Германскиот канцелар Фридрих Мерц би можел во петок да објави реконструкција на владата, поттикната од ненадејната оставка на влијателниот демохристијански политичар Јенс Шпан, изјавиле за Ројтерс три извори запознаени со разговорите.
Според изворите, министерката за здравство Нина Варкен се очекува да стане шефица на Канцеларијата на канцеларот, додека досегашниот шеф на кабинетот Торстен Фрај би го презел раководењето со пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот, заменувајќи го Шпан.
Генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман, е најсериозен кандидат да ја наследи Варкен на функцијата министер за здравство.
Мерц би можел да ги соопшти кадровските промени во текот на денот, иако разговорите за распределбата на функциите сè уште траат.
„Сè уште ништо не е конечно договорено“, изјави еден од изворите.
Шпан поднесе оставка во саботата, откако доби дете родено од сурогат-мајка во Соединетите Држави, потег што предизвика критики бидејќи е во спротивност со ставот на неговата партија, која се противи на сурогат-мајчинството.
Шпан претходно важеше за еден од можните идни ривали на Мерц во рамките на ЦДУ.
Весникот Ханделсблат објави дека пратеникот на ЦДУ, Филип Амтор, исто така би можел да премине во Канцеларијата на канцеларот како државен министер задолжен за односите со 16-те германски покраини.

