12.8 C
Скопје
28 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

ДОВЕРБА ВО БАНКИТЕ ИЛИ ПАРИ ПОД ПЕРНИЦА – ДРЖАВАТА ГАРАНТИРА ДО 30.000 ЕВРА

При пропаст на банка државата гарантира враќање на депозити до 30.000 евра, праг кој треба да порасне на 100.000, ама кога земјава ќе влезе во ЕУ. Спротивставени се мислењата за тоа дали овој праг треба да биде прескокнат порано, со оглед на инфлацијата и светските кризи во банкарскиот сектор.
Пропаѓањето на две големи банки во САД, повторно ги разгоре стравовите за тоа што ќе се случи со парите на граѓаните при пропаѓање на одредена банка и дали е време за раст на прагот на осигурените депозити во земјава. Мислењата на економските експерти се поделени, меѓудругото и поради стравот дека растот на осигурените депозити ќе значи и раст на каматите за граѓаните.

Па така во моментов, ако една банка отиде во стечај, на граѓаните во рок од еден месец ќе им бидат вратени парите во висина до 30.000 евра, бидејќи оваа е осигурената сума преку Фондот за осигурување депозити. За останатите средства ќе мора да почекаат на стечајната маса на банката, процес кој според досегашните искуства, е и долг и мачен. Законот предвидува и дека оваа сума ќе мора да порасне на 100.000 евра, кога земјава ќе влезе во Европската унија.

Во меѓувреме, за осигурување на депозитите на физичките лица Фондот од банките наплатува премија по стапка најмногу до 0,7 проценти годишно, од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница.

Поголем праг – повеќе пари во банка

Сепак, како што појаснува економскиот аналитичар Павле Гацов, иако законот дава можност, банките сега за оваа ставка одвојуваат значително помалку. Според него, во вакви турбулентни времиња, покачувањето на прагот на осигурените депозити ќе ја зголеми довербата на граѓаните во банките, и ќе ги натера да ги „извадат парите под перница“ во време кога банките добро работат.

„Заради профитабилноста има простор и можност, мислам дека доаѓа време овој праг да се покачи. Ова може да се направи скалесто, во период на 2-3 години на 50.000 евра, а потоа на 100 илјади евра“, вели Гацов.

Од ваквото решение, според Гацов, никој нема да биде губитник, а граѓаните ќе бидат помирни бидејќи ќе знаат дека државата ќе им гарантира 100.000 евра, по теркот на прагот поставен во европските земји.

„Само навидум би биле скриени губитници деловните банки, бидејќи на долг рок парите повторно ќе се вратат кај нив, а се разбира тоа е за нив стока. Тие со тие пари работат, заработуваат и ќе ги зголемат профитите во иднина. Од друга страна генерално добитници се граѓаните, но пред се економијата и државата“, дециден е Гацов.

Штедење во повеќе банки

За разлика од земјите во ЕУ, во регионот праговите се значително пониски. Така повисок праг од нас имаат Србија со 50.000 евра и Црна Гора со 100.000 евра, а понизок БиХ со 25.000 евра, Албанија со 20.000 евра и Косово со само 5.000 евра.

Оттука, согласно економските прилики, поранешниот гувернер на Народната банка, Љубе Трпески, вели дека прагот во Македонија е добро димензиониран, и нема потреба од негово покачување.

„Мислам дека е во ред и оваа сума и дека не влијае ова врз порастот или намалувањето на штедењето, бидејќи ако некој има повеќе пари да штеди, ќе отиде во повеќе банки да ги стави и да му бидат 100% покриени практично“, смета Трпески.

При евентуален раст на осигурувањето, вели дека банките ќе треба да одвојуваат повеќе пари за Фондот, што пак може лошо да влијае врз каматите. Осврнувајќи се на последните случувања во САД, Трпески вели дека иако има лимит поставен на околу 250.000 долари, тамошната влада најави целосно обештетување.

Американските регулатори во петокот ја затворија Банката на Силиконска долина (СВБ) која се соочи со класичен наплив, откако нејзините вложувачи побрзаа да си ги извадат парите. Веднаш по неа, пропадна и њујоршката Сигначр Банк.

Банкарскиот систем- стабилен

Со цел да ја повратат стабилноста на системот, водечките американски владини финансиски институции порачаа дека сите клиенти на банките ќе бидат заштитени и ќе имаат пристап до своите пари.

„Американците можат да имаат доверба дека банкарскиот систем е безбеден. Вашите депозити ќе бидат таму кога ќе ви бидат потребни“, изјави од Белата куќа американскиот претседател Џо Бајден.

Оваа состојба очекувано доведе до пад на берзите во Азија и Европа, како и во САД.

Народната банка на Македонија соопшти дека пропаѓањето на американската Банка на Силиконската долина (СВБ) нема никакви директни последици за нашиот банкарски систем, имајќи ја предвид малата изложеност кон нерезидентите, но и традиционалниот деловен модел заснован врз кредитирање на фирмите и граѓаните при стабилни извори на финансирање.

Оттаму посочуваат дека според процените на релевантните меѓународни институции, а пред сѐ на регулаторите во САД, последните случувања во американскиот банкарски систем не би требало да имаат ефекти врз финансиската стабилност во САД, а оттаму не се очекуваат ниту позначителни преносни ефекти врз глобалната финансиска стабилност.

И еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони порача дека ова не претставува директна закана за европскиот банкарски сектор, но неговите индиректни последици треба да се следат.

„Европската централна банка (ЕЦБ) будно ја следи ситуацијата, а сите европски банки преземаат соодветни мерки за отстранување на ризикот од слично сценарио“, нагласи еврокомесарот дополнувајќи дека влијанието врз вредноста на акциите на европскиот банкарски е очекувано, но проценката на ризикот од домино ефектот „е друга работа“.

Македонските економисти уверуваат дека банкарскиот систем во земјава е стабилен, и освен стравот, не се очекува пропаста на двете големи банки да има влијание во земјава.

Последен голем потрес на македонскиот банкарски пазар беше стечајот на Евростандард банка на бизнисменот Трифун Костовски, пред две и пол години. Во Банката имало штедни влогови во износ од 71,5 милиони евра. Тогаш беше забележан привремен пад на депозитите во банките, но состојбата потоа се стабилизираше. Македонските граѓани се уште го паметат пропаѓањето и на штедилницата ТАТ, од пред неколку децении. Во оваа афера беа оштетени околу 13.000 граѓани, за износ од над 60 милиони евра.

Тогаш е формиран Фондот за осигурување депозити, прво како Фонд за осигурување на штедните влогови во сопственост на сите тогашни банки и штедилници, а од 2000 година во сопственост на државата. Границата за обесштетување на штедните влогови се менуваше од 10 илјади германски марки, па 10 илјади евра, па 20 илјади евра, а од 2010 година целосно се обесштетуваат сите штедачи до 30 илјади евра.

Related posts

Распишувањето на изборите ќе го „отклучи“ Избирачкиот список

admin

Хамас вели дека е подготвен на долга војна со Израел

admin

Трагичен настан: Не можел да трпи повеќе “булизам”, 10 годишно момче си го одзеде животот

admin

Пендаровски и Мицкоски во кавга за рејтинзите и изборите

admin

Репортажа на Си-Ен-Ен: Градината која стана тајно седиште на моќта на Кина

admin

Зошто Путин го запре целиот извоз на бензин и дизел надвор од Русија?

admin