Одлуките на Шпанија и Швајцарија да се откажат или преиспитаат набавката на американските борбени авиони F-35 отвораат поширока дебата во Европа за цената и ризиците од воената зависност од САД.
Шпанија го изненади регионот со одлуката да не го купи F-35B за својата морнарица, иако долго време се очекуваше дека ќе ја замени флотата на Harrier авиони. Наместо тоа, Мадрид ќе набави 25 Eurofighter Typhoon и ќе инвестира во развојот на европскиот проект за борбен авион од идната генерација – Future Combat Air System (FCAS).
Швајцарија, која во 2022 година на референдум одобри набавка на 36 F-35 авиони во вредност од 6 милијарди франци, се соочува со растечки јавни сомнежи. Одлуката на Вашингтон да не гарантира фиксни цени и воведувањето нови царини за швајцарските извозни производи ја разниша довербата во договорот.
Иако изборот на Шпанија ќе значи одложување на носачките капацитети и недостиг на авион од петта генерација во наредната деценија, владата гледа поголем бенефит за домашната индустрија и европските синџири на снабдување.
„Секое евро или франк вложен во F-35 завршува во американската економија. Средствата вложени во Eurofighter или FCAS остануваат во Европа и создаваат работни места,“ велат аналитичарите.
Критиките кон F-35 се насочени главно кон „монополот за одржување“ што го има Lockheed Martin – сите идни надградби, софтвер и оперативни податоци остануваат под контрола на САД. Дополнително, трошоците за одржување постојано растат, што ја доведува во прашање првичната проценка дека авионот ќе биде „достапен“.
Eurofighter останува значаен повеќенаменски авион под европска сопственост, додека FCAS – кој сè уште е во развојна фаза – ветува способности од шеста генерација, како што се стелт технологија, комбинирање на пилотирани и беспилотни системи и напредна електронска војна.
Политичко-стратешката логика, според експертите, е јасна: купувањето на F-35 значи прифаќање на зависност од американскиот систем и политичките ризици што произлегуваат од него.
„Одлуката на Шпанија е инвестиција во иднината и во индустриската автономија на Европа. Швајцарија, пак, се соочува со дилемата дали да плати повисока цена за американска технологија или да ја зајакне сопствената безбедносна и економска независност,“ вели Ендрју Лејтам, професор по меѓународни односи и автор на анализата.
Европа, заклучуваат експертите, има капацитет да развие борбен авион од шеста генерација – но ѝ недостасува единство за да го реализира.

