4.8 C
Скопје
21 февруари, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ДУИ СЕ НАДЕВА НА „ДВА ВО ЕДЕН“ ПРОТИВ СПОРТСКИТЕ ОБЛОЖУВАЛНИЦИ

Владата предлага спортските обложувалници и автомат-клубовите да не смеат да бидат поблиску од 500 метри до училиштата. Сличен предлог имаше ДУИ во 2018, но не помина. Во Асоцијацијата на спортски обложувалници реагираа дека ваков закон само ќе им го уништи бизнисот, илјадници луѓе ќе останат без работа, владата ќе остане без милионски приходи, а ќе се појават диви обложувалници.

Пратениците на ДУИ се надеваат на пресврт во обидот да ги тргнат казината и обложувалниците од близина на училиштата, или со обложувачкиот жаргон – очекуваат „два во еден“, откако првиот обид од 2018 не им успеа. Сега, зад предлогот застана целата влада.

На вчерашната седница, владата ги утврди Предлог-измените на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, предложен од Министерството за финансии, според кој автомат-клубовите и спортските обложувалници нема да смеат да бидат на оддалеченост помала од 500 метри од основните и средни училишта. Според владата, ова се прави за заштита на младата популација. Со измените исто така се зголемуваат надоместоците за лиценци за игри на среќа.

Ако се усвојат измените на законот за игри на среќа и забавни игри, обложувалниците и автомат клубовите ќе мора да се селат.

Во Асоцијацијата на спортски обложувалници реагираа дека ваков закон само ќе им го уништи бизнисот, илјадници луѓе ќе останат без работа, владата ќе остане без милионски приходи, а ќе се појават диви обложувалници. Тие побараа средба со владата и предупредија дека ќе преземат радикални чекори со масовни протести на вработените.

„Тоа де факто значи гаснење на индустријата, оставање на околу 10 илјади вработени на улица и оставање отворени врати за диви обложувалници и сива економија. Прашуваме – кој има интерес од ваков закон и зошто воопшто се предлага“, реагираше денеска Васко Илијевски, претставник на Асоцијацијата, .

Граѓаните кои ги анкетиравме во Скопје велат дека таквите објекти треба да бидат подалеку од децата, но од друга страна се загрижени затоа што тоа е многу доходовен бизнис.

„Кога се во прашање децата се согласувам, нормално. Децата уште како мали се со комар, ама од друга страна државата многу данок зема од таму. Сега не знам.“

„Не 500, туку 1000 метри, понастрана од децата“, велат анкетираните.

Мапа на Скопје, 500 метри околу училиштата, детските градинки и универзитетите
Мапа на Скопје, 500 метри околу училиштата, детските градинки и универзитетите

Со оглед на тоа што во речиси секоја населба има по некое училиште, обложувалниците ќе мора да се селат на периферијата на градовите. На пример, ако во Скопје се исцртаат кругови со радиус од 500 метри околу секое училиште, остануваат индустриските зони на периферијата на градот, Градскиот парк, Зајчев рид и погорните населби на падините на Водно. Низ урбаниот дел можеби ќе останат по некои „џебови“ оддалечени повеќе од 500 метри од некое училиште, кои ќе може да се претворат во локален Лас Вегас.

Пратениците Ејуп Алими и Реџаил Исмаили од ДУИ во 2018 година поднесоа предлог-закон со кој казината, автомат-клубовите и обложувалниците нема да смеат да бидат на 500 метри до факултети, училишта, градинки, библиотеки, институти, домови за згрижување деца и слични установи. Тогаш немаа поддршка од коалициониот партнер СДСМ, па законот не ни ја помина Комисијата за финансирање и буџет. Исмаили, кој сега е државен секретар во Министерството за земјоделство, e задоволен што предлогот сега има поддршка од целата влада.

„Минатиот пат проблемот беше што немаше 61 пратеници за да помине. Освен ДУИ, ниедна од политичките партии не го прифаќаше предлогот. Тој предлог во претходниот мандат не помина во Собрание, се надевам дека сега истиот тој предлог, во влада е поминат, и се надевам дека ќе помине и во Собрание“, вели Исмаили.

Во Алијанса за Албанците во овој момент не може да кажат дали ќе гласаат за законот, но велат дека го поддржуваат секој предлог кој го ублажува проблемот. Тие исто така имаат свој предлог дека обложувалници, автомат-клубови и казина може да има само во хотели со 5 ѕвезди, а не на секој ќош.

Во ВМРО-ДПМНЕ не ни одговорија дали го поддржуваат предлогот.

Македонската православна црква и Исламска верска заедница уште во 2018 година го поддржа предлогот да се тргнат обложувалниците од близина на училиштата.

СДСМ тогаш не го поддржа предлогот на пратениците од ДУИ зашто не беа убедени дека тоа ќе го реши проблемот, а нагласија дека во секторот игри на среќа работат околу 6 илјади луѓе.

Во игрите на среќа годишно се вртат стотици милиони евра, а владата инкасира стотина милиони евра во буџетот.

Иницијативата за оддалечување на коцкарниците и обложувалниците од населените места потекна од Тетово каде што беа одржани неколку протести.

Владата наплаќа десетици милиони евра од бизнисот со игри на среќа

Обложувалниците и автомат-клубовите вртат по стотици милиони евра годишно и плаќаат данок од десетици милиони евра. Во 2017 година, граѓаните во обложувалниците уплатиле скоро 200 милиони евра, а добиле 156 милиони евра. Од тие пари, УЈП наплатила 38 милиони евра персонален данок за исплата на добивка.

Дополнително, автомат-клубовите, обложувалниците и казината имаат обврска да ѝ платат на државата 23 отсто од разликата меѓу уплатите и исплатите. Од овие пари се финансираат и инвалидските организации, здруженијата за борба со семејното насилство, Црвениот крст, Агенцијата за спорт и млади и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Министерството за финансии има издадено 28 лиценци за автомат клубови, 8 лиценци за спортски обложувалници и 6 лиценци за казино.

Секоја од овие фирми може да отвори по повеќе објекти. Со една лиценца може да се отворат до 25 обложувалници. Исто така, може да се отворат повеќе автомат-клубови.

Државата има издадено лиценца за 996 автомати за игри на среќа и 29 електронски рулети во автомат-клубовите и уште 1390 дозволи за автомати и 7 електронски рулети во казината. Во казината има дозволи за поставување на 24 маси за рулет и уште 38 други маси за коцкање.

За секој поставен автомат, фирмите плаќаат по 375 евра месечно, 675 евра месечно за електронски рулет, а казината плаќаат 3000 евра месечно за рулет маса и 1725 евра за другите маси.

Тоа значи дека само по овој основ, државата месечно инкасира по над 1 милион евра за лиценци за автомати и маси за коцкање.

Дополнително, тригодишна лиценца за обложувалница е 105 илјади евра, односно 35 илјади евра годишно, шестгодишна лиценца за казино е 600 илјади евра, односно 100 илјади евра годишно, а шестгодишна лиценца за автомат-клуб е 78.750 евра, односно по над 13 илјади евра годишно. За вакви лиценци државата инкасира по уште 1,2 милиони евра годишно.

Тоа се вкупно 14 милиони евра годишно само за лиценци.

Асоцијацијата на спортски обложувалници вели дека само тие, преку разни давачки, директно или индиректно, придонесуваат со 250 милиони евра во буџетот.

Related posts

Ја нарече ДУИ “канцер”, Таравари доби понуда од Меџити

admin

Корупција: Добриот глас се шири брзо, лошиот уште побрзо

admin

За четири години 19 жени го загубиле животот главно од раката на своите партнери – Расте бројот на фемициди во Македонија

admin

Иран извршил воздушни напади во Ирак и во Сирија

admin

СРЕДБА ГРУБИ-АГЕЛЕР ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ, РЕФОРМИТЕ И ВЕТИНГОТ

ninja

Снимка од возилата на грабнувачите отвори нови прашања

admin