2.8 C
Скопје
22 февруари, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ЈА ГУБИ ЛИ МАКЕДОНИЈА БОРБАТА ПРОТИВ РАКОТ?

Секоја година во земјава околу 6.000 луѓе во просек се дијагностицираат со рак, а ракот е и втора најчеста болест од која се умира во земјава. Пациентите во немилост заради игри со тендерите за набавка на лекови, државата го скрати буџетот за рано откривање на некои видови рак, а превентива – нема.

Недостиг од лекови, нередовна терапија, долги листи на чекање за термин, ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат пациентите со малигни заболувања во земјава.

Милица Кузмановска од здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања „Хема„ вели дека проблемите започнуваат уште кога треба да се закаже термин за преглед кај специјалист.

„Некогаш достапноста на термин за специјалистички преглед е возможна дури после еден месец, а некогаш е потребно и повеќе време и оние пациенти кои што може да си дозволат финансиски бараат решение во приватните болници, но зборувајќи за нашиот здравствен систем тоа не е решение“ вели Кузмановска.

Друг горчлив прболем за пациентите е и достапноста до терапијата. За разлика од европските земји, Македонија доцни со набавка и обезбедување на нови современи лекови за малигните заболувања, додава Кузмановска.

„Кај нас пациентите со карциноми најчесто се третираат со хемотерапии. Кога патуваме во странство на конгреси и едукации, таму се користат многу посовремени терапии, меѓу кои и имунотерапиите, за кои знаеме дека се навистина скапи, но државата треба да овозоможи средства за овие лекови, бидејќи со нивната примена за лекување на овие болести, многу чвечки животи би биле спасени бидејќи кај нас за жал пациентите се уште умираат од карциноми, што не е ист случај во другите современи и напредни држави“, вели таа.

Во цела Македонија само еден хемато-онколошки центар

Кузмановска како проблем го посочува и тоа што голем број пациенти од внатрешноста немаат онколошки центар близу местото на живеење, па така мора да патуваат во Скопје за да добијат преглед, консултација или терапија.

„Конкретно кога се зборува за пациенти со хематолошки малигнитети во нашата држава има само една клиника за хематологија која што се наоѓа во Скопје и пациентите кои што некогаш не се во состојба да патуваат приморани се за еден преглед, консултација или за примање на терапија да патуваат од местото каде што живеат во Скопје“, вели Кузмановска.

Ракот на дојка најчест карцином во земјава

Податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека во просек околу 6.000 лица годишно заболуваат од рак.

Д-р Вјоса Речица од ИЈЗ вели дека најчесто се дијагностицира ракот на дојка, потоа следи ракот на кожа, па ракот на бели дробови.

„Просечно во Република Северна Македонија за периодот од 2012-2021 има по 6.908 нови случаи годишно. Ова е просекот за 10 години. Односно, на 100. 000 жители има просечно по 333 заболени од рак. Притоа, 54,2% од случаите се мажи а 45,8 се жени. Прва причина за смрт кај мажите е ракот на белите дробови, а кај жени е ракот на дојка“, вели д-р Речица.

Во последниов период се бележи и пораст на ракот на панкреас, а меѓу најчестите видови на карцином кои се откриваат е и ракот на грло на матка. Дали и колку ваквите статистики треба да не загрижуваат?

Д-р Речица нагласува дека може и треба да се направи повеќе во делот на превентивата.

„Треба мултисекторски да се делува, може да се интервенира за да се подобрува ситуацијата. Мора да има поголема едукација бидејќи штета е она што е превентабилно да не се превенира“, вели докторката.

Државата крати од превентивните програми за рак

Невладините организации пак предупредуваат дека државата потрфла во превентивата. Борјан Павловски од здружението ЕССЕ вели дека опфатот на лица во програмите за скрининг е мал, што резултира со откривање на болеста во поодмината фаза.

„Организиран скрининг на пример е предвиден за рак на грло на матка и за рак на дојка. Ние редовно вршиме мониторинг како се спроведуваат. За жал со ракот на грло на матка пред пандемијата беа опфатени само 25% од жените што е многу низок опфат, во земјите на ЕУ опфатот е над 75%“, вели Павловски.

Истовремено вели државата наместо да го зголемува, крати од буџетот за овие скрининг програми. Според нивните податоци буџетот е скратен за околу 2 милиони денари.

„За жал во 2023 државата го намали буџетот на 23 милиони денари за цела програма за сите скрининзи. Ние имавме бројни реакции со други партнерски здруженија на граѓани, испративме и барања до пратениците во Собранието за да го зголемат буџетот за овие програми, но за жал ништо не се промени и состојбата се влоши, така што овој буџет е скратен, што значи опфатот или ќе остане ист или ќе се намалува и повторно ќе се соочуваме со овие негативни трендови“, нагласува Павловски.

Министерството за здравство пак вели дека обезбедените средства се доволни за реализација на предвидените програмски активности, а доколку има потреба ќе се побараат и дополнителни средства.

Се уште трае ревизијата на Клиниката за онкологија

Во меѓувреме на Клиниката за онкологија се уште трае државната ревизија за нејзиното работењето, откако во јавноста се појавија сомнежи за можно препродавање цитостатици на оваа Клиника.

Министерот за здравство Беким Сали испрати ревизија и побара оставка од директорот. Како причина го наведе долгот од 12 милиони евра на Клиниката, што ја става во топ 5 должници во земјава. Ревизијата е се уште во тек, а по нејзино завршување извештајот ќе биде јавно достапен, велат од министерството за здравство. Во меѓувреме со реконструкција на Владата во моментов нема министер во задравството.

Но проблемот со недостигот од лекови за пациентите со карцином останува. На луѓето чиј живот зависи од лековите, терапиите постојано им доцнат. Од министерството за здравство тврдат дека се работи на надминување на проблемите со тендерските постапки.

„За таа цел, веќе е формиран лекарски онколошки конзилиум, преку кој се вклучуваат пациентите со соодветна индикација за ваквата терапија. Конзилиумот се свикува, согласно потребите, најмалку еднаш неделно, како еден од начините за унапредување во овој сегмент и подобра покриеност на пациентите со терапија. Исто така, во тек е апдејтирање на онколошките протоколи за лекување, согласно медицина базирана на докази и актуелните можности во рамки на буџетот од Клиниката.“, велат од министерството.

Во моментов нема недостиг на некој цитостатик, но пациентите велат дека никогаш не е континуирана набавката и се јавуваат периоди кога го нема потребниот лек.

По срцевите удари, ракот, односно малигните болести се втората најчеста причина за смрт во земјава.

Related posts

ВУЧИЌ И КУРТИ ГО ПРИФАТИЛЕ ЕВРОПСКИОТ ПЛАН ЗА НОРМАЛИЗАЦИЈА

ninja

Нова пракса по измените на КЗ: Зошто застаруваат предмети?

admin

Маричиќ: Уставните измени се влог за нашето членство во ЕУ

admin

ДАУТИ УВЕРУВА: НЕМА ДА ИМА НЕДОСТИГ НА ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ

ninja

Продолжуваат неправилностите во болниците, Обвинителството со нов предмет

admin

ЕУ ќе и додели на Турција 400 милиони евра за санација на последиците од земјотресите

admin