36.8 C
Скопје
28 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Алиу најави офанзива против тутунот: Нови терапии, советувалишта и закон по европски стандарди

Министерството за здравство ќе ги зајакне услугите за откажување од пушење и ќе овозможи поголема достапност на терапии за одвикнување од никотинска зависност, најави министерот за здравство Азир Алиу по повод одбележувањето на Светскиот ден без тутун 2026 година.

Алиу рече дека Министерството, во соработка со Светската здравствена организација, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, локалните самоуправи и здравствените домови, почнува координирани активности за зајакнување на услугите за откажување од пушење на локално ниво.

„Целта е поголема достапност на советувалиштата за откажување од пушење, зајакнување на системот за упатување и континуирана поддршка за граѓаните, со посебен фокус на младата популација“, рече Алиу.

Тој потсети дека Министерството ја ажурирало есенцијалната листа на лекови, во која за првпат се вклучени средства за одвикнување од пушење, како никотински фластери и никотински гуми за џвакање.

Според Алиу, целта е овие производи да станат подостапни, да бидат препознаени од јавноста и фармацевтските компании и да можат да ги пропишуваат матичните лекари.

Министерот најави и нов предлог-закон за заштита од употреба на тутунски и сродни производи, кој, како што рече, ќе биде усогласен со европските стандарди и регулативи.

Аким Али од Светската здравствена организација предупреди дека 14 од секои 100 млади употребуваат тутун, додека 9 проценти користат електронски цигари.

„Тоа што нема чад не значи дека нема штета. Не е доволно само да зборуваме за свесноста кога станува збор за никотинската зависност, подеднакво важно е да преземеме акција“, рече Али, повикувајќи на забрана на вкусовите кај производите со никотин.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, оцени дека состојбата со употребата на тутун во земјата е загрижувачка.

Според истражување на Институтот за јавно здравје од 2023 година, спроведено во соработка со Светската здравствена организација, 45,4 проценти од возрасната популација во Македонија се изјасниле како активни пушачи.

Андоновска рече дека употребата на тутун кај младите до 16 години е значително над европскиот просек, кој изнесува 25 проценти.

Таа предупреди дека пушењето во земјата и натаму во голема мера се смета за општествено прифатливо, а само 17 проценти од граѓаните изразуваат неодобрување кон пушењето.

Употребата на тутун е поврзана со кардиоваскуларни и белодробни заболувања, мозочен удар, малигни заболувања и проблеми во бременоста, рече Андоновска.

Според најновите анализи на Светската здравствена организација, употребата на тутун ја чини Македонија околу 38 милијарди денари годишно, што, според здравствените власти, е дополнителен аргумент за континуирани мерки за контрола на тутунот.

Related posts

Со кола возел 6 мигранти, приведен србин во Неготино

admin

Сите 80 општини поднеле 900 апликации за инфраструктурни проекти – Мицкоски го нарекува тоа „историски момент“

admin

Ердоган се договара со Оган, неговите гласови се клучни за победа

admin

ВИДЕО Од Ист Гејт до митингот на Вучиќ – бесплатен превоз, сендвичи и вода

admin

Македонија бележи раст на грипот, регистриран е еден смртен случај

admin

Вработените во културата останаа без плата пред Велигден, Владата вети исплата следната недела

admin