16.8 C
Скопје
9 октомври, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Денес не треба никој пред никого да клечи 

Доста е. Никогаш повеќе. Денес не треба веќе никој да клечи пред никого. Новите генерации Македонци и Бугари треба да си подата рака и да се исправат во пријателство, достоинство и взаемна почит, заедно со другите нации на демократска Европа.

Пишува: Денко Малески

Во порака до социјалдемократите, водачот на партијата на македонските националисти Христијан Мицковски, со еден популистички, непримерен јазик, од Ваташа ја обвини владата дека заради својата политичка кариера, за ден повеќе на власт, е подготвенa дури и ваквите моменти да ги заборават. Ги обвини дека сакаат да го избришат споменот за злосторството, онака како што ги „избрусиле“ звездите од Вергина за да го заборавиме нашето (античко?) минато. Во порака до бугарската влада,пак, рече дека треба на Ваташа да дојде нејзин претставнк, да клекне и да бара прошка за стореното злосторство, „па тогаш можеме да седнеме и да размислуваме за било какво опростување, за било каква прошка“. Повика никогаш да не го заборавме стрелањето на дванаесетте младнци, чин кој треба сте да не обедини. Да не обедини во што, не рече. Но од кажаното и од тонот лесно се заклучува дека ова беше повик за обединување во омраза. Потврдата дека е така дојде на самиот собир: нечија рака инспирирана од зборовите на Мицковски, ја искина и ја фрли лентата од венецот на нашите пријатели од Бугарија кои, раководени од својата совест и желбата за пријателство и помирување, дојдоа на комеморацијата.

Во нивниот повик до членовите на клубот за бугарско-македонско пријателство да дојдат во Ваташа се вели:„Се навршуваат осумдесет години од убиството во 1943 година, без суд и пресуда, на дванаесет младинци од месноста Чаир до македонското село Ваташа. Бдејќи тоа се случло за време на бугарското владеење  и е извршено од бугарската војска, Клубот за бугарско-македонско прјателство излегува со иницијатива за поклонение на паметникот до Ваташа“.  Присутни беа седуммина претставници на Клубот, меѓу кои и професорот Стефан Дечев, кој неодамна објави поголем текст во Софија за злосторството иавршено од страна на бугарската војска во Ваташа во 1943 година. Во дружење со нив, разбрав дека сите тие виделе само добрина и пријателство од бројните посети на Македонија па, им биле смешни предупредувањата дека ние Македонците сме насилни кон Бугарите. За да не ги вознемирам не им кажав дека не има и такви. Тие, пак, за да не ме вознемират мене, не ми кажаа тогаш дека некој ја искинал и ја фрлил ленатата од венецот кој го положија, а на која пишуваше: „Никогаш повеќе – од Клубот за бугарско-македонско пријателство“.

Кога, на почетокот од деведесеттите почна да се тркала бранот на омразата меѓу народите на Југославија, Христијан Мицковски, потенцијалниот премиер на Македонија, имал 13 години. Малку знае дека една од причините за крвавите етнички војни беше и историското паметење на злосторставата извршени меѓу разните нации на Југославија. Тие емоции беа злоупотребени од политичари кои, за да останат на власт или да се доберат до неа, посегнаа по екстремен национализмот. Малку знае и дека македонскиот официјален наратив беше сосема спротивен од националистичкиот. Нашите зборови укажуваа на предностите од заедничкиот живот со другите југословенски народи и на потребата, сега кога дојде време да се разделиме, тоа да го направиме на конференциска маса, како пријатели а не како насилници.

По осамостојувањето, како млада држава и нација, не чекаа нови искушенија: како да се разбереме со соседите и со минато исполнето со насилство. Но, опсесијата на неговата партија со нашето замислено далечно херојско минато направи да ја занемариме првата вистинска победа на македонскиот народ во текот на НОБ (и социјалистичката револуција, како што се велеше тогаш). Победа зад која стојат имиња и презимиња на луѓе кои, во текот на заедничката борба со другите југословенски народи во Втората светска војна, ги дале своите животи за татковината. Меѓу нив се и имињата на младинците од Ваташа. Нив ги заменивме со имиња на незнајни владетели од антиката. Хероите од блиското минато, пак, полека падна во заборав. Нивната организацијата на Сојузот на борците од НОБ беше избркана од своите простории во Скопје, а партизански песни не се емитуваа на радио ни на телевизија. Во тие години, се фаќав себеси како го спуштам гласот кога, со гитара во раце, пеев партизански песни во бавчата во Езерски Лозја, крај Струга. Антикомунизмот стана доминантен во Македонија дури и кога тој наратив одеше против нашата држава и нација. Вистинските херои беа заборавени а нашиот идол, по кого се именуваа школи ,патишта и меѓународен аеродром, стана Александар велики. Не беа чуле за зборовите на еден истакнат претставник на партизанската генерација дека без нивното дело немаме на што да стоиме. Така, без сигурна почва под нозете, која ја поставија комунистите, оние кои ја разрешија столетната дилема дали постои или не постои македонска нација, потонавме длабоко во темното минато. Не умеејќи да ја доведат својата приказна во ред, дури и политичките репрезенти на социјалдемократите, некогашните наследници на СКЈ и СКМ, почна да ги имитираат националистите употребувајќи го зборот „комуњари“.  Така, со заедничка негрижа, не го апсолвиравме нашето комунистичко минато согласно вистината, која налага некаде и ние да бараме прошка. Следеше вандализирање на спомениците на партизанската генерација чии животи беа цената на нашата слобода.

Меѓу запустените партизански споменици беше и оној од Ваташа, во сеќавање на дванасетте младинци убиени од бугарската окупациска војска. Уметничкото дело на Димитар Кондовски изработено од бакар е вандализирано. Единствена утеха е дека тоа е најверојатно сторено од собирачи на железо заради преживување во времето на транзиција кога некои многу се збогатија а некои многу осиромашија. Слични инциденти имаше и во други делови на државата каде што, веројатно за преживување, беа откорнувани бронзени бисти од нивните постаменти, па и во градскиот парк во Скопје.  Се се промени кога во спорот со Бугарија страшната судбина на младинците од Ваташа стана оружје во борбата против Бугарите но и за освојување на власта дома. Песната за младинците на учителот Лазар Манчевски, со која растеше мојата прва повоена генерација, и која се здоби одново со популарност, ме врати во најраното детство.И ме изненади. Децении подоцна, емоциите се подеднакво силни, како злосторот да се се случил вчера. Старата рана се држела отворена зашто живевме во зблуда дека извршителите не ги стасала правдата и дека виновен е бугарскиот народ. Всушност, и двата комунистички режими, барем во еден важен дел, се понеле согласно денешното поимање на правдата: вината да се индивидуализира. Колку е тоа важно знаеме од ваквиот приод на судот за Југославија кој ги повика на одговорност и ги осуди воените злосторници со цел да ги помири народите.

Значи, постои и втор дел од трагедијата со стреланите младинци од Ваташа. Историските факти велат дека, по војната, бугарската држава ги испорачала на југословенските власти извршителите на злосторството и дека и самите доживеале ужасен крај. Според зборовите на првоборецот Раде Гогов, полковникот Апостолов кој ја издал наредбата да се стрелаат ваташките младинци, е уапсен во Софија и е предаден на нашите власти. Еве ги неговите зборови:„По налог на новата бугарска отечественофронтовска влада, го спровеле во Скопје а потоа во Кавадарци. Кога за тоа разбрале мајките на стреланите деца веднаш пристигнале во Кавадарци, влегле во затворот и за малку ќе го отепале.Тој е изведен пред народниот суд во зградата на монополот и е осуден на смрт со стрелање. Го воделе пеш кон Возарци на околу еден километар од градот, а војниците од народната одбрана eдвај успеале да го спасат од народот. Кога му ги врзале очите и го наместиле пред ископаниот гроб, стотици камења летале кон него, врз човекот што не беше тоа. И другите виновници поминаа исто или слично. Поручникот Костов и Петко Оприков беа ликвидирани, додека Димитар Раев, Асен Богданов и Борис Жунгулов беа осудени на смрт во Скопје и стрелани“.

Доста е. Никогаш повеќе. Денес не треба веќе никој да клечи пред никого. Новите генерации Македонци и Бугари треба да си подата рака и да се исправат во пријателство, достоинство и взаемна почит, заедно со другите нации на демократска Европа.

Related posts

БЕРЛИНСКИ ПРОЦЕС, ОТВОРЕН БАЛКАН И ПОЗАДИНАТА НА НЕМИРИТЕ НА КОСОВО

admin

Како и во 1991, проблемот не е правен туку политички

admin

На Полска повторно и се заканува тиранин. Овој пат Европа не смее да го тргне погледот

admin

Ех , да ја поделевме Македонија во 2001!

admin

Без ЕУ, С.Македонија ќе се дави во сопствениот корупциски измет

admin

Пржино – од решение до проблем

admin