5.8 C
Скопје
12 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ЕУ ПОВИКУВА НА СМИРУВАЊЕ НА ТЕНЗИИТЕ МЕЃУ СОФИЈА И СКОПЈЕ

Евроамбасадорот Гир ги осуди изјавите на европратеникот Џамбаски со закани и територијални претензии. Главниот интерес на ЕУ е да продолжат преговорите по донесување на уставните измени и спроведување во пракса на реформите, велат извори од Унијата.

Неприфатливи се неодамнешните изјави на европратеникот од Бугарија Ангел Џамбаски со изразени територијални претензии и коментарите кои може да се интерпретираат како закани кон македонскиот претседател Стево Пендаровски, оценува евроамбасадорот во Скопје Дејвид Гир. Тој рече : „Да бидеме јасни, таквите изјави апсолутно не ги претставуваат ставовите ниту вредностите на ЕУ“ . Потсети и дека и Европскиот Парламент и бугарското Министерство за надворешни работи се оградија од таквите изјави.

„Неприфатливо е јавна личност да дава вакви забелешки за кој било, а камоли за демократски избран шеф на суверена држава“, вели Гир.

Ова се однесува на заканата од бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој вчера ја упати кон македонскиот претседател Стево Пендаровски како еден вид потсетување за тоа како завршиле во минатото сите оние кои се обиделе да им забранат влез на лидери на ВМРО. Но и на сите претходни негови изјави со кои се негира македонскиот идентитет и држава.

Претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност во понеделникот изјави дека структурите во Бугарија кои водат антидржавна кампања против Северна Македонија се поврзани со руската разузнавачка служба и дека ќе побара од Владата да им забрани на неколку бугарски државјани да влезат во земјата поради нивните постапки.

Европската унија повикува на смирување на тензиите меѓу Скопје и Софија, по вчерашната најава на Бугарија дека го повлекува својот амбасадор од Скопје. Во интерес на сите е двете влади да продолжат со разговори со ладна глава како и продолжување на спроведување на договорот за добрососедство од двете страни, со цел да се одбегне притисок од дискусии за историја, јазик или култура, кој би можел да се прелее врз преговарачкото портфолио, велат извори од ЕУ. Тие додаваат дека ги загрижуваат сите дејствија и изјави кои ги поткопуваат добрососедските односи меѓу Софија и Скопје, имајќи в предвид дека во изминативе недели односите имаат падови и подеми.

Напнатите односи меѓу Македонија и Бугарија деновиве се интензивираа, а ситуацијата е таква во изминатите две години, откако Софија ги блокираше македонските евроинтеграции поради историски, јазичен и идентитетски спор.

На прашањето дали Македонија воопшто ги започнала преговорите со ЕУ, имајќи ја в предвид последната изјава на бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков дека не можат да стават ново вето затоа што тие не се почнати, европските дипломати се децидни дека преговорите веќе се одвиваат со билатералниот скрининг кој не би можел воопшто да отпочне ако не се во тек преговори.

Според изворите од Брисел уставните измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата се избор кој треба да го направи државата, но тие се оптимисти дека во наредниот период односно до крајот на годината, кога треба да заврши билатералниот скрининг, ќе се постигне потребното двотретинско мнозинство за да се донесат.

Доколку се изгласаат уставните измени кои се дел од францускиот предлог за преговорите со ЕУ, преговорите по автоматизам продолжуваат без никаква потреба од дополнителна одлука од земјите членки на Унијата.

Критичен момент може да настане кон крајот на билатералниот скрининг само ако не се донесат уставните измени, тогаш логиката налага дека сепак преговарачкиот процес ќе застане таму, децидни се дипломатските извори.

Изјавите на многу политичари кои велат дека може да испреговараат поинакви услови се тешко уверливи за ЕУ.

Тензиите со дипломатските односи со Бугарија се високи, но ЕУ сака да се фокусира на долгорочната цел, а тоа да оценува според спроведеното од реформскиот процес. По однос на инцидентот во Охрид, каде што беше истепан граѓанин кој декларира како Бугарин, македонските институции реагираа соодветно и си ја завршија работата, а тоа е она што се бара од нив, посочуваат тие.

Според нив прашањето за уставните измени стана премногу политизирано во јавноста, и како што велат, се забележува многу токсична средина.

Во однос на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нивниот јавно искажан став дека нема да гласаат за уставните измени, извори од ЕУ велат дека се надеваат дека сите политичари со „ладна глава“ ќе водат разумна дискусија за да се има во фокус големата слика.

Јасно е дека ниту една никој не може да даде гаранции како што бара ВМРО-ДПМНЕ, дека нема да има дополнителни уцени од Бугарија за ново вето кога секоја земја членка има право на вето во одреден дел од пристапните преговори.

Во меѓувреме вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ е во Брисел каде што е во тек скринигот. По тензиите со Бугарија тој се сретнал со некоклку европски функционери, како еврокомесарот Вархеји и разговарале за настанатата ситуација. По средбата пак со бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук рече дека меѓусебната почит подеднакво се нужни и за земјите членки на ЕУ и за земјите кои се на пат да станат членки на ЕУ.

„ Знаеме дека секогаш ќе постојат фактори и од двете страни на границата, а и надвор од тие рамки кои сакаат инциденти, национализам, конфликти и враќање во минатото“, рекол Маричиќ на средбата, се вели во соопштението на Секретаријатот за европски прашања.

Европската Унија очекува до редовните парламентарни избори во 2024 година да се искористи во целост моментот кој придонесе за зголемен интерес за проширувањето на ЕУ со спроведување во пракса на предвидените реформи.

Дипломатските извори во Скопје укажуваат и на загриженост по последните поголеми коруптивни скандали во земјава. Точно ги посочија и најзгрижувачките афери, како што беа обуките за колнтролори на летање во М-НАВ, аферата со кандидатите за Академијата за обвинители и судии кои положиле правосуден испит без да ги дозавршат дипломските студии. Заради тоа имаат очекувања за видливи резултати од новоизбраниот шеф на Обвинителството за организиран криминал Ислам Абази.

Според нив слободата на медиумите се уште е прашање на кое мора да се работи и да им се овозможи на медиумите професионално да си ја вршат својата задача без притисоци и влијанија. Тие се загрижени и за партизираноста на јавната администрација и ја повикуваат опозицијата активно да се вклучи во реформите во сите сфери.

Related posts

Еден ден по средбата на Блинкен, Бајден го нарекува Кси Џипин диктатор

admin

Дали Мицкоски се среќава со Ахмети?

admin

Претседателски кандидати – кој колку троши на социјалните мрежи?

admin

По дијагнозата рак: Голема загриженост за кралот Чарлс Трети

admin

„Големото уво“ остана неказнето

admin

ДУИ ја анализираше нацрт-платформата на Вилијамс

admin