Во целиов овој период на некаква независност, ние си го предадовме сопственото достоинство! Сме биле мали, неважни, неатрактивни, незначајни… Дури и малите деца сакаат и бараат да се однесуваме кон нив со почит и достоинство и на секое исмејување реагираат бурно и жестоко, секогаш во потрага по некакво уважување!
Пишува: Катерина Топалова
Демократијата има илјадници лица, карактеристики и пораки… Сите тие се поврзани во еден систем на вредности кои создаваат едно „супер“ општеството кон кое се стремиме. Често се прашувам, постои ли идеална дефиниција за поимот „демократија“? Уште од античката општествена мисла, преку преродбата, па се до денешнава општествена поставеност, човекот ја обликувал демократијата во зависност од своите гледања, сфаќања и потреби, притоа сервирајќи му ја на светот како успешен или пак закржлавен модел. Едно е јасно, истата таа „демократија“ секаде не функционира исто, и се прифаќа различно, од идеален до целосно трул систем – кои најчесто во идеални услови и тоа како знае да биде изманипулиран и злоупотребен. Но без разлика на различните сфаќања, теоретизирања и дефинирања на поимот, доколку на виделина не излезе плодот од таквиот вредносен систем, чинам дека тогаш сме ја изгубиле битката за едно подобро општество, преминувајќи во една следна, помалку посакувана фаза на тоталитаризам?!
Она кое изнедрува како плод од едно вистинско демократско зреење го именувам како „достоинство“! И се ми се чини дека како држава, општество, нација токму тука потфрливме и ја изгубивме битката за зачувување на сопственото достоинство. Македонија во целиов изминат период се покажа недозреана и несериозно подготвена да го изоди тој трнлив пат со илјадници искушенија, со цел да изгради подобро општество и утре за своите генерации… Македонија потфрли на политички план, непотребно влегувајќи во политичка игра на тронови или свесно изгубена битка, притоа коцкајќи го сопственото достоинство и углед, за некакви „повисоки вредности“ кои во превод можеме да ги толкуваме како полнење на нечии џебови, и тоа се во име на демократијата! Што му се случи на македонството достоинство? Најубаво одговара следнава мисла, „нечие достоинство може да биде нападнато, вандализирано и сурово исмејувано, но никогаш не може да се одземе освен ако не се предаде.“
Да! Токму така! Во целиов овој период на некаква независност, ние си го предадовме сопственото достоинство! Сме биле мали, неважни, неатрактивни, незначајни… Дури и малите деца сакаат и бараат да се однесуваме кон нив со почит и достоинство и на секое исмејување реагираат бурно и жестоко, секогаш во потрага по некакво уважување! Затоа што кога станува збор за достоинството не постојат големини, величини или пространства, единствено станува збор за идеал за кој вреди да се бориме и за кој вреди да умреме. Единствено така ќе бидеме вреднувани.
Но зошто го пишувам сево ова? Гледајќи ја македонската политичка сцена, со својата препознатлива анемичност, безбојност, нехаризматичност, некомпетентност, притоа целосно криминализирана и скандализирана со секојдневни афери и понижувања, се прашувам дали го заслуживме сето ова?! Освен што си се деградираат самите, свесно ја деградираат и една цела нација, која денес токму благодарение на нивната некадарност се наоѓа во една субмисивна, измеќарска улога, со свлечени гаќи, притоа барајќи си ја сопствената чест и углед во семејството на камшикарите, нудејќи си го го своеволно своето достоинство, во замена за „членска книшка“ – или да се биде во клубот! Да се седи на иста маса со најголемите и најзначајните! – Каква бурлеска од држава, би рекле оние кај кои чувството на достоинство расте со способноста да се каже не на себеси.
Нејсе! Имаме Претседател чие дејствување е лика и прилика на неверниот Тома од Библијата! Три пати ќе поплука и ќе се одрече од самиот себеси и од другите, пред да почне и он да верува. Имаме Влада која верува во достоинството на трудот, без разлика дали е со глава или со рака; дека светот никому не му должи никому за живот, туку дека на секој човек му должи можност да заработи. Се извинувам за сарказмот! И имаме опозиција која што јасно, гласно и недвосмислено ни порачува дека, ништо не се мора во животот, освен да се умре! Или парафразирано, достоинството нема цена, кога некој ќе почне да прави мали отстапки, на крајот животот губи секаква смисла?!
Што е она што можеме да го научиме и заклучиме од македонската реал политика, ако воопшто и постои такво нешто?! Демократијата кај нас милува да преминува во тоталитаризам, се до моментот кога ќе почнеме да прогледуваме со едното око. Демократијата им овозможува на луѓето сами да ги носат своите животни одлуки, вклучително и политички одлуки, додека тоталитаризмот ги третира возрасните како деца, ги носи сите животни одлуки наместо нив и ги блокира да имаат глас во владата. Затоа сè се сведува на две клучни прашања: Како една демократска влада го штити достоинството на луѓето? И, како граѓаните го обезбедуваат сопственото достоинство? /KDP