Директорски функции на јавни претпријатија загубари, клиники со милионски долгови и една богата државна фирма би требало да наследи новиот владин коалиционен партнер Алијанса за Албанците. Овие функции ќе ги задоволат партиски апетити , вели аналитичарот Сефер Селими.
Најновиот владин партнер, партијата Алијанса за Албаниците, освен што доби министерски и заменик-министерски места, своите членови и поддржувачи ќе ги смести и како директори. Како што дознава РСЕ од партиски извори, станува збор за над 30-тина нови директори во државни институции и јавни претпријатија.
Тие доаѓаа на места што ги напушти Алтернатива, откако си замина од Владата, но и на местата на поддржувачите на „огнените од ДУИ“.
Целиот список со договорени позиции партијата не го објави, но со јавноста сподели само дел од имињата. Од Алијанса за Албанците за РСЕ велат дека имињата на директорите на јавните претпријатија и институции ќе се објават откако ќе бидат избрани во Владата или надлежните министерства.
Според досега објавените информации новите директори ќе ги заземат „фотелји“ во поголем дел од презадолжените јавни претпријатија и институции кои до неодамна беа дел од скандали и погодни институции за партиски вработувања. МЕПСО, Пензиски фонд, Агенција за конфискација на имот, како и јавните претпријатија Македонска пошта, Национални шуми и дел од здравствените институции.
Секој сака да биде директор на МЕПСО
Алијанса ја доби и една од најбогатите институции во земјава каде што процечната плата е 1000 евра. Новиот директор, досегашниот пратеник Сурија Рашиди од својот претходник Орхан Муртезани од Алтернатива, наследува државна фирма без долгови. Тој неговата собраниска плата од 1200 евра ќе ја замени со директорската плата од 1700 евра.
Според податоците од Регулаторната комисија за енергетика фирмата со која ќе раководи Рашиди веќе има 50 вработени повеќе отколку што треба.
Државните компании, особено оние со повисоки плати, се посакувана дестинација за вработување на роднини на функционери. По секоја промена на власта, медиумите се полни со вести чиј син, сестра, баџанак или вујна се вработил во некоја државна компанија.
Пошта со години е во топ должници
Новата директорка на Македонска пошта досегашната заменичка градоначалничка на Град Скопје, Бујаре Абази ќе го замени актуелниот директор Васко Стефанов во јавното претпријатие кое со години е на листата на најзадолжени на Министерството за финансии.
Според последните податоци заклучно со септември 2022 година, ова јавно претпријатие должи 2,5 милиони евра. Абази ќе раководи со над 3000 вработени, кои неодамна протестираа поради нередовно исплаќање на плата и лоши услови за работа.
Инаку таа е и член на Советот на град Скопје од локалните избори во 2021 и потпретседателка на Алијанса за Албанците.
Алијанса со директорските места ќе компензира изгубени гласачи
Аналитичарот Сефер Селими смета дека влезот на Алијанса за Албанците во Владата носи ризик за партијата да загуби дел од своето гласачко тело. Но лидерот на партијата Арбен Таравари, тоа ќе си го компензира со новите директори и на тој начин ќе си ја наплати услугата што и ја направи на власта за зајакнатото пратеничко мнозинство.
„Тој влог на АА е претежно, освен декларативните изјави за поддржување на евроинтегративниот процес, беше како потреба за задоволување на партиските апетити на своите партиски поддржувачи и гласачи со тоа што е нормална пракса во нашиот политички систем преку клиентелизам. Сите овие претпријатија најверојатно ќе задоволат и ќе направат на некој начин терен за придобивање на што повеќе гласови на следните избори, кога и да се случат“, вели Селими.
Тој додава дека Таравари ќе му направи услуга и на коалициониот владин партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во неговата пресметка со таканаречената огнена група. Членови на ДУИ, дел од оваа фракција, со месеци бараат промени во партијата и ги обвинуваат министрите на ДУИ дека не ги исполните ветувањата дадени пред членството.
Од директорските места се менуваат и поддржувачи на „огнените “ од ДУИ. Селими вели дека тоа во јавноста остава впечаток дека ДУИ на ваков начин се справува со „непослушните“ во своите редови. Сигналот кој што се испраќа значи дека во брзо време не може да се очекува компромис на лидерот Али Ахмети и фракцијата која веќе две години покажува незадоволство од неговите политики, додава Селими.
Директори и на Фонд за пензиско и на неколку клиники
Со Фондот за пензиско осигурување би требало да раководи Арсим Хасани, кој наследува долг во институцијата во вредност од околу 400 илјади евра.
Во слична ситуација ќе бидат и неговите колеги кои ќе седнат на директорските столчиња во клиниките за неврологија, онкологија, дерматологија, гинекологија и офтамологија предложени се Висар Мифтари, Халид Матоши, Генц Селмани, Јетон Шаќири и Беким Татеши.
Тоа се клиники кои што според податоците на Министерството за финансии и истражувањето на РСЕ имаат блокирани сметки и долгови во вредност од 3,5 милиони евра (неврологија и гинекологија) до 12 милиони евра долг на онкологија. Дополнително во последната клиника поради сериозен скандал со цистостатици беше разрешен претходниот директор Нино Васев.
Алијанса за Албанците – ние не бегаме од проблемите
Од Алијанса на Албанците на прашањето на РСЕ како нивните нови директори планираат да ги избават од долгови државните фирми и институции со кои ќе раководат, велат дека се свесни за состојбата во сите институции за кои презеле одговорност да раководат.
„Како партија тоа го гледаме како предизвик на нашите заложби за справување со проблемите и нивни решавање, а не бегање од проблемите,“велат оттаму.
Миша Поповиќ од Институтот за демократија, кој со години ги следи реформите во јавниот сектор, неодамна за РСЕ, рече дека поставувањето на раководни позиции како резултат на коалициското договарање е сериозен проблем за доброто функционирање на земјава.
„Она што го гледаме како проблем, заради ширината на коалицијата денеска, е дека се повеќе се видливи тие договарања. Политичките партии прилично јавно настапуваат дека услов за влегување е и пристап до одредени позиции во службата и во таква ситуација успешен менаџер е повеќе случајност отколку правило, затоа што се бираат според партиски заслуги ,а не според вештините“, предупредува Поповиќ.
Влегувањето на Алијанса во коалиција со СДСМ и ДУИ, според властите е за окрупнување на „фронтот за ЕУ“, но и со пратениците на Алијанса владата го нема потребното двотретинско мнозинство за да ги изгласа уставните измени потребни за почнување на отворање на поглавјата со ЕУ.
Со реконструкцијата на Владата, Алијансата за Албанците ги доби и министерствата за правда, за здравство и за информатичко општество и администрација со кои раководат Кренар Лога, Фатмир Меџити и Азир Алиу. Кадри на Алијансата за Албанците се поставени и на заменичките места во Министерството за одбрана Тирон Јајага и заменик министер во Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство – Вјолца Бериша.