19 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИ

Колку е пропорционален македонскиот изборен модел?

Во споредба со 31 европска држава, Северна Македонија има натпросечна пропорционалност според три клучни елементи на изборните модели, покажува анализата на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Aктуелниот изборен модел во Северна Македонија е еден од најпропорционалните изборни модели во Европа.Во овој поглед, земјата веќе го дели второто место во конкуренција на 32 европски држави, што е во спротивност од аргументацијата на поборниците за реформа на изборниот модел кон поголема пропорционалност. Ова го покажува истражувањето на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС) – „Северна Македонија на европската изборна мапа: Колку е пропорционален македонскиот изборен модел?“.

Студија го анализира степенот на пропорционалност меѓу распределбата на гласови и распределбата на пратенички места во македонскиот изборен модел. Преку споредба со 31 друга европска држава, се утврдува дека Република Северна Македонија се одликува со (значително) натпросечна пропорционалност според три клучни елементи на изборните модели: големината на изборните единици, (не)постоењето на изборен праг и неговата евентуална висина и бројот на пратеници.

Единствената севкупно повисоко рангирана држава од Северна Македонија е Малта, и тоа само поради исклучително високиот број пратеници на 100,000 жители. Доколку се земат предвид само државите со население од барем 1 милион жители, што би го исклучило и Луксембург, Северна Македонија всушност го има најпропорционалниот изборен модел во Европа, се посочува во студијата.

Исклучок

Северна Македонија има генерално попропорционален модел од сите четири држави во Европа со една изборна единица (Црна Гора, Косово, Србија и Словачка). Според студијата, ова е само уште еден показател дека јавната дебата за изборни реформи во земјата, кои честопати се изедначуваат со „една изборна единица“, е погрешно именувана, a честопати и погрешно водена.

Единствен исклучок е изборната формула, каде Северна Македонија ја користи најмалку пропорционалната, но и најчеста Донтова формула во Европа. Со оглед на исклучително високата пропорционалност на актуелниот изборен модел, оваа студија проблематизира дел од аргументацијата на поборниците за изборни реформи кон уште повисока пропорционалност. Во неа се посочува дека „евентуалното воведување на попропорционален изборен модел би можело сериозно да го загрози формирањето и стабилноста на извршната власт, на тој начин дополнително ослабнувајќи ја македонската демократија“.

Дебати

Изминативе години, често се водат дебати околу изборните реформи и правила, особено во пресрет на изборните циклуси. Оваа дебата најмногу се фокусира на бројот на изборните единици, изборниот праг, изборната формула и избирачкиот список, како и за бројот на пратеници.

Во 2019 година, помалку од една година пред одржување на изборите, иницијативата на помалите партии за промена на изборниот модел во насока на воведување на една изборна единица беше поддржана од страна на тогашниот премиер Зоран Заев и од владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ). Предлогот на малите партии подоцна беше подржан и од страна на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа иницијатива не уживаше поддршка од страна на албанскиот блок, кои сметаа дека една изборна едница би наштетила на застапеноста на албанските гласачи во Собранието. Ова мислење го делат двете најголеми албански партии, Демократска унија за интеграција (ДУИ) и Алијанса за Албанците (АА), иако нивниот став не оди во иста насока. Додека ДУИ се против промени, без јасно изнесен став, АА сметаат дека поделбата на осум изборни единици би било најдобро решение за правична застапеност на сите граѓани. Дебатата се разви поопширно во 2020 година, откако 12 пратеници од помали партии формираа иницијатива за нов изборен модел со една изборна единица, но истата не беше плодна. Инцијативата е сѐ уште активна во Собранието, но досега нема доведено до каков било заклучок. Во декември 2020 година, неколку месеци по парламентарните избори, Министерството за правда (МП) формираше работна група за измени на Изборниот законик.

Барањата на помалите партии

Генерално, дискусијата за можни измени на изборниот модел најмногу се води од страна на помалите партии, кои застапуваат воведување отворени листи и една изборна единица без изборен праг. Тие сметаат дека една изборна единица може да промовира подобра демократија, плурализам и инклузивност, а и дека ќе ја поткопа доминацијата на двете главни политички партии и ќе им даде на помалите политички актери повеќе простор за дејствување, посочуваат авторите на анализата, политикологот Кристијан Фидановски и раководителката на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација во рамки на ИДСЦС, Влора Речица.

Но, истражувањето укажува дека токму актуелниот изборен модел во земјата овозможува да има повеќе партии во Собранието. Доколку се воведе една изборна единица без изборен праг (а без промена на изборната формула и бројот на пратеници), во студијата се посочува дека Северна Македонија ќе стане уште поголема аномалија на европската изборна мапа, отстапувајќи уште позначително од просечното ниво на пропорционалност на изборните модели и сериозно загрозувајќи го формирањето и стабилноста на идните владејачки гарнитури. Доколку, пак, се воведе една изборна единица, но со изборен праг (и/или со промена на уште еден од преостанатите два параметри во насока на помала пропорционалност), тогаш би добиле изборен модел кој во голем дел од случаите не би ја засилил парламентарната застапеност на помалите партии, со тоа поништувајќи го единствениот аргумент за промена на изборниот модел во таа насока.

Сценарија

Во последното сценарио би можела да се влоши и регионалната рамнотежа меѓу пратениците, со оглед дека при една изборна единица сите пратеници од одредена партија би биле дел од една (централизирана) изборна листа. Оттука, оваа студија упатува на огромна претпазливост во понатамошната јавна дебата и при какви било законодавни чекори кон промена на изборниот модел кон повисоко ниво на пропорционалност.

„Негативната врска меѓу високото ниво на пропорционалност од една страна и формирањето на владејачки гарнитури и нивната стабилност од друга страна очигледно ги има обесхрабрено повеќето европски држави од воведување изборни модели со повисоко ниво на пропорционалност од македонскиот. Кај нас, потешкотиите со кои се имаме соочувано во минатото при формирањето на влади, сложеноста на партискиот систем во кој и натаму доминираат етноцентрични партии и фреквентноста на предвремените парламентарни избори, упатуваат на уште поголеми ризици од евентуалното дополнително зголемување на пропорционалноста на изборниот модел“, се посочува во студијата.

Изборниот модел не може да биде магично стапче за забрзување на демократизацијата на државата, вклучително и за надминување на маѓепсаниот круг на (де факто) двопартискиот систем уште од осамостојувањето. Во комбинација со високото ниво на клиентелизам и низок степен на политичка култура, постојат многу покрупни пречки за поразновиден партиски систем во Северна Македонија од изборниот модел, чија дополнителна пропорционализација би можела да има други сериозни негативни последици за македонската демократија, се вели во анализата на ИДСЦС. (Дојче веле)

Related posts

Вулин на “црната листа” на САД: Бил корумпиран и руски играч за дестабилизација на Балканот

admin

На тест ЕУ-интегративниот, ама и демократскиот капацитет

admin

Беса Адеми останува на чело на Врховниот суд

admin

ТРАЈАН АНГЕЛОСВКИ: Да се намали администрацијата, а не да се покачат даноците

admin

ПРАВАТА НА БУГАРИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, ПОВТОРНО ТЕМА ВО СОФИЈА

ninja

„Огнените“ и официјално поднесоа барање за отстранување на дефиницијата „20 проценти“

admin