Видеолотариските терминали набавени од „Државна лотарија“ никогаш не биле ставени во употреба и сè уште се наоѓаат во магацините на друштвото, сведочеше Александар Андонов, директор на сектор во компанијата и поранешен член на комисијата што ја спровела јавната набавка.
Сведочењето беше дадено на судењето против поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица обвинети за злоупотреби поврзани со „Државна лотарија“.
Адвокатот на Груби, Гоце Ристески, по рочиштето изјави дека исказот, според одбраната, ја потврдил нивната теза дека Груби не бил вклучен во самата постапка за јавна набавка.
„Фактите ги утврдува судот на крајот. Исказот на денешниот сведок ја потврди нашата теорија на случај дека нема инволвираност на Артан Груби во јавната набавка и во работењето на Државна лотарија“, рече Ристески.
Андонов сведочеше дека набавката на ВЛТ-терминалите била предвидена во планот за јавни набавки.
Пред спроведувањето била направена постапка за утврдување на законитоста и оправданоста, по што била донесена одлука за јавна набавка и била формирана комисија.
Постапката се спроведувала преку Електронскиот систем за јавни набавки.
На тендерот биле доставени три понуди, по што била направена формално-правна и техничка евалуација.
Постапката завршила со избор на најповолни понудувачи и склучување рамковни спогодби, а според сведокот била предмет и на управна контрола од Бирото за јавни набавки.
Апарати купени, но останале во магацин
Андонов потврди дека сите набавени терминали и денес се наоѓаат во магацините на „Државна лотарија“.
Тие никогаш не биле пуштени во употреба.
Според неговото сведочење, одлуката за нивно активирање не била во надлежност на комисијата за јавна набавка, туку зависела од други институции, меѓу кои УЈП и Министерството за финансии.
Тој рече дека не знае зошто терминалите на крајот не биле активирани.
Одбраната на Груби тврди дека сведочењето покажува дека постапката за набавка ја воделе стручни служби и комисија во „Државна лотарија“.
Ристески рече дека ништо од кажаното од сведокот не ја довело во прашање нивната теорија за случајот.
Груби во текот на рочиштето се обидел да постави и прашање со кое сакал да укаже дека владината процедура за набавката почнала неколку месеци пред седницата со која тој претседавал и за која е опфатен со обвинението.
Одбраната не објасни дополнително какво значење ќе му даде на ова прашање во понатамошната постапка.
Обвинителството има поинаква теорија
Обвинителството тврди дека Груби знаел дека барањето за набавка на ВЛТ-терминалите е спротивно на законските ограничувања за самостојно приредување електронски игри на среќа од страна на „Државна лотарија“.
Според обвинението, тој како вицепремиер претседавал со владина седница во својство на собрание на акционери на компанијата, на која била усвоена информација и „Државна лотарија“ била задолжена да ги преземе активностите за набавка на терминалите.
Обвинетите ја имаат презумпцијата на невиност до правосилна судска одлука.
Покрај Груби, обвинети се и поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами, поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски и поранешни членови на Надзорниот одбор на компанијата.
Судењето продолжува со изведување сведоци и докази предложени од Обвинителството.
Во меѓувреме, на Груби на 13 октомври му истекува мерката куќен притвор, а неговата одбрана понудила недвижен имот како гаранција со барање да му биде вратен пасошот.

