушнавме агресивен јазик без факти

admin

Последен ден на Ковачевски во премиерската фотелја

admin

Ковачевски: Добро е што опозицијата не е против уставните измени

admin

Русија најави нов прекин на огнот за нови евакуации на цивили од североисточна Украина

ninja