29.8 C
Скопје
15 јуни, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Мојот другар Богдан

Пишува: Трифун Костовски

Почитувани читатели, денес ќе пишувам за мојот другар Богдан Коломејски, дипломиран инженер на Факултетот за металургија со кого другарувам од раните 80-ти години од минатиот век.

Богдан, малку повозрасен од мене, наоружан со сите можни доблести, беше во вистинска смисла на зборот човекот кој ми ги отвори портите за мојот бизнис во Полска.

Бев вработен во ,,Технометал-Македонија”, подоцна ,,Технометал-Вардар”, во секторот за неметали, поточно ги водев огноотпорните материјали. Несомнено е дека нема индустриска гранка почнувајќи од црна, обоена, ќерамичка, цементна и хемиска индустрија, каде овој материјал нема примена во нивните технолошки процеси.

Познанството со Богдан започна во далечната 1978 година, кога заминав на службен пат во Полска во посета на ,,Хута-Катовице” за продажба на огноотпорни материјали. Хута –Катовице е железара со производствен капацитет од 5 милиони тони на годишно ниво, а коксарите под раководство на ,,Хута -Катовице” произведуваа 20 милиони тони кокс или 80% од вкупното производство на кокс во Полска.

Богдан во тие времиња беше генерален директор и ме пречека со големи симпатии, бидејќи во тие времиња, ние Југословените во очите на Полјаците бевме совршен систем кој успеал да се отргне од канџите на Советскиот Сојуз.

Нашите средби беа искрени и топли со заедничка желба за дружење. Кругот на моите пријатели, а и јавноста знаеја дека сакам да пеам и да свирам на гитара како самоук. Бев поканет во семејниот дом на Богдан во присуство на неговата сопруга Мариола, ќерката Ева и огромниот германски овчар Бак, дел од нивното семејство.

Топлината и смиреноста со која што Богдан ме прифати во неговиот дом останаа трајно запаметени во мојата меморија.

Тие средби честопати ги споменувавме во подоцнежните години како нешто кое ни недостасува. Убава софра залиена со вотка, среќно семејството кое со сета своја временска патина, ми се претстави во најдобро светло. Токму на таа прва средба разбрав дека таткото на Богдан е човекот кој ја изградил втората по големина железарница во Полска, а тоа е ,,Хута Ленин”-Краков.

Полјаците за вакви семејства кои имаат длабоки корени умеат да кажат дека тоа е „полска шљахта”, што во превод би значело полски благороднички семејства.

Од патувањето се вратив со договор за продажба на егзотермни плочи во ,,Хута- Катовице” каде производител беше ,,Ватростална Бусовача- Зеница”.

Истовремено на таа прва средба Коломејски ми го покажа патот како да влезам во огноотпорната индустрија од бившите ЈУ републики, со огноотпорните материјали кои се применуваат во реконструкција на коксните батерии. Неговиот пријател кој беше директор на институтот за огноотпорни материјали со седиште во Гљивица, господинот Швимер ме прифати од првиот момент и нашата соработка остана вечна.

,,Технометал Македонија”, а потоа ,,Технометал Вардар” -Скопје, беше центарот на Југославија за извоз на огноотпорни материјали во црната и косната индустрија.

Во наредните 12 години направивме комплетна реконструкција на сите батерии во најголемата коксара ,,Жешовице” и делумно коксарите во ,,Хута-Ленин”во Краков.

Најголем дел од овој огноотпорен материјал го произведуваше ,,Силика-Гостивар”, а тоа што не можеше да го изработи Силика-Гостивар го изработуваше ,,Шамот-Аранѓеловац”.

Златните години на ,,Силика-Гостивар” беа токму 70-те и 80-те години од минатиот век, а јас бев малиот иницијатор за таквата благосостојба во тогашната моја ,,Силика” во која го стекнав сето знаење за местото и улогата на огноотпорните материјали во севкупната светска индустрија.

Како дипломиран економист важев за најдобар познавач на огноотпорните материјали во бивша Југославија.

После падот на Берлинскиот sид во раните 90-ти години Богдан повторно се врати како генерален директор на Хута –Катовице.

Швајцарската фирма ,,Ситко” мака мачеше да влезе во соработка со оваа железара. Јас бев врзивното ткиво и тоа беше поводот Богдан да инсистира по секоја цена да дојдам да работам во ,,Ситко”-Варшава. Да појаснам, моето влегување во фирмата ,,Ситко” беше на иницијатива на Богдан и до некаде поддржано од тогашните мои колеги Гуштеров и Кецман.

Другарувањето со Богдан остана трајно и во моментот кога се разделивме, поради внатрешни турбуленции во Ситко, морав да ја преземам фирмата ,,Ситко” во Виена која пред мене ја водеше Гуштеров.

Не останав долго во фирмата, осетив дека фирмата не е во состојба да ми пружи логистика за реализација на моите бизнис идеи.

Богдан многу ми помогна за оваа одлука и фактички Богдан беше кумот на ,,Кометал” –Гмбх.

Другарувањето со Богдан ни продолжија преку заеднички летувања во Грција и Шпанија, а беше вистински вљубеник во нашиот Охрид. Знаеше да не излезе од вода со часови, во првите мајски денови кога за нас езерото беше многу ладно.

Денес Богдан е во пензија, има сопствена вила на Мазурските езера во Северна Полска и вообичаено, впрочем типично за него времето го минува во тишина, ловејќи риби.

Богдан, биди ми жив и здрав уште многу години. Сеќавањата на тебе и твојата Мариола, ќерка Ева и Бак се трајно запаметени во мојата меморија и моето срце.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Related posts

Мерко е на црна листа, кому му е редот

admin

#MeKryeministrin

admin

Отворен став до Рамадани и политичарите во Македонија!

admin

Историска заедничка одлука за платите во јавниот сектор: системско и одржливо решение

admin

СДСМ протуѓеризација

admin

Пет причини за граѓаните да инвестираат во граѓанската обврзница – петка за граѓаните

admin