25.8 C
Скопје
5 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Нема план „Б“ ако амнестијата заглави во Собранието

Министерот Кренар Лога не планира за амнестијата да се послужи со европското знаменце ниту да бара решенија надвор од Собранието. Таму, пак, ВМРО-ДПМНЕ ќе го дочека со над 3.000 амандмани и ќе се обиде да ја спречи власта во намерата да се донесе ваков закон неколку месеци пред избори.

 

За една недела Предлог-законот за амнестија по скратена постапка ќе се најде на дневен ред пред пратениците, но прашање е дали тој воопшто ќе ги мине собраниските филтри ако се има предвид дека власта и опозицијата седницата ја очекуваат со непроменети ставови.

ВМРО-ДПМНЕ не отстапува од намерата за блокада. Власта, пак, се надева дека ќе успеат да пронајдат заеднички јазик и, барем од она што официјално го тврдат, нема да ја „заобиколува“ опозицијата и да го избегнува бојкотот со европско знаменце, инструмент кој ги става на брза лента дебатите за предложените закони и ја ограничува собраниската дискусија на максимум три дена.

Министерот за правда Кренар Лога од Алијанса за Албанците, кој е овластен предлагач на амнестијата во името на Владата, велат од неговиот ресор, нема намера при евентуална блокада да го повлече предлог-законот и повторно да го поднесе, но под превезот на европското знаме.

„Цениме дека за сите забелешки од политичките партии има можност пратениците да изнајдат решенија преку амандмани, да се интервенира во предложениот текст со единствена цел законот успешно да помине во Собрание. Од почеток ставот на министерот за правда е дека Законот за амнестија нема да се предложи со европско знаменце и надвор од Собранието нема да се бара решение“, велат од Министерството за правда за Радио Слободна Европа.

Во ВМРО-ДПМНЕ не би се изненадиле при евентуално сценарио предлог-законот да се турка со европско знаменце бидејќи велат имало такви примери. Тоа, нагласуваат, само ќе ја надополни генералната слика за злоупотреба на европското знаменце. Во ваква ситуација, партискиот лидер Христијан Мицкоски најави напуштање на Собранието.

Се очекуваат над 3 000 амандмани

Пленарната седница на чиј дневен ред треба да се најде амнестијата е закажана за 2 ноември, а од најголемата опозициска партија планираат да ја дочекаат подготвени во случај уште истиот ден да се закаже и комисиска расправа до кога, според процедурата, се поднесуваат евентуални амандмани. Пратеничката Дафина Стојаноска, која е и заменик-координаторка на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиција, вели дека првично планирале да го блокираат предлог-законот со околу 5.000 амандмани. Дали ќе поднесат толку засега не се знае, но вели „сигурно ќе бидат над 3.000“.

„Вака како што се борат за амнестија на криминалци да се бореа за државата, ќе имавме некој резултат. А вака со најнизок стандард, а највисока инфлација не може да ми кажат дека ова е законот што во моментов ѝ е потребен на Македонија. Тие во оваа нивна борба го заборавија ребалансот на Буџетот – помина како прераспределба на средства. Пензионерите сè уште се на улица, пациентите со трикафта уште немаат трикафта … Тоа се акутните проблеми на граѓаните, а не криминалците да се ослободат пред избори“, коментира Стојаноска.

Пратениците од албанскиот опозициски блок, пак, дополнително ќе одлучуваат како ќе се изјаснат во парламентот. За пратеникот Фадил Зендели од Беса неспорен е хуманиот аспект на амнестијата ако се има предвид состојбата во затворите, но во конкретниот случај неговиот личен став е дека власта го поднела предлог-законот од политички мотиви и за партиски профитирања.

Меѓутоа, за конечен став тој вели дека наредните денови ќе се консултира со останатите колеги од „здружената опозиција“. Во оваа група се Алтернатива на Африм Гаши, како и Демократското движење на Изет Меџити кој неодамна се отцепи од ДУИ и со себе повлече уште двајца пратеници.

Лошите услови во затворите, пренатрупаноста и неможноста за ресоцијализација беа причините поради кои претставниците на власта во повеќе наврати посочија дека ја поддржуваат амнестијата. Но, амандмани се очекуваат да поднесат и пратеници од владејачкото мнозинство, што беше најавено и од премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски.

Откако во јавноста лавина реакции покрена веста дека амнестијата ќе опфати двајца осуденици за кривичното дело помагање во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско езеро во 2012 година, а за истото беше прозван и на седница за пратенички прашања, Ковачевски рече дека ако има такви случаи пратениците од СДСМ и коалицијата ќе поднесе амандман.

Од пратеничката гурпа сега брифираат за РСЕ дека го разгледуваат предлог-законот што беше доставен до нив и прават анализа дали и во која насока би се движеле нивните амандмани. Една од опциите е да се бара амнестијата да не важи за делото „помагање“ во конкретни кривични дела или т.н. „тешки дела“. Меѓутоа, дали воопшто пратениците од СДСМ ќе го направат тоа ќе зависи и од чекорите на опизицијата која доколку го затрупа со амадмани, предлог-законот секако ќе остане заробен во собраниските лавиринти.

Критики од правната фела за осмата амнестија во државата

Додека власта ја убедува јавноста дека амнестијата е неопходна, а опозицијата обвинува за „предизборно амнестирање криминалци“, дел од правната фела упати остри критики за предлог-законот.

Меѓу последните беше професорот по уставно право Светомир Шкариќ кој оцени дека ова се прави од нужда, а не од рационалност и претставува уништување на судството.

„Затворите се пренатрупани, нема место за нови криминалци, тоа го дозволивме и поради немарност на одговорните лица за одржување на затворските услови мора правото да страда и посебно да страдаат уставното и кривичното право. Зошто уставното? Затоа што со секоја амнестија, а со оваа посебно, прешироко се навлегува во судската власт. Фактички, Собранието преку овој закон игра улога на суд и тоа суди по кратка постапка, законот го носи по итна и кратка постапка. Ќе видиме, веројатно и без поголема поддршка“, рече Шкариќ на дебата што ја организираше Македонското пенолошко друштво минатата недела.

Законите за амнестии се упад на Собранието во казнената политика, беше оценката што на истиот настан ја даде и професорот по кривично право, академик Владо Камбовски. Тој рече дека треба да се преиспитаат дали се оправдани аргументите за новиот предлог-закон, но се согласи дека капацитетите на затворите во земјава се слаби. Меѓутоа, порача дека не се прави доволно за тие да се подобрат.

Амнестијата веројатно нема да го реши целосно проблемот, смета и поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права Маргарита Цаца-Николовска. Можеби еден дел ќе се ослободат затворите, рече таа на стручната дебата, но она што е важно дека државата мора да размислува да овозможи извршување на казните да биде на достоинствен и соодветен начин.

Што предвидува оваа амнестија

Доколку биде донесен предлог-законот за амнестија, тој ќе биде осми по ред од независноста на државата. Според верзијата доставена до парламентот, тој ќе опфати правосилно осудени сторители на „лесни кривични дела“ – целосно би се ослободиле осудениците на кои им е изречена затворска казна до шест месеци, а оние со над шест месеци ќе се ослободат од издржување на 30 отсто од казната.

Исклучок од амнестијата се тешки кривични дела. Предвидено е да не бидат опфатени правосилно осудени лица на казни доживотен затвор, осуденици за убиство, за дела против изборите и гласањето, против половата слобода и морал, разбојништво, разбојничка кражба, против првата, против јавниот ред, против човечноста и меѓународното право, измама на штета на средства на ЕУ, перење пари, злоупотреба на службената положба и овластувања, примање и давање поткуп, давање и примање награда за противзаконито влијание, семејно и родово-базирано насилство.

Во затворите во моментов се наоѓаат 2 114 осуденици, колку што се и вкупните капацитети во државава, а анализите од Управата за извршување санкции заклучно со 26 септември 2023 покажуваат дека при усвојување на предлог-законот 286 осуденици целосно ќе бидат ослободени, додека делумно ќе се амнестираат 996. Сепак, ова не се конечните бројки бидејќи уште 2 813 лица чекаат да влезат во затвор и за нив дополнително ќе се прави анализа кој ќе биде амнестиран.

Од претходните седум закони за амнестија, првиот беше донесен во 1991 година. Потоа следуваа амнестии во 1999-та, па во 2002 и 2003 година. Во 2018 беше изгласана уште една амнестија за која причините беа слични како и денес – пренатрупаност и лоши услови во затворите. Истата година, Собранието донесе уште еден закон со кој се амнестираа дел од тогаш обвинетите за упадот во парламентот на 27 април 2017 година. Последен пат, закон за амнестија беше донесен годинава и се однесуваше на прекршителите на ковид-протоколите.

Извор: РСЕ

Related posts

БОРЕЛ ЌЕ ГИ ПОСЕТИ АЛБАНИЈА И СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

ninja

ПРОТЕСНА НОТА ОД БУГАРИЈА ПРИМИЛА МАКЕДОНСКАТА АМБАСАДОРКА ВО СОФИЈА

ninja

САД го повикуваат Пекинг да го ублажи одговорот на Иран на војната меѓу Израел и Хамас

admin

Руски новинар осуден поради интервју за Радио Слободна Европа

admin

Мицковски: Средбата заврши со неуспех, добро е што се воспостави комуникација – сме за влада без ДУИ

admin

Таравари до министерот Шаќири: Запри ја партизацијата на Тетовскиот универзитет

admin