21.8 C
Скопје
23 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

БОРЕЛ ОЧЕКУВА НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

Клучна година за македонските евроинтеграции ја нарече високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, годинава во која се очекуваат уставни измени за отворање на кластерите од преговорите со ЕУ. Европските дипломати очекуваат резултати од истрагите за корупција на високо ниво.

Сите политички партии да ги преземат своите обврски и искрено да работат на продолжување со чекорите по европската патека е пораката која денеска во Скопје ја испрати високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел по денешниот 16-ти состанок на Советот за Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Тој изјави дека јасната порака која произлезе од состанокот е дека иднината на Северна Македонија е во рамките на Европската Унија и дека за тоа да се случи е потребно да се спроведат реформите кои воведуваат европски стандарди и подобрување на односите со соседите.

„Тука спаѓа да се создадат услови за се усвојат уставните измени. Оваа година е клучна, по договорот од јули, ова е најдобрата зделка што можете да ја добиете. Не е реалистично да очекувате дека ова ќе се отвори повторно и да биде дел од преговарањето. На таа основа, вашата иднина е во ЕУ. Сега е време сите политички партии да си ги преземат своите обврски и искрено да работат за продолжување по оваа патека“, изјави Борел.

Без уставните измени со кои Бугарите ќе се внесат во Преамбулата, земјата нема да може да премине од скрининг процесот во следната фаза – отворање на кластерите и поглавјата за преговори со ЕУ. За тоа да се случи потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, односно поддршка од дел од пратениците на опозицијата која засега јавно тврди дека нема да гласа „за“.

Борел е оптимист дека наскоро ќе има промени и дека ќе делува активно за да се случи тоа. Потсети дека Северна Македонија се обрзала дека ќе го промени својот Устав.

„Северна Македонија се обврза дека ќе го измени својот Устав. Се обврза дека ќе го измени и во него да ги вклучи граѓаните кои што живеат во границите на државата и кои што се дел од други националности како што се Бугарите. Ништо тука не е чудно, ако го погледнеме Уставот на најмладата земја членка на ЕУ , Хрватска има најмалку 22 заедници кои живеат во државата. Мислам дека вашата државата дава одличен пример на мултиетничко општество. Поради тоа измената на Уставот само понатаму ќе ги унапреди основните права и не се сомневам дека со тоа ќе се зачува македонскиот идентитет истовремено ќе се напредува во процесот на пристапување. Вие не си го загрозувате вашиот идентитет со пристапувањето кон ЕУ, вашиот идентитет ќе биде апсолутно зачуван“, изјави тој.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеј потврди дека во Скопје ќе се сретнат со пратеници. На состанокот во Скопје било заклучено дека се потребни постојани напори за да се обезбеди независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судскиот систем. Особено е важно Северна Македонија да продолжи со истрагите, гонењето и правосилните пресуди во случаи на корупција, вклучително и на високо ниво.

Премиерот Ковачевски посочи дека за прв пат постои ризик земјата од внатре да запре на евроинтегративниот пат. Одговорноста ја префрли кај опозицијата.

„ Единствена пречка која за прв пат од постоење на оваа држава на независна Република Македонија и Северна Македонија која не може да ја стави никој од надвор, за прв пат може да се случи самите себе да се блокираме, заради неодговорно и неодлучно стратешко однесување на опозициските партии во државата.“ изјави Ковачевски.

Со скринингот кој што е во тек во Брисел се прави детална анализа на земјата преговарач и за деталите како понатаму ќе се одвиваат преговорите. Скринин процесот формално започна во јули минатата година откако во Собрание беше усвоен таканаречениот „француски предлог“ со кој се отклони бугарското вето. Со него покрај Копенхагенските критериуми и критериумите на процесот на стабилизација и асоцијација, е подигнато и барањето за спроведување на Преспанскиот и Договорот за пријателство со Бугарија и протоколите за неговото спроведувње на ново рамниште, барајќи „видливи резултати“ и „спроведување во добра волја“.

На денешниот состанок пак во Скопје, се разгледувал напредокот на земјава во подготовките за преговори за членство во ЕУ, како и за исполнетите задачи од Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Оваа Спогодба е на сила од 2004 година, а неа во 2001 година во Луксембург ја потпиша тогашниот премиер Љубчо Георгиевски.

Европските дипломати потсетија на пакетот кој неодамна пристигна во македонскиот буџет од 72 милиони евра за најранливите категории граѓани погодени од енергетската криза, како и на останатите грантови кои земјава ги доби во рамките на економскиот инвестициски план.

Борел најави и дополнителни 9 милиони евра од инструментот за мир за надградување на опремата на вооружените сили, како дел од зголемување на заштитата во критична инфраструктура.

Борел и Вархеј во Скопје допатуваа од Тирана каде што со албанскиот премиер Еди Рама вчера го оддржаа 12- тиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Албанија.

Утре во Охрид високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Борел ќе учествува на состанокот од дијалогот Белград – Приштина.

Related posts

ГЕРМАНСКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ШТАЈНМАЈЕР ДОАЃА ВО МАКЕДОНИЈА

ninja

Партиите нови, амбициите големи

admin

„Бум“ на економијата на ЕУ, продолжува нагорниот тренд на раст (инфографик)

admin

Петар Гошев: Ни треба револуција за правна култура

admin

ЗАМИНУВА ГОДИНАТА, АМА НЕ И ПРОБЛЕМИТЕ

ninja

САД избегна банкрот, Конгресот изгласа да се зголеми лимитот на долгот

admin