13.8 C
Скопје
2 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ГИР ГИ ОСУДИ ЗАКАНИТЕ КОН ПЕНДАРОВСКИ

ЕУ повикува на смирување на тензиите меѓу Скопје и Софија. Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска ја осуди изјавата на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, порачувајќи дека таквите ставови се неприфатливи и не ги одразуваат вредностите на ЕУ. Тој оцени дека изјавите на Џамбаски кон претседателот Стево Пендаровски изминатите денови може да се толкуваат како закана, но тоа апсолутно не го претставува ставот на ЕУ.

„Тоа не ги одразува вредностите на кои е основана ЕУ. Неприфатливо е јавна личност да дава вакви забелешки за кој било, а камоли за демократски избран шеф на држава на суверена држава“, се вели изјавата на евроамбасадорот Гир.

Во врска со неодамнешните изјави на европратеникот Џамбаски за територијални претензии, амбасадорот Гир потсети дека и Европскиот парламент и бугарското МНР се оградија од овие изјави. Тој потенцира дека таквите тврдења не ја претставуваат и не можат да ја претставуваат ЕУ.

Ваквите изјави следат откако бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, како реакција на најавите дека би можел да биде прогласен за персона нон грата во Скопје, индиректно му се закани на Пендаровски, потсетувајќи на атентатот на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ. Министерството за надворешни работи (МНР) остро ги осуди изјавите на европратеникот од Бугарија, Ангел Џамбаски, за што по дипломатски пат реагирале и до бугарското МНР. Тие најавија дека ќе бараат и Европскиот парламент (ЕП) да се огради од европратеникот, а на претседателот Пендаровски му препорачаа да реагира до бугарскиот колега Румен Радев.

Ангел Џамбаски
Заканите на Ангел Џамбаски ги кренаа институциите на нозеФотографија: Dwi Anoraganingrum/Geisler-Fotopress/picture alliance

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на билатерална средба со бугарскиот европратеник и известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, му порача дека соработката и меѓусебната почит како модели за успех еднакво се нужни и за земјите членки на ЕУ и за земјите што се на пат да станат членки на ЕУ. „Меѓусебното почитување и уважување изградено врз европски вредности е единствениот модел за успех за сегашните и идните генерации. Знаеме дека секогаш ќе постојат фактори и од двете страни на границата, а и надвор од тие рамки, кои сакаат инциденти, национализам, конфликти и враќање во минатото“, рече Маричиќ на средбата.

Добрососедските односи се клучни

Во контекст на заладувањето на односите со Бугарија и заострената реторика, извори од ЕУ посочуваат дека добрососедските односи се клучен дел од пристапните процеси и во тој контекст се очекува спроведување на билатералните договори како Преспанскиот и на Договорот за добрососедство во добра волја и од сите страни. Брисел не сака да увезува спорови, наведува агенцијата МИА.

И покрај загрижувачките изјави од некои поединци, кои ги поткопуваат добрите односи меѓу двете земји, и постигнатите добри резултати во однос на трговска размена, извори од ЕУ посочуваат дека во интерес на Бугарија и Северна Македонија е одржување на добрососедските односи и она што е важно, намалување на тензиите, а двете влади да продолжат да разговараат.

Северна Македонија ЕУ
Ставот на ЕУ е дека во интерес на Бугарија и Северна Македонија е одржување на добрососедски односи и намалување на тензиите меѓу двете земјиФотографија: picture-alliance/dpa/I. Bänsch

Северна Македонија ги почна пристапните преговори со ЕУ на 19 јули минатата година и во моментов во тек е билатералниот скрининг кој успешно се одвива и треба да заврши на крајот од годинава. За да продолжи втората фаза од пристапните преговори услов се уставните измени и секако прогрес во реформите. Според извори од ЕУ, ова е обврска која произлегува од билатералните разговори на земјата со Бугарија за вклучување на бугарската заедница во Уставот. Станува збор за суверен избор на земјата, а според досегашните примери Северна Македонија има силно досие во однос на меѓуетничките односи. Според европските извори, останува да се види дали ќе биде обезбедено потребното мнозинство во парламентот за уставни измени, а критичен момент ќе биде завршувањето на скринингот, на крајот на годинава. Доколку тоа не се случи, процесот ќе запре таму, предупредуваат од ЕУ.

Оптимизам 

Според нив, постои оптимизам за уставните измени. Можност да се создадат услови за поддршка на уставните измени се гледа пред се низ водење рационална дискусија со сите политички субјекти за тоа зошто се потребни измените на Уставот, што ќе донесат, какви импликации ќе имаат, а посебно во однос на стратешката цел на земјата за ЕУ членство.

Во однос на ставот на опозицијата која се противи на уставните измени во вакви услови и инсистира на добивање гаранции од ЕУ дека по нивното донесување нема да има нови блокади од Бугарија, според ЕУ извори тешко е да се замислат какви било гаранции кои би можела Унијата да ги даде дека во некоја точка од процесот на преговори нема да се појави ново вето. Но, потсетуваат и дека и Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен во Скопје силно се обврзале дека нема да се дозволи прашања поврзани со историјата, јазикот и идентитетот да бидат користени за да се запре прогресот на земјата. Додаваат дека постои голем интерес на ЕУ и земјите-членки да не се дозволи вакви прашања да станат дел од преговарачкиот процес.

Related posts

ИСЛАМ АБАЗИ: ЗАД МЕНЕ СТОИ ФЕЛАТА, А НЕ ПАРТИЈА

ninja

Обвинителство поднесе обвинение за Феникс, за спомениците од Скопје 2014

admin

ИЗБОРИТЕ ВО САД ОДЛУЧУВААТ ЗА ДЕМОКРАТИЈАТА ВО ЗЕМЈАТА

ninja

БОРЕЛ: ВУЧИЌ ГО ПРИФАТИ ПРЕДЛОГОТ НА ЕУ, НО НЕ И КУРТИ

ninja

Еурактив: Односите Софија-Скопје се влошуваат

admin

Истражување на „Фокус“: СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ прва кај Албанците

admin