Доколку сакаме да и се придружиме на заедницата на демократски држави кои не војуваат меѓу себе, ние на Балканот мораме да ги разоружаме нашите умови. За да го сториме тоа, политичарите мора да ги поведат своите народи преку границите на страв, омраза, нетолеранција, предрасуди и супремација кои што го вообликувале карактерот на балканските народи низ вековите.
Пишува: Денко Малески
Книгата која ја држев во моите раце во библиотеката на Универзитетот во Принстон тоја ден…, беше колекција на географски карти на Источна Европа низ вековите.
Држејќи ги листовите со палецот ги пуштив да паѓаат еден по еден со голема брзина. Одеднаш, овие навидум фиксирани граници на држави и нации оживеаја, движејќи се напред и назад, ширејќи се и стеснувајќи се, исчезнивајќи и одново појавувајќи се, онака како што паѓаа листовите и со нив вековите.
Со малку фантазија можев да ги замислам овие одливи и приливи на историјата во форма на освојувачки армии кои бришеле стари граници и воспоставувале нови. Можев да си замислам некои од нивните последици: судбини на тероризирани народи одделени од нивните сонародници или фатени во стапица во непријателски средини, ако биле доволно среќни да не бидат етнички исчистени. .
Тогаш моите мисли се насочија кон Балканот.
Се до крајот на дваесеттиот век, односите помеѓу балканските држави наликуваа на оние од познатиот опис на Хобс: држави како човечки тврдини, во став на гладијатори кои се демнат едни со други, со гарнизони и топови на нивните граници, перманентно шпионирајќи ги соседите и подготвувајќи се за војна. Моите први сеќавања за вакви граници ме враќаат во педесеттите, на патување со брод по Преспанското езеро. Еден униформиран човек од мал воен глисер, со машинка на неговото рамо, кој се обидуваше да се качи за да изврши инспекција на бродот, се лизна, машинката испука рафал и тој падна ранет. Тогаш, на седумгодишна возраст разбрав дека нашиот брод се доближил до некаква линија во водата наречена граница која што го раздвојува делот на езерото кој ни припаѓа нам од оној на Грција и на Албанија. Како што разбрав подоцна, луѓето во униформа сакале да се осигураат дека никој нема да помине на другата страна или, уште полошо, никој од таму да не влезе во нашата држава.
Признавам границата ми беше некако чудна затоа што немаше бодликав тел, тој симбол на границите од моето време. Фактот дека бодликав тел не можеше да биде поставен во водата, ја отежнуваше работата на униформираните луѓе, помислив гледајќи во едно буре обоено црвено кое што ја обележуваше границата, како весело потскокнува под ударот на секој нов бран.
Човекот во униформа сеуште лежеше ранет додека луѓето во паника се обидуваа да го префрлат на глисерот.
Првиот печат што овој настан го стави во мојот детски ум беше чувството на страв: границите беа линии на одбрана од нашите непријатели, соседите, каде што можеше да се загине. Тогаш не знаев дека едно долго историско наследство на страв и недоверба кое ги раздвојува луѓето на Балканот, не само географски туку и емоционално, остави лузна врз мојот ум.
Како што растев, учев и за другите емоционални граници кои ги мачат срцата и умовите на народите на Балканот: омразата, нетолеранцијата, предрасудите, супремацијата… Тоа се границите на нашите умови кои ги предизвикаа последните балкански војни во поранешна Југославија на крајот од дваесеттиот век и кои се во коренот на многу наши недоразбирања и конфликти денес…
Имено, демократијата, во својата најдлабока суштина е состојба на умот на луѓето, па така, во нашиот балкански случај, демократијата даде легитимитет на политика која што извираше од умови загадени со историја на омраза, нетолеранција, предрасуди и супремација…
Доколку сакаме да и се придружиме на заедницата на демократски држави кои не војуваат меѓу себе, ние на Балканот мораме да ги разоружаме нашите умови. За да го сториме тоа, политичарите мора да ги поведат своите народи преку границите на страв, омраза, нетолеранција, предрасуди и супремација кои што го вообликувале карактерот на балканските народи низ вековите.
„Карактерот е судбина“, деновиве прочитав цитат од Хераклит во „Њујоирк тајмс“. Под цитатот имаше едноставен коментар на читател кој напишал: „Карактерот на една нација не е само карактерот на нејзините граѓани туку е вообликуван од нејзините водачи“. Зошто недостасува водство кое што би го вообличило новиот карактер на нациите на Балканот? Па, заради границите на нашите умови. Имено, таквото водство бара од политичарите да му се спротистават на јавното мислење ризикувајќи да бидат наречени предавници, а бидејќи политичарите сакаат да бидат херои и да победат на избори, побезбедно е , експлоатирајќи ги стравовите на луѓето, да имаат непријатели врз кои ќе ја префрлат вината.
Некој, на крајот од поемата на Константин Кавафи, слушајќи ги гласниците кои дојавале од границите за да ги информираат уплашените луѓе во градот дека нема повеќе варвари, со жалење мрмори:„Штета, тие беа некакво решение“. Никогаш не сум размислувал кој би можел да биде тој човек. Сега сум сигурен: тој бил политичар…
(Фрагменти од текстот „Границите на нашите умови“, објавен 2008 во „New Balkan Politics “, Skopje, „Корени“, Куманово, „Пешчаник“, Белград, „ Eurozine “, Виена)