10.8 C
Скопје
4 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Македонска шлаканица за американската „црна листа“

„Можеби и се неопходни промени на казнениот систем, но неказнивоста не е опција“, вели Мануел Сарацин. Кој сѐ ќе ги почувствува „благодетите“ од измените на Кривичниот законик?

 

Сашо Мијалков, Никола Груевски и Рамиз Мерко се дел од лицата на т.н. црна листа на САД кои ќе ги почувствуваат благодетите од минатонеделни измени на Кривичниот законик, кои покрај намалени казни ќе донесат и застарување нa повеќе судски предмети.

За потсетување – еден ден откако американското Министерство за финансии го стави на „црната листа“ на САД бизнисменот Јордан Камчев, американската амбасадорка во Скопје, Анџела Агелер, на прес-конференција (20-ти јули) говореше од каква важност за РСМ е справувањето со криминалот и корупцијата.

„За Северна Македонија да ги надмине предизвициите што следат и да ја исполни целта за просперитетна, продуктивна и ценета членка на ЕУ, коруцпијата не може туку така да минува. Корумпираните мора и ќе одговараат како што ова назначување и покажува“, рече амбасадорката на САД.

Таа истакна дека „интересно е да се види кои и какви чекори ќе следат“, алудирајќи на македонските надлежни институции.

„Ние бевме во можност да најдеме доволно докази, да утврдиме дека овие лица се одговорни, да ги повикаме на одговорност, и тоа го направивме преку собирање информации овде, во оваа земја… Не станува збор за информации што сме ги собрале во Вашингтон, што значи дека информациите биле достапни. Соработувавме со домашните институции за да ги развиеме овие случаи, исто како и нашите колеги во Вашингтон… Како, кога и дали ќе се реши да се проследат овие случаи зависи од домашните институции. Ние нема да дојдеме во Северна Македонија и некого да апсиме, или да почнеме случај против некого, но интересно е да се види кои и какви чекори ќе следат“, изјави Агелер.

Еден по еден тонат

Со минатонеделните измени на Кривичниот законик она што сигурно следи е застарување на повеќе судски предмети. Блупринт групата на граѓански организации која реагираше на измените, посочи дека тие ќе имаат влијание врз судбината на судските постапки иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство. Опасност од настапување на апсолутна застареност постои кај предметите Титаник, Таргет/Тврдина, ТНТ, Титаник 2, Трезор, Талир, Шпански скали и Траекторија.

Во три од нив е обвинет Груевски, а како што е познато, Титаник 2 е веќе завршена приказна за Мијалков – му застари делото за кое се гонеше. За него кон таков епилог одат и предметите „Трезор“, но и „Таргет- Тврдина“ (за масовното прислушување и уништување на опремата со која било извршено кривичното дело) кој беше капиталниот предмет заради кој беше формирано СЈО.

Токму на овие предмети се осврна холандскиот амбасадор во Скопје, Дирк Јан Коп, кога на крајот од мај отворено кажа дека единствената причина поради која Холандија се согласила со одлуката за почеток на пристапни преговори на РСМ со ЕУ, било гарантирањето дека ќе се процесуираат предметите на поранешното СЈО.

„Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители. Гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови, и да, тоа е многу загрижувачко, се натрупува едно по друго. И дозволете да ве потсетам, дека во февруари 2020 година кога Парламентот донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, случаите со масовното преслушување, тоа беше единствениот настан што направи мојата земја да се согласи за членство на Северна Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година. Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето „Темели“ кое прво се отвара, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме, е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој“, рече холандскиот амбасадор во интервју на РСЕ на крајот од мај.

Сарацин: Бев изненаден

Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин стигна во Скопје токму во екот на реакциите за измените на Кривичниот законик.Во синоќешното интервју на ТВ 21 тој рече дека е изненаден од нивното изгласување.

„Прво бев изненаден. Ова е голема работа. Ја направија ќутенката. Навистина многу се зачудивме. Потоа се потрудивме да го дознаеме вистинскиот контекст и да имаме основни познавања на темата. Искрено, се уште не сме изградиле мислење. ЕУ ќе сака да даде свое мислење оти Комисијата ги проверува и заштитува договорите. Но ова е голема работа. Многу случаи ќе се работат според новата легислатива. (…) Можеби и се неопходни промени на казнениот систем, но неказнивоста не е опција. Ако сакате да влезете во ЕУ по пат кој се коси со стандардите на ЕУ, тоа нема да заврши успешно“, рече Сарацин.

Мануел Сарацин на средби во Скопје
Мануел Сарацин: „Ако сакате да влезете во ЕУ по пат кој се коси со стандардите на ЕУ, тоа нема да заврши успешно“Фотографија: Fatos Musliu/DW

Тој изјави дека не знае дали законските измени се мотивирани од некаков договор.

„Ако навистина постоел таков договор нема да заврши успешно. Но не го знам тоа, слушам дека многу се зборува и за тоа кој го подготвувал. Разбирам зошто е голем интересот за оваа тема. Ние се изненадивме. Мислиме дека е сменет голем дел од законот. Не сме ја процениле ситуацијата сѐ уште. Јасно е дека ако ова го направиле со цел одредени злодела да бидат неказнети, тоа нема да биде добар чекор и ќе мора да биде поправен штом ќе почнат преговорите“, рече специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан.

Меѓу зборови и дела

Дали РСМ на ваков начин го ризикува и интеграцискиот пат кон ЕУ, но и стратешкото партнерство со САД – се главните прашања во јавноста. Само пред две недели заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар,на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски го исцрта профилот на земјите кои САД ги смета за партнери.

„САД ги гледаат како природни партнери оние што се посветени на европската интеграција, НАТО и на борбата против корупцијата“, порача Ескобар.

Габриел Ескобар во Скопје
Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар во Скопје упати јасни пораки, август 2023Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Македонските власти постијано тврдат дека работат за истата цел и го истакнуваат придонесот на САД за владеење на правото и борбата против корупцијата на криминалот.

„Придонесот на САД е огромен во делот на интензивирање на реформскиот процес за натамошна демократизација на нашето општество, владеење на правото, борба со корупција и криминал, што е значајно охрабрување во процесот на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ“, порача на 4-ти јули премиерот Ковачевски во во честитката за Денот на независноста на САД.

На 14-ти август министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на средба со амбасадорката на САД, Анџела Агелер, говорејќи за соработката во рамки на Стратешкиот дијалог „изрази благодарност за дополнителните средства во висина од 4.276.000 американски долари наменети за владеење на правото и спроведување на законите, што САД ги доделува започнувајќи од 2012 година“.

„Со САД како наш значаен стратешки партнер продолжуваме заеднички и посветено да работиме за забрзување на реформските процеси во земјава, при што високо ја цениме континуираната американска поддршка за справување со предизвиците и борбата против корупцијата“, изјави Османи.

Три недели потоа беа усвоени измени на Кривичниот законик. Со нив ќе се елиминираат и критиките кон судии кои во фиока по цела година држеле предмети со цел тие да застарат, бидејќи со усвоените измени тој процес ќе биде законски олеснет.

 

Извор: ДВ

Related posts

Тест за невиност за проценка на „моралот“

admin

КОИ СЕ СРПСКИТЕ ДОБРОВОЛЦИ „САВА“ И „ДУНАВ“ КОИ ВОЈУВААТ ВО УКРАИНА?

ninja

СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ ПОНЕЗАДОВОЛНИ ОД ЛАНИ

ninja

Путин вети дека ќе го победи Вагнер додека бунтовниците напредуваат кон Москва

admin

Забраната за влез на архимандрит – порака со повеќе значења

admin

„Кога мажот станува жена“ го преполни јавниот простор со поделби, говор на омраза и манипулација

admin