Секоја генерација професори одново ќе ја учат лекцијата за својата исклучителна мисија: дека привилегиите што ги носат академските слободи ги обврзува…
Пишува: Денко Малески
Деновиве, набројувајќи ги факторите кои треба да го произведат потребното единство во македонското општество за успешни пристапни преговори , комесарот на ЕУ за проширување Вархеи ги спомна и „факултетите“. Не бев сигурен дека добро сум слушнал па ја вратив назад снимката од неговото обраќање до македонската јавност. Добро сум чул. Покрај партиите, државните институции и други репрезенти на нашето општество, на исто ниво тој навистина ги стави и факултетите. Кои факултети? Логично, оние образовни институции во кои се изучува демократијата, политика и правото, домашното и меѓународното, помислив. За нас кои одблиску ги знаеме состојбите во земјата, би можеле да заклучиме дека тоа, пред се, се однесува на Правниот факултет при универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Има и други во државата ама најстариот и најреномираниот, на кој се изучува право и политика, е токму мојот поранешен факултет. Помислив дека оваа институција би можела да помогне во европската трансформација на македонското општество ако самата се трансформирала. Ако факултетот станал центар на прогресивната европска мисла во кој владее „духот на законите“,вистината и правдата.
Се сомневам дека е токму така. Мојот факултет има една трагична историја. Имено, факултетот никогаш не се опорави од страшната траума од седумдесеттите. Тогаш, обвинет за „либерализам“, со брутална интервенција на Партијата и со гласови на професорите, беше отстранет од работа четриесетгодишниот дотогашен секретар на СКМ Славко Милосавлевски. Во тие години се сруши достоинството на цела една професија која би требало да почива врз принципите на вистината и правдата . Но, „прашањето“ требало да и се остави на историјата, велеа оние кои заговараа молк и заборав. Судбината, пак, се поигра со оваа институција повторно во осумдесеттите. Тогаш, немоќта на партијата која се распаѓаше, а не одбраната од професорите, го спаси нашиот колега Ѓорѓи Марјановиќ да не ја доживее судбината на Милосавлевски. Со време, молкот стана навика, па и со прогласувањето на демократијата во девдесеттите , професорите одбраа да молчат за минатото. Наспроти демократските промени во Европа, кај нас отсуствуваше секаква свест дека, за нов почеток, потребен е личен и заеднички ангажман за рехабилитација на обвинетите професори согласно вистината и правдата . Тоа не се случи зашто потрага по вистината и правдата, носат лични непријатности, па најлесно е се да му се препушти на заборавот.
Тој лош почеток од деведесеттите значеше дека никогаш нема да се соочиме и да расчистиме со морално и политички корумпираните манири од времето на едно партискиот систем. Всушност, во услови на демократија и слобода, тие само се мултиплицираа, црпејќи сила од слободата и од „пазарните околности“. Корупцијата стана и ментална и материјална, а си отвораше простор преку рушење и на секаква хиерархија и авторитет. Исчезна дури и хиерархијата на знаењето. Слободата како и диктатурата претходно произведе и свои насилници : непристојни, арогантни луѓе без углед. Тргајќи и се на арогантноста, на просечноста и на вулгарноста од патот, значеше да се помириш со фактот дека твојот факултет никогаш нема да посега по она што би требало е стремежот на науката и образованието секаде во светот – одличност. Одличност како непријател дури и на доброто, а камоли просечното.
И следниот наш чекор беше погрешен. Оставајќи им ги вистината, правдата и моралните дилеми на заборавот, се зафативме со реформа на образованието. Но, повеќе формални од вистински. Имено, падот на еднопартискиот систем во Источна Европа и на идеологијата на комунизмот значеше рушење на цел еден интелектуален свет во општетсвените науки кој почиваше врз само една глава од книгата на човековата мисла: марксизмот. Предвоената генерација професори веќе замина во пензија а повоената, мојата, беше ги минала четриесеттите години од својот живот. Тоа се години кога човек не може да прогласи крај на својата кариера, а тешко може и да почне од почеток. А, сепак, под притисок на светските настани и падот на комунистичката идеологија, реформи мораа да се прават и во општествените науки. Но, какви се тоа реформи без соодветно знаење за предметите чии атрактивни наслови професорите ги препишуваа од европските и американските наставни програми?
Во потрага по модерна форма на образование повторно ја запоставивме суштината. Без да направиме анализа на добрите и лошите страни на системот на образование кој го знаевме, тргнавме во примена на нов и непознат – „Болоњскиот систем“. Така, согласно старата пракса на бегаме од соочување со непријатни теми, уште еднаш се се измеша – и доброто и лошото. И, како и секогаш кога во минатото се менувале програми, настана трка за предмети кои значеа подобро лично позиционирање на професорот во таа хиерархија. Гледајќи наназад, заклучувам дека се се правеше за ништо вистински да не се смени. Тоа лошо се одрази врз образованието на новите генерации идни судии, адвокати и државни службеници. Донекаде ова беше нормална реакција на луѓе изместени од своето удобно „идеолошко лежиште“ и принудени да учат ново вклучувајќи го и англискиот јазик кој малкумина можеа да го користат. Соочени со вакви предизвици на промените, мнозина го одбраа цинизмот: верување и поведение мотивирано само од личен интерес.
Затоа да бидеме внимателни ако, по совет на еврокомесарот, од „факултетите“ побараме поддршка за демократските промени. Во отсуство на строги критериуми за избор и напредување во професијата и со истите слабости кои го карактеризираат македонското општество во целина, таму е се измешано – и доброто и лошото, и демократското и недемократското. Затоа, секоја генерација професори одново ќе ја учат лекцијата за својата исклучителна мисија: дека привилегиите што ги носат академските слободи ги обврзува одговорно да ги користат, за унапредување на слободата, демократијата и благосостојбата на целото општество.