Лажни и измислени интервјуа со познати лекари на Интернет преку кои граѓаните се доведуваат во заблуда за да купат медицински препарати. Тројца лекари ги пријавиле злоупотребите, но МВР уште ги бара сторителите, а лажните реклами и натаму се објавуваат.
„Моментално постои само едно средство што избавува од паразитите. Тоа е антипараразитскиот лек “Паразол”. Клиничките испитувања покажаа извонредни резултати“, ова е една од рекламите за чај кој што се претставува како лек против паразити, а кој наводно го препорачува инфектологот д-р Вело Марковски.
Веб страницата на која што се продава чајот, фабрикувала цело интервју со докторот во кое наводно тој зборува за ефектите и го препорачува на лица кои што имаат проблеми со паразити. Во измисленото интервју со д-р Марковски се наведуваат и статистики за тоа колку луѓе умираат од паразити, па се потенцираат придобивките од препаратот, само за да се наведат граѓаните да го купат производот.
„Ниту некој ме контактирал, ниту некој ме прашал, а ниту пак некој сериозен доктор не би дал препорака за некаков препарат, бидејќи тие препарати бараат претходни испитувања, дали некој воопшто има паразит или нема за да прима лек, тие лекови се сериозни лекови, така што некој паушално да продава земајте таков лек, па уште го наплаќаат по високи цени, неколку злоупотреби се прават“, вели д-р Марковски.
Додава дека не само што било злоупотребено неговото име и фотографија, туку на овој начин се ставаат во ризик и граѓаните кои што се доведуваат во заблуда. За лажната реклама докторот дознал од негови пријатели, од кои што дел дури се излажале и го купиле чајот, мислејќи дека е препорачан токму од него.
„Многу луѓе и го купиле, бидејќи мислеле дека јас го рекламирам, па откако демантирав ми пишаа дека се излажале. Од друга страна остава простор некој да има несакани дејства, сериозно да му го наруши здравјето, значи влегуваме во нешто опасно“, предупредува доктор Марковски.
Случајот со д-р Марковски не е единствен. Претходно за реклама на истиот препарат беше злоупотребено и името на микробиологот д-р Никола Пановски, кој што исто така јавно реагираше дека огласите што се појавуваат на интернет и на социјалните мрежи, а во кои се вели дека тој промовира лек против паразити се лажни.
Докторот јавно кажа дека случајот го пријавил и во надлежните институции, но и покрај тоа препаратот продолжува и натаму да се рекламира по социјалните мрежи и на Интернет и се продава како „сигурен лек против паразити“.
Потребна е брза реакција од институциите
Според кривичниот законик, „тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.
Но и покрај тоа што дел од лекарите веќе пријавиле во надлежните институции, досега нема никаков епилог од пријавата. Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека до нив се доставени две пријави од доктори за залоупотреба на нивните лични податоци за лажни реклами во 2022, а годинава добиле уште една пријава од доктор.
„За добиените пријави од страна на Секторот за компјутерски
криминал и дигитална форензика поднесени се известување до
надлежното јавно обвинителство и се преземаат мерки и
активности со цел откривање на сторителите“, велат од МВР.
Од Агенцијата за заштита од лични податоци до објавата не добивме никакви одговори што може и презема Агенцијата во вакви случаи. И додека лажните реклами продолжуваат, од МВР апелираат граѓаните да внимаваат од каде купуваат препрати и порачуваат дека во случај на измама да пријават во Агенцијата за лекови, Пазарниот инспекторат или во полиција.
Опасни последици
Објавувањето на лажни информации и научни факти, ставањето изјава во погрешен контекст па се до брутално рекламирање, се само дел од негативните страни на дигиталниот маркетинг, вели комуникологот Бојан Кордалов.
Институциите во вакви случаи најаважно е да реагираат брзо и да ги отстранат ваквите реклами кои може да наштетат на граѓаните.
„Институциите крајно време е да прифатат дека во огромен дел од сообраќајот, комуникацијата и трансакциите што граѓаните ги прават се селат он-лајн, и тоа е во ред, но истовремено тоа треба да биде и аларм за многу поголема подготвеност кај институциите, капацитет и вештини за да се справат со ваквите појави. Ништо не е добро кога се злоупотребува, но злоупотребата и играњето со здравјето на луѓето е една од најтешките злоупотреби и една од оние кои најстрого се казнува“
Опасностите од дигиталниот маркетинг кога се користат вакви лажни изјави од доктори во последниов период станува се почеста појава кај нас, оценува Кордалов.
„Тешко е да се санкционира и криминалот, но тоа е задача на полицијата, така е и во овој случај, стручни луѓе треба да изградат механизми во соработка со други стручни институции од кои може да црпат искуство и ќе направат поорганизиран систем во кој што сето ова ќе биде брзо санкционирано, значи прво мора да се отстрани за што и социјалните медиуми тука може многу да помогнат, а второ мора да биде и санкционирано и да се пронајде кој тоа го прави“, вели Кордалов.
Лекарска комора предупредува граѓаните да внимаваат што купуваат
Во меѓувреме, лекарската комора излезе со предупредување до граѓаните да внимаваат какви препарати купуваат и дека ваквите производи може да содржат материи кои сериозно би наштетиле на нивното здравје.
„Дури и во случај кога препаратите не содржат штетни материи, со самото тоа што им се препишуваат лековити својства кои реално не ги поседуваат, граѓаните намерно се доведени во заблуда и со тоа се загрозува нивното здравје. Поради тоа, би ги посоветувале пациентите, кога одлучуваат да ја променат терапијата, да почнат нова или во постоечката да вклучат нов препарат, задолжително да се консултираат со својот матичен лекар или специјалист, “, предупредија од Лекарската комора.
Истовремено, од комората, бараат од надлежните институции сериозен пристап по поднесените кривични пријави и казни за овие случаи, со што би се заштитиле докторите и би се спречило повторување на овие случаи. Оттаму порачуваат дека недозволиво е овие случаи да се игнорираат и остануваат без правна разрешница.