11.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ОДНОСОТ НА БУГАРИЈА КОН СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА Е НЕНАМЕРНА ПОСЛЕДИЦА ОД ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР, ВЕЛИ ГРЧКИОТ ПРАТЕНИК КЕРИДИС

Грчкиот пратеник од Нова Демократија Димитрис Керидис вели дека бугарскиот однос кон Северна Македонија е ненамерна, но очекувана последица од Преспанскиот договор.

„Искрено го предвидов ова. Можеше и требаше да се избегне. Одредбите од Договорот за националниот идентитет и јазикот беа во спротивност со историското разбирање на Грција и Бугарија. Но, за Грција, од неговата ратификација, Договорот стои и е правно обврзувачки. Ние сега сакаме да работиме на натамошно развивање на нашите односи во корист на мирот, стабилноста и просперитетот во нашиот регион, вклучително и зајакнување на европската ориентација на нашиот сосед “, рече Керидис за Гласот на Америка на македонски јазик.

Керидис, кој е член на парламентарниот комитет меѓу САД и Грција, вели дека Грција работи со бугарските пријатели да помогне во спорот меѓу Скопје и Софија.

„Мислам дека брзо ќе се најде решение. Грција отсекогаш ја поддржувала интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија. Ние сме близу до Северна Македонија. Сакаме да видиме развој надвор од моменталната тешка ситуација“, рече тој.

Според него, државите на Западен Балкан треба да имаат пристап до основните фондови на ЕУ под строги услови, иако не се членки на Унијата, бидејќи се лесен таргет на малигно влијание однадвор.

„Срамно е ЕУ да дозволи мало место, а толку блиску до дома, да биде отворено за вакви надворешни влијанија, токму поради вакуумот што го остава политиката на ЕУ во овој дел од светот. Затоа треба да бидеме поактивни за да избегнеме понатамошно мешање на надворешни фактори, не само Русија, туку и други земји“, смета Керидис.

Тој нагласи дека во регионот постои безбедносен ризик и поради тензиите меѓу Грција и Турција, како две членки на НАТО.

„Секое разгорување ќе има директни последици врз кохезијата на НАТО алијансата што очигледно би го направило господинот Путин многу среќен. Така што нашите пријатели и сојузници треба да обрнат внимание и на тоа. Очигледно, ние сме отворени за дијалог и за мирно решавање на спорот врз основа на законот за меѓународно право. Од друга страна, не можеме да дозволиме никакво доведување во прашање на нашите суверени права“.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос, пак, вели дека е загрижен што во спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија не се почитуваат интересите на двете страни, како што било случајот со Преспанскиот договор.

„Навистина сум загрижен што го гледам конфликтот меѓу Бугарија и Северна Македонија, бидејќи гледам дека не се следи духот на Договорот од Преспа, а кој е почитување на суштинските интереси на двете страни“, рече Катругалос за Гласот на Америка на македонски јазик.

На прашањето како го коментира барањето на Бугарија Северна Македонија да ги избрише од книгите по историја деловите каде се спомнува бугарски фашистички окупатор, тој рече:

„Кога станува збор за односот меѓу Бугарија и Северна Македонија, треба да има дух на отворен дијалог и почитување на историјата на другиот. Не можеме да ја негираме историјата и идентитетот на оној што е во дијалог со нас“.

Катругалос додаде дека поддршката на личности поврзани со фашистичкиот режим што се случува во последно време е против вредностите и принципите на Европа.

„Но, ова не се случува само на Балканот туку во другите делови на светот. Гледам сега почнаа да се поставуваат спомени на нацистички или пронацистички личности. Сметам дека тоа е нешто против европските вредности“.

Според него, важно е да се забрза европската интеграција на балканските држави за да не се пополни вакуумот од други сили, оти, вели тој, „ алтернативата ќе биде многу лоша за Балканот, не само за државите кои не се во ЕУ, туку за целиот регион, но и за самата Европа“.

Државниот секретар на САД Ентони Блинкен неделава беше во посета на Грција каде се сретна со премиерот Киријакос Мицотакис и грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендијас.

Во заедничкото соопштение што го објави Стејт департментот се вели дека „двете страни размениле мислења за унапредување на регионалната интеграција и безбедност во регионот на Западен Балкан каде Грција игра важна улога“.

Дендијас, исто така, рече дека со Блинкен разговарале за неопходноста да се одржи жив евроатланскиот курс на Западен Балкан.

„Го информирав Тони за напорите што Грција ги прави да избегне нова криза во нашиот регион. Го информирав и за случувањата во Егејското Море и Југоисточниот Медитеран“, соопшти Дендијас.

Пред посетата на Блинкен на Грција, помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Карен Донфрид, на прашање на Гласот на Америка на македонски за време на телефонски брифинг со новинарите, рече дека Грција е поддржувач на Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан во однос на нивниот стремеж кон евроатлантската иднина и барањата за членство во Европската Унија.

„Грција е наш ценет НАТО сојузник. Исто така, таа е клучна членка на Европската Унија. Видовме како Грција постојано игра улога во поддршката на проширувањето на Европската Унија пошироко на Балканот“, рече Донфрид./VOA

Related posts

Османи: Ризикуваме изолација како таа од 2006 до 2017 година

admin

СДСМ, ДУИ и Алијанса на три ума за една предизборна листа

admin

„Бум“ на економијата на ЕУ, продолжува нагорниот тренд на раст (инфографик)

admin

С.Македонија со најмал број на возила во споредба со ЕУ

admin

КУРТИ – РАЗГЛЕДУВАМЕ МОДЕЛИ ЗА ФОРМИРАЊЕ ЗАЕДНИЦА НА СРПСКИ ОПШТИНИ

ninja

Ирска, Данска и Луксембург со најголема куповна моќ, Романија, Бугарија и полска со најмала

admin