17.8 C
Скопје
12 октомври, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Локални избори со национални и глобални теми

Кампањата за локалните избори во Северна Македонија официјално сè уште не започнала, но водечките партии веќе со месеци ги насочуваат своите пораки кон национални и симболични теми, оставајќи ги настрана прашањата од локален карактер како инфраструктурата, јавните услуги и урбанистичкото планирање, анализира Дојче Веле на македонски.

Политичките аналитичари предупредуваат дека локалните избори повторно се претвораат во референдум за големите државни прашања, а не во натпревар на идеи за подобрување на општинскиот живот.

Национални теми во фокус

Реториката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ изминатото лето беше доминирана од теми како минималната плата, економскиот раст, спорови околу Рамковниот договор и дебати за инфраструктурни проекти. Во јавноста внимание привлече и анегдотската „јахта“ која стана дел од политичкиот фолклор и алузија за елитизмот во домашната политика.

Премиерот Христијан Мицкоски, при посетата на фабриката „Амфенол“ во Кочани, најави 500 нови работни места и посочи на, како што рече, „три последователни квартали со економски раст над 3%“. Тој изрази уверување во победа на изборите, нагласувајќи дека „разликата од минатото е што денес корупцијата и криминалот не се секојдневие“.

СДСМ возврати дека станува збор за „филмски изјави“ и „фантазии“, обвинувајќи ја владата дека граѓаните живеат во реалност на растечки цени и стагнирачки плати.

Албанскиот политички блок – тензии и обвиненија

И во албанскиот политички кампус, изборната трка добива национален карактер. ДУИ оцени дека октомвриските избори ќе бидат „референдум за евроатлантската ориентација“, обвинувајќи ја коалицијата ВЛЕН и еден од нејзините лидери Изет Меџити за „лагите кон Албанците и личните профити“. ВЛЕН возврати дека ДУИ се плаши од пораз и губење на довербата кај албанските гласачи.

Сефер Селими од „Democracy Lab“ предупредува дека поради незадоволството кај албанските гласачи и ревидирањето на Охридскиот рамковен договор, „кампањата повторно ќе биде водена главно на национални теми“.

Дебата за Бадентер

Додатна полемика отвори изјавата на министерот за правда дека ќе се ревидира бадентеровото мнозинство – механизам за заштита на етничките заедници. Бујар Османи од ДУИ го нарече тоа „стратегија за демонтирање на Рамковниот договор“ и го обвини премиерот Мицкоски дека намерно тестира чувствителни прашања преку изјави на негови министри.

Лидерите во центарот, кандидатите во сенка

Иако изборите се локални, кандидатите за градоначалници речиси не се слушаат во јавниот дискурс. „Тие се заложници на лидерите. Без нив не можат ни советници да станат, камо ли градоначалници,“ вели политикологот Благојче Атанасоски. Тој потсетува дека токму локалните избори во минатото означиле крај на политичките кариери на Црвенковски, Груевски и Заев.

Аналитичарите се согласуваат дека лидерите сметаат дека за гласачите е поважно кој ќе го „одбрани идентитетот“ или „ќе го врати името“, отколку кој ќе изгради улица или ќе го подобри локалниот јавен превоз.

Избори со национален набој

Додека ВМРО-ДПМНЕ подготвува отчет на своите градоначалници, СДСМ ја засилува критиката кон владата, а ДУИ и ВЛЕН се борат за доминација во албанскиот блок. Сите страни ја тестираат јавноста со пораки натопени со национален набој, оставајќи впечаток дека локалните избори на 12 октомври ќе бидат уште една политичка арена за судир околу идентитетот, евроатлантската ориентација и наследството од Охридскиот договор – а не за решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, пишува  Дојче Веле.

 

 

Related posts

Кина се обидува да посредува во војната со Иран додека растат глобалните ризици

admin

Крилото на АА на Села го оспори Законот за прекршоци пред Уставниот суд

admin

Алиу најави офанзива против тутунот: Нови терапии, советувалишта и закон по европски стандарди

admin

„Не ги оставајте работниците на сонце“ – ССМ со апел и повик за пријавување прекршувања

admin

“Работниците немаат за леб, а функционерите на колачи”: ССМ контра Бесими

admin

„Уметничка инсталација“ или гаф: Власта и опозицијата во војна за македонското знаме

admin