Иднината носи неизвесност. Внесување на бугарското малцинство во уставот бездруго ќе значи институционализирање на уште една поделба долж етничките линии и најмалку, усложување на политичкиот процес. Но понекогаш е добро работите да се усложнат, за да си дојдат на право место.
Пишува: Мирјана Малеска, професор
Овие денови, на страниците на некои наши медиуми, во контекст на дебатата за македонско-бугарските односи, се спомена текстот на Штефан Требст од 1983 година, “Советскиот Сојуз и бугарско-југословенската контраверза за Македонија”, објавен во списанието “Компаративни студии за Југоисточна Европа” . Станува збор за реномиран професор на универзитет во Лајпциг, историчар и славист кој говори македонски и бугарски јазик и кој се смета за добар познавач на приликите на Балканот.
Штефан Требст не е прв пат во Македонија. Академското списание “Нова балканска политика” (New Balkan Politics), објави во 2003 година, на македонски и англиски јазик, текст на Требст, со наслов: “Историската политика и историското ремек-дело во Македонија пред и по 1991”, експозе поднесено на меѓународната конференција на историчари во Виена. Накусо, текстот, кој содржеше 61 библиографска единица, веќе имаше поширока научна верификација.
Една деценија по завршување на Студената војна, обединувањето на Европа и ширењето на демократијата нa југо-исток во некогашните држави на “источниот блок”, сеуште беше жив ентузијазмот дека се гради нов, отворен демократски свет. Во таква атмосфера, редакцијата на New Balkan Politics, одлучи да го публикува текстот на Требст, во своето издание 6/7 од 2003 година. Очекувавме интерес, пред се на стручната јавност, дури жешка полемика. Немаше никаква реакција. Тишина. Никој не сакаше ништо да каже околу прашањето зошто Бугарија го оспорува нашиот национален идентитет и јазик, иако можеше да се претпостави, барем кај упатените, дека еден ден оваа тема ќе дојде на дневен ред. Дваесет години подоцна, навистина дојде, само што сега голем дел од јавноста е речиси неподготвена за дебата која најчесто се сведува на взаемни обвинување за “национално предавство”. Денес веќе не е прашање на избор дали ќе се занимаваме со ова прашање или не. Мораме, доколку сакаме да ги држиме отворени нашите перспективи за целосно интегрирање во Европа.
Одлуките на ЕУ, вклучувајќи го тука и т.нар. Француски предлог не се произволни а најмалку еднострани, иако се разбира членка на Сојузот, како Бугарија има поголема “тежина” од нашата. При донесување на вакви одлуки, особено кога ги засегаат идентитетските прашања, политичарите, доколку самите не се сигурни, ќе се обратат до својата експертска јавност. Затоа, сметам дека е добро одново да се навратиме на Штефан Требст.
Што напишал Штафан Требст за нас и нашиот идентитетски спор со Бугарија?
- дека национално-ослободителните, автохтони тенденции кои постоеле во Македонија, добиле висинска можност за создавање македонска држава и градење нација(nation-building) во 1944година. Може да се каже, пишува Требст дека Македонците се декларираат како “Македонци” најмалку од две причини: прво, бидејќи се убедени во неопходноста и инклузивноста на етно-националното самоопределување и второ бидејќи идентификацијата “Македонци” им изгледала најатрактивната опција меѓу оние кои можеле да бидат одбрани од 1944 наваму. Овој процес на nation-building, тој накратко го опишува како “историско ремек-дело”.
- дека процесот на градење на македонската нација(nation-building) бил потежок, отколку истиот тој процес во соседните држави, Грција Србија и Бугарија во 19 век. Соседите според неговите зборови веќе ја “ограбиле” историјата така што малку останало за новата нација. Тоа, резултирало во долго “експериментирање” во кое нараснале не-научните толкувања. Оваа таза тој ја потркрепува со наодите од истражувањето на историчарот Гунтер Штекл за специфичната симбиоза меѓу политиката и историографијата. Симбиоза која била посилна во Македонија отколку во другите истражувани земји на Источна Европа. Според Требст, историчарите и политичарите биле “заеднички посветени на креирање на реалистичка политичка, ‘оперативна’ национална историја”. Во оваа симбиоза историчарите дури превземаат водечка улога во, како вели Требст “македонско-југословенскиот проект за градење нација” при што нивна задача беше и сеуште е, историски да го промовираат постоењето на македонската нација…”
- дека “идентитетите не се наследуваат како бојата на кожа…туку се конструирани како уметничко дело”. (Дејвид Д. Литин). Градењето на нација, тој како и повеќето историчари го гледаат како комбинација на автохтони аспирации за интеграција, “одоздола” и државен state-building, “одозгора”. Полемизирајќи со американскиот антрополог Кејт Браун, дали Македонците знаат кои се, ако се наследници на револуцијата од 1903 и ако се опишувле себе, според скоро сите извори, како Бугари, Требст смета дека прашањето е бесмислено. Вистинското прашање би било дали Македонците знаат кои не сакаат да бидат и одговара, дека, според неговите сознанија, тие не сакаат да бидат Бугари и Срби, Грци или Албанци… “Одлучувачката работа за автохтоната опција, да се чувствуваш припадник на една нација, не е само политиката на сеќавања, раководена од државни институции што стреми кон создавање колективен идентитет, вели тој, туку точно политика која стреми кон рaционална калкулација на политичка, економска, социјална и друга безбедност”
- дека во македонската историска наука има неколку школи, за тоа каде треба да се лоцираат почетоците на процесот кој довел до градење на македонската нација а) Пост-комунистите почетоците ги лоцираат, во согласност со марксистичката територија, во времето на зрелиот капитализам одн. во средина на 19 век. За нив двата столба на кои се темели државата и нацијата се Илинденското востание 1903 и Второто заседание на АСНОМ, 1944. Подоцна, со доаѓање на власт на ВМРО-ДПМНЕ, акцентот е ставен на Референдумот за независност од 1991. б) Лоцирањето на почетоците во средновековното Самуилово царство се должи, според него, на взаемен иако премолчан политички консензус, инспириран и подржан од повеќе историчари во замјата. в) Како понова тенденција, Требст ја наведува онаа, која има и генетска компонента. Таа постоела и пред 1991 но денес доминира во некои историски кругови, дека античките Македонци и Римјани биле со време претопени од Словените, прифаќајки го нивниот јазик и култура.
- дека демократската консолидација по 1991година, овозможи појава на плурализам во историската наука во Македонија, нејзина поголема професионализација, евентуално надминување на етницентризмот и повисок степен на комуникација со светската историографија. “Историската наука на оваа мини-република, потресувана од кризи, помина долг пат од “историја на македонскиот народ” до “историја на Македонија”. Меѓутоа свртување во насока на “историја на македонските Бугари”, како и свртување во насока на “историја на Јужна Србија” не можат да бидат со сигурност, исклучени”.
Ако е точна тезата на Штефан Требст дека за создавање на колективниот идентитет не е важно само историското сеќавања, раководено од државни институции, туку, уште повеќе, рационалната калкулација за политичка, економска, социјална и друга безбедност, тогаш политиката на рамноправност на заедниците кои живеат во Македонија, нивно вклучување а не исклучување од власта, јакнење на индивидувалните но и на колективните права, има полно оправдување. Накусо, еден тежок пат по кој засега успешно се движиме.
Ако понатаму, е точна тезата на Штефан Требст дека приликата за создавање македонска нација(nation-building) се појавила во 1944 кога е создадена и државата тогаш досегашната политика на јакнење на независна, мултиетничка, демократска држава Македонија, исто така, има полно опдавдување.
Иднината носи неизвесност. Внесување на бугарското малцинство во уставот бездруго ќе значи институционализирање на уште една поделба долж етничките линии и најмалку, усложување на политичкиот процес. Но понекогаш е добро работите да се усложнат, за да си дојдат на право место.
(Текстот на Штефан Требст е објавен во New Balkan Politics, број 6/7 од 2003 год. и може да се најде во Универзитетската библиотека (ISSN 1409-9454) и во електронска форма на македонски и англиски јазик нa http://www.newbalkanpolitics.org.mk/cat/Issue-6/141а)