12.8 C
Скопје
14 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПАРЛАМЕНТАРНОТО МНОЗИНСТВО – ДВЕ НАПРЕД ЕДНО НАЗАД

Алијанса за Албанците влегува, Алтернатива излегува. Владејачкото мнозинство се зголемува, но неизвесно е за колку. Невообичаено, пратеници од владејачкото мнозинство да најавуваат дека ќе гласаат против реконструкцијата. ДУИ останува со едно министерско и едно заменичко место помалку.

Влезот на Алијанса за Албанците (АА) во Владата нема да го зголеми владејачкото мнозинство за колку што се очекуваше. АА во парламентарното мнозинство влегува со осуммина пратеници, но од владината коалиција излегоа најмалку тројца пратеници од Алтернатива, кои заминуваат во опозиција.

Со проширување на владината коалиција, премиерот Димитар Ковачевски очекуваше стабилизирање на тенкото мнозинство во Собранието. Тој најавува дека се прави европска коалиција за внесување на Бугарите во Уставот и откочување на евроинтеграциите, но двотретинско мнозинство за промена на Уставот не е можно без гласови од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Владината коалиција на СДСМ, ДУИ и Алтернатива досега броеше 64 пратеници во 120-члениот парламент. Со влезот на Алијанса за Албанците се добиваат плус осум пратеници, но излегуваат тројцата од Алтернатива.

Сепак, од реконструкцијата имаше незадоволство и кај дел од владејачката коалиција, па неизвесно е дали сите пратеници ќе гласаат за новата влада. Дури и да се одлучат да го поддржат новиот владин состав, незадоволството ќе остане.

Аналитичарот Александар Кржаловски вели дека реконструкцијата нема за многу да го зголеми владејачкото мнозинство, ако воопшто го зголеми. Единствена причина за реконструкцијата може да биде односнот кон „огнената група“ во ДУИ.

„Веројатно се прави обид да се неутрализира влијанието на таа или тие групи. дали ќе се постигне тој ефект, лично се сомневам и баш ќе биде интересно гласањето. Ако ги проверите гласањата на четирите седници од нова година наваму, на повеќето точки, иако имало мнозинство во Собранието од 61 пратеници, значи биле присутни и тие од „огнената група“, ама бројот на гласови за владините предлози не е поголем од 54“, вели тој.

Пратеникот Изет Меџити на ДУИ, кој е дел од таканаречената „огнена група“ во партијата, која е јавно незадоволна од вицепремиерот Артан Груби од нивната партија, рече дека нема да гласа за реконструкцијата. Дел од „огнените“ во Парламентот се и неговата сопартијка Мерита Колчи Коџаџику и пратеникот Катриот Реџепи, кој беше дел од пратеничката група на Беса, а потоа стана независен. Нивното незадоволство дополнително го зголемува смената на заменик министерот за одбрана Башким Хасани, на чие место треба да седне кадар од АА. Хасани исто така е дел од „огнената група“.

„Најверојатно, причината за моето разрешување е јасно искажаното незадоволство од првиот вицепремиер Артан Груби. Но, нема да побарам образложение од Ахмети“, изјави Хасани за 360 степени.

Изет Меџити, пратеник и потпретседател на ДУИ на средба со граѓани и поддржувачи во Студеничани, 7 јаунари 2023
Изет Меџити, пратеник и потпретседател на ДУИ на средба со граѓани и поддржувачи во Студеничани, 7 јаунари 2023

Пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива, сега делува како независен, и неизвесно е дали ќе го поддржи новото мнозинство. Енигма е што во предлогот за реконструкција, за смена не е предложен заменик министерот за култура Даим Лучи од Алтернатива. Медиумите пишуваат дека Лучи е близок до Реџепи, па Ковачевски на овој начин се обидува да го придобие неговиот глас.

Резерва за проширувањето на владејачката коалиција изрази и пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.

Уште кога беше најавен евентуален влез на Алијанса за Албанците во владата кон крајот на минатата година, анализиравме дека на овој начин СДСМ сака да го стабилизира мнозинството. Алијанса добива шанса внатрешно да се консолидира по промената на раководството, зашто Арбен Таравари беше избран за нов партиски лидер по оставката на Зијадин Села.

Аналитичарот Сефер Селими тогаш рече дека од позиција на власт АА ќе работи за подобро да се позиционира, особено во Тетово, најголемата и најважна општина за Албанците.

„Се покажа дека партиите [на Албанците], што подолго останат во опозиција, толку полесно ѝ е на ДУИ да ги совлада и да ги победи на избори. Тоа се случуваше и со ДПА низ годиниве“, вели Селими.

Премиерот Димитар Ковачевски разговараше со лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за евентуален влез на АА во Владата на 31 јануари 2023
Премиерот Димитар Ковачевски разговараше со лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари за евентуален влез на АА во Владата на 31 јануари 2023

Лидерот на ДУИ Али Ахмети се ослободува од притисокот на „огнената група“, а се зголемува притисокот врз опозициската ВМРО-ДПМНЕ која останува без силен сојузник во албанскиот политички блок.

Изет Меџити од ДУИ оцени дека реконструкцијата е потег за спас на вицепремиерот Артан Груби.

Аналитичарите не очекуваат опозициската партија Беса да ја искористи ситуацијата и многу да профитира од влегувањето на двете најголеми партии од албанскиот блок во владата.

ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени парламентарни избори.

Инаку, според предложената реконструкција, владата ќе има еден член помалку. На местото на досегашниот министер без ресор задолжен за дијаспора Џамаил Чупи од Алтернатива не е предложен друг член.

ДУИ останува со еден министер и еден заменик министер помалку од досега.

АА ги добива Министерствата за здравство и за информатичко општество и администрација, кои досега ги држеше Алтернатива. На местата на Беким Сали и Адмирим Алити ќе седнат Фатмир Меџити и Азир Алиу. СДСМ го отстапи Министерството за правда, па на местото на Никола Тупанчески ќе седне Кренар Лога. На таа сметка, ДУИ му го отстапи Министерството за животна средина на СДСМ, каде што на местото на Насер Нуредини треба да седне Каја Шукова.

Во новата влада, ДУИ ќе остане и со едно заменик министерско место помалку.

СДСМ менува кадар на заменичката позиција во Министерството за здравство.
Алијанса ќе добие две заменички места – во земјоделие наместо Алтернатива и за одбрана наместо ДУИ. СДСМ добива заменик во правда место ДУИ, а ДУИ за образование место Алтернатива./RSE

Related posts

Ескобар: Сакаме да бидете дел од ЕУ, не сум тука да вршам тортура врз некого

admin

СТУДЕНТСКИ ОБРОК: ДОБАР АДУТ ЗА ФАЛЕЊЕ ВО ОН, ЛОШ ЗА БУЏЕТОТ

ninja

Има ли владата план како да поминат уставните измени?

admin

Владата на тест: Претставата заврши или почнува?

admin

„Нема место за тебе во станот“ – Како да ги направиме девојките и жените посвесни за насилството

admin

Паричникот не им верува на изборните ветувања

admin