Една година од воспоставувањето на стратешкиот дијалог помеѓу Северна Македонија и САД, кој државниот секретар Антони Блинкен и македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, го лансираа минатата година на 2-ри јуни во Вашингтон. Министерот Османи, вели дека тој е значајна пресвртница во билатералните односи меѓу две држави но и чекор напред по 30 години од воспоставувањето дипломатски односи, по 15 години стратешко партнерство и 3 години силно сојузништво во НАТО Алијансата.

„САД се дел од нашата приказна, уште од самото осамостојување на земјата, а нашите меѓусебни односи стануваат се подлабоки и поцврсти. Како стратешки партнери, ни претстојат бројни активности со цел адресирање на предизвиците на земјава како што е натамошно зајакнување на нашиот автентичен модел на функционална мултиетничка демократија, борбата против корупцијата, инвестициите во инфраструктурата, но и интеграцијата на земјава кон ЕУ, што е наш заеднички стратешки интерес“, истакна министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Амбасадорката на САД во Скопје, Ангела Агелер, рече дека САД ќе бидат постојан поддржувач на земјата.

„Годишнината од нашиот стратешки дијалог е можност да се осврнеме на повеќе од три децении, американско-македонско партнерство, на она што го постигнавме заедно, како и на заедничките предизвици што следуваат. Патот на земјата до овој клучен момент во својата историја не беше лесен, а претстојат и тешки одлуки. Но САД отсекогаш биле и ќе бидат ваш постојан поддржувач и најголем пријател. Ќе бидеме со вас рамо до рамо, додека ги постигнувате вашите цели за безбедност, просперитет и можност во рамките на европската заедница“, рече Агелер.

Професорот Мерсел Биљали, стратешкиот дијалог го оценува, како нов и попрагматичен пристап во однос на повеќе сегменти во соработката меѓу двете држави. Земјава со него добива, вели, конкретизација на сите прашања, обврски и идеи, кои се релевантни за развојот на државата, како и за секој можен безбедносен ризик и нивното одвраќање.

„Ако поаѓаме од безбедносниот аспект кој е многу важен, кој чекори да ги преземе државата за да се зачува внатрешниот и регионалниот мир и тука треба да се координираме со институциите на САД. Од аспект на внатрешните реформи, тоа претпоставува една перманентна комуникација и помаѓање за да се зајаканат капацитетите на институциите, посебно на правосудството, јавната администрација, како и системот по заслуги, кој недостасува кај нас, а кој е клучен за развој на една држава. Тука е и аспектот на инвестиции“, изјави професорот Мерсел Биљали.