Со низа активности ќе се одбележи овој значаен ден, кога се оддава почит на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Тие се родени во Солун,  во семејство на угледни и образовани родители и се првите словенски учители и светители, основоположници на словенската писменост и литература.

Константин – Кирил Филозоф (826-869) е составувач на првата словенска азбука – глаголицата. Новото писмо – глаголицата, велат професорите од Институтот за македонска литература, благодарејќи на исклучителниот лингвистички осет на нејзиниот инвентор, верно ги предава словенските фонетски особености, а истовремено носи длабок печат на христијанските симболи, значаен белег на своето време, кога христијанската ликовна симболика дошла до полн израз на иконоборството.

Кирил го стекнал своето образование на престижната Магнаурска школа. Потоа и самиот предавал на истата школа, каде што бил прочуен по својата ерудиција и научна логика, поради што ќе биде наречен Филозоф.

Методиј Солунски (815-885) имал високи политички должности во управата на Византија и бил управител на Словенското кнежество во Македонија. Професорот Кирил Темков во своето дело „Етичари“ пишува дека Методиј  стекнал правно образование во Цариград. Како што се посочува во Македонскиот историски речник, Методиј е составувач на Законот за судење на луѓето, кој претежно содржи одредби од кривичното и од семејното право.

„Во секакви расправи, обвинувања или клевети им прилича на кнезот и на судовите да не судат без многу сведоци. Но да им велат на скараните и на обвинителите и на подносителите на оптужбите, ако не најдете (доведете) сведоци како што наредува божјиот закон, очекувајте да ја добиете истата казна, која сте ја припремале за другите. Божјиот закон така наредува и кој не го спазува проклет да биде“, се пропишува во втората глава од Законот за судење на луѓето.

Во Законот се вели дека оној што тргнал во војна против непријателите треба да се чува од секакви непријатни дела и зборови; дека ќе се пороби тој што ќе „откраде“ слободен човек и ќе го претвори во роб. Исто така, во Законот се вели дека неразделив е создаден од Бога животот на сопрузите; дека сведоците за нечуено не треба да сведочат и дека не треба да сведочат луѓе кои некогаш биле „изобличени“ како лажливци.

Една од најзначајните дејности на светите Кирил и Методиј е мисионерството, за кое уживале голема почит. Во три важни мисии ја проповедале христијанската вера: Арапската, Хазарската и Моравската. Пред да ја извршат епохалната мисија во Моравија, тие имале мисии кај Сарацените и Хазарите.

Со веќе стекнатото искуство можеле со успех да се изборат за целта на мисијата, којашто, покрај христијанизација, описменување и просветлување, имала и функција на теолошка апологија на словенскиот јазик и негово користење во богослужбите.

Солунските браќа, исто така, се бореле и против тријазичноста. Нивната мисија немала само просветителска и теолошка кауза, туку и политичко-културолошка, во смисла на декомпонирање на јазично-теолошкиот систем на тогашното германско свештенство.

„Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите?  А сонцето не грее ли исто така еднакво за сите? Зарем не дишеме воздух сите еднакво? Па тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи сакате да бидат слепи и глуви? Кажете ми дали Бог го сметате толку бессилен што да не може да го даде тоа, или толку завидлив што да нејќе?“ велел Кирил, влегувајќи во жестока полемика со оние што тврделе дека Бог треба да се слави само на три јазика: еврејскиот, грчкиот и латинскиот.

Најважната историска мисија на солунските браќа – Моравската мисија, своите културолошки рефлексии најдобро ќе ги изрази преку ликот и делата на учениците на Кирил и Методиј. Сржта на просветителската мисија на Кирил и Методиј е во просветителскиот континуитет олицетворен во делата на големите  просветителски дејци – свети Климент и свети Наум.  Доследната приврзаност кон кирило-методиевското наследство е суштинската одлика на познатиот Охридски книжевен центар и школа.

Колку се извонредно важни  мисијата и улогата на светите браќа говори и фактот што денес тие се патрони на Европа, признание дадено од Ватикан, со цел да се потенцира нивното значење за единството на европските народи, чие културолошко мото е: „Единствени во различноста“.