-1.2 C
Скопје
14 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Закон за личен стечај – Реална потреба или во моментов, непопуларна мерка

Донесување на Закон за личен стечај беше едно од предизборните ветувања на Власта на последните избори во 2020 година. Три години потоа, закон за стечај нема, ниту пак такво нешто се споменува во новиот закон за стечај, кој е пред донесување. Според синдикатите донесувањето на ваков закон е реална потреба и условите се созреани, експертите пак сметаат дека тоа е проблем за политичките структури на власт, затоа што мислат дека тоа може негативно да се одрази во јавноста. Во секој случај самиот поим стечај и кај правните и кај физичките лица реално е непопуларен, но дали реално е потребен?

Што значи личен стечај или кога се прогласува личен стечај?

Личен банкрот или стечај се прогласува кога должникот повеќе не е во можност да ги плати своите финансиски обврски кои се однесуваат на сите јавни претпријатија, банки, телефонски компании. Би бил наменет за граѓаните кои немаат излез од големите финансиски долгови. Во таа ситуација должникот би добил личен стечаен управник кој целосно би ги контролирал сите приходи на стечаецот. Администраторот на презадолжениот граѓанин би му оставил многу малку простор за располагање со парите, ќе го попише целиот имот, ќе има право да го продаде, а дел од парите за егзистенцијален минимум ќе му остави на самиот должник.

Должникот ќе мора да побара од стечајниот управник одобрување за какви било поголеми трошоци- Нови чевли, гардероба, одмори, за сето тоа всушност ќе решава финансискиот „тутор“.

photo by Karolina Grabowska

За личен стечај во нашава земја е разговарано во неколку наврати, одвреме-навреме, вели стечајниот управник Ацо Петров.

„ Малку е тешка материјата. Најчесто стечајот се подразбира во негативна конотација и од тие аспекти секогаш кога ќе се спомене  личен стечај во некои средини, реакциите на граѓаните се -„Ах па на нас уште стечаен управник ни треба да ни командува, да располага со нашиот имот,“ вели Петров.

За Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата  на  Синдикални Организации на Македонија (КСОМ), условите за донесување на закон за стечај се созреани. Тоа во моментов е вистински спас и излез на граѓаните од должничкото ропство.

„Веќе подолг  период ја следиме состојбата со извршителите и по она што ми се јавуваат граѓаните може да констатирам дека веќе е време во Македонија  да се донесе закон за личен стечај. Ваков закон е донесен во Словенија, во Хрватска. Голем број на граѓани се јавуваат кај нас во Синдикатот и во Здруженијата на граѓани и се жалат дека додека се живи не можат да излезат од должничкото ропство во кое се наоѓаат и се повеќе тонат поради големите камати. Донесувањето на законот и мерките коишто ќе се применуваат ќе помогнат да се излезе од тој магичен круг,“ додава Ристески.

Додека стечајот е во тек, должникот не мора да се плаши од извршување и извршители

Личниот банкрот не значи дека на задолжените граѓани ќе им се „простат“ сите долгови, туку претставува еден од моделите за заштита на граѓаните од целосна финансиска пропаст, како и од извршители на врата. Додека стечајот е во тек, должникот не мора да се плаши од извршување и извршители. Стечајниот управник би имал задача што поскоро да го исплати доверителот и со тоа што побрзо да го ослободи должникот од сите финансиски обврски.

Граѓаните кои веќе не можат да си ги плаќаат долговите, да можат сами да побараат отворање на стечајна постапка врз нив. Барањето оди на Суд кој утврдува дали има основ за личен стечај, се прави попис на целиот движен и недвижен имот и се одредува стечаен управник. Сѐ она што претходно било во рацете на должникот од тој момент го презема стечајниот управник, кој треба да направи план како да го врати долгот. Тој располага со сите луксузни предмети, како автомобил, ниви кои ги поседува должникот и прави план за отплата на долгот. Најчестo отплатата треба да заврши за 3 или 5 години. По реализирањето на планот на отплата, сите останати неподмирени трошоци се бришат.

Поради немањето на доволно информации, кога ќе се слушне поимот стечај, посебно личен стечај, граѓаните мислат дека ќе останат без егзистенција, дека едноставно нема да имаат начин да функционираат, вели стечајниот управник Ацо Петров.

„Воведувањето на личен стечај е проблем и за политичките структури на власт, затоа што мислат дека тоа може негативно да се одекне во јавноста, зошто факт  е  дека стечајот и за правните и за физичките лица е непопуларен. Токму поради тоа тешко оди донесувањето на таа правна регулатива. Постои и убедување дека личниот стечај е возможен само во побогатите земји. Ние сме во една друга ситуација, можеби и пандемијата, но и миграцијата придонесоа за целата ситуација. Се стравува дека ако се воведе личен стечај, младите уште повеќе да се дестимулираат да останат во земјата и да си заминат во ,,белиот свет“, додава Петров.

Тој смета дека економските услови во земјата не се созреани а и граѓаните  за поимот личен стечај главно мислат како за нешто негативно иако целата работа има и позитивни страни.

„Ако гледаме во перспектива, граѓанинот којшто западнал во една безизлезна презадолженост со прогласување на личен стечај т.е банкрот, фактички ќе биде ослободен од голем дел од обврските и ќе биде растеретен. Ќе му се процени и ќе му се остави тој нужен дел за неопходните секојдневни потреби и подмирување на основните потреби. Доверителите во секој случај нема да може 100% да бидат исплатени за нивните побарувања. Мора значи да се појасни и позитивна страна од личниот стечај, зошто тоа не значи заглавување туку растеретување,“ вели Петров.

Иако донесувањето на Закон за личен стечај се најде и во програмата на СДСМ, очигледно е дека се смета оти во овој момент условите не се созреани.

„ Доколку Владата не го предложи, ние како Синдикат или како Здружение на граѓани, поддржани од одредени професори ќе предложиме до Собранието, Закон за личен стечај. Да се донесе законот, да се собере искуството од земјите коишто го имаат овој закон и да се адаптира на нашите услови,“ додава Марјан Ристовски.

Како Законот за личен стечај се практикува во земјите што го имаат

Во Словенија личниот банкрот функционира од 2008 година, а сличен модел користат и Хрватите. Во Хрватска законот е донесен во 2015 а почна да се применува во 2016. Последните измени се донесени минатата година.

Измените беа наметнати од одредени потешкотии и проблеми, како на пример недостатокот на лица коишто треба да го спроведуваат личниот стечај. Со овие измени законодавецот го прошири кругот на лица кои можат да ги вршат работите на повереници без обврска за полагање стручен испит. Покрај стечајни управници, тоа сега можат да бидат и адвокати, овластени ревизори и даночни советници. Освен ослободувањето од обврската за полагање стручен испит, тие немаат обврска да завршат професионална пракса во период од една година.

Во Австрија има приватни центри кои им помагаат на граѓаните во постапката за личен банкрот, а има и приватни центри кои нудат репрограмирање на долговите. Во Белгија, граѓаните можат да бараат репрограмирање на долгот, а во Чешка судот одлучува дали ќе има банкрот или ќе им се простат дел од долговите.

Photo by Tima Miroshnichenko

Закон за личен стечај или банкрот – Реална потреба или непопуларна мерка

Според податоците од НБРСМ, граѓаните во Македонија се задолжени кај банките со речиси 3,5 милијарди евра. Најмногу од задолжувањата се врз база на земени потрошувачки кредити – 1,87 милијарди евра. Преку 1,23 милијарди евра граѓаните  должат за решавање на станбеното прашање, додека  нешто „поситно“ се заборчиле преку користењето кредитни картички- 336,1 милион евра. На трансакциските сметки задолжувањата се околу 225,7 милиони евра.

Сепак ова се само податоци за задолжувањата кон банките, но големи се и долговите за неплатени сметки за комуналии, за телефони, сето тоа надополнето со случувањата изминативе години предизвикани од пандемијата и војната во Украина.

Во Србија започна да се зборува и подготвува Закон за стечај како препорака добиена од ММФ-Дали во Македонија ќе се донесе како реална или пак како однадвор наметната потреба ќе покаже времето.

В.Кр

Related posts

Муртезани: Се бара ново решение за прашањето со Бугарија

admin

САД ја снабдува Украина и со противпешадиски мини

admin

ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ВАДИ ОД КАЛ НЕПЛАЌАЧИТЕ НА СТРУЈА

ninja

СДСМ со документи од „свиркачи“ бара оставка на шефот на АНБ

admin

Зошто младите во С.Македонија се склони кон корупција?

admin

Даути: Ни треба долгорочна стратегија за заедно да ја развиеме државата

admin