10.8 C
Скопје
11 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Ниту стратегиите, ниту политиките не помагаат: Најмногу пари и понатаму одат во најразвиените региони

И покрај преземените активности на централно и регионално ниво во претходните години, социоекономските и демографските диспаритети помеѓу и во рамките на планските региони не се намалени, вели најновиот извешта на Државниот завод за ревизија на тема „Рамномерен регионален развој со посебен акцент на демографијата“.

Пишува: Весна К.

И понатаму најразвиените се најразвиени, неразвиените остануваат неразвиени а јазот и понатаму голем.

Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи вели дека оваа разлика е резултат на фактот што Министерствата најчесто не ја почитуваат методологијата за рамномерна распределба на средствата по региони.

Според Младен Протиќ, раководител на Центарот за развој на Североисточниот плански регион, како најмалку развиен регион во годините наназад се зголемува процентот за распределба на регионите, но тој и понатаму е мал и несоодветен.

Со ревизијата на ДЗР се констатира дека Стратегијата за регионален развој за 2021-2031 година е донесена со задоцнување, врз основа на проценка за населението, која отстапува од резултатите од Пописот, што конечно се одржа во 2021 година. Ревизијата утврдила дека во 2021 година средствата кои се алоцирани за рамномерен регионален развој се три пати повисоки во однос на 2018 година, сепак во периодот 2018-2021 година не го достигнуваат законски утврдениот минимален процент од БДП. Сепак евидентно е дека од година на година се бележи тренд на зголемување на издвоените средства за рамномерен развој.

Финансиски средства во функција на регионален развој за период 2018-2021 година, во милиони денари

    Година   БДП во РСМ     1% од БДП   Алоцирани средства за РРР   Реализирани средства Алоцирани средства во однос на 1% од БДП Реализирани во однос на алоцирани средства
1 2 3=2*1% 4 5 6=4/3 7=5/4
2018 660.878 6.609 1.518 1.452 22,97% 96%
2019 692.683 6.927 1.666 1.560 24,05% 94%
2020 669.280 6.693 3.106 2.964 46,41% 95%
202127 720.414 7.204 4.558 3.218 63,27% 71%

Извор на податоци: Државен завод за статистика, Соопштение 3.1.22.15 од 30.09.2022 година и систем СиРеРа од 30.09.2022

Иако според утврдените правила за поттикнување на рамномерниот регионален развој од Буџетот на државата годишно треба да се издвојуваат средства од најмалку 1% од БДП, кои за финансирање проекти се распределуваат по плански региони, средствата не се во висина на законски утврдените, покажува направената анализа.

Во периодот 2019 – 2021 година, од Буџетот на државата, во функција на рамномерен регионален развој, алоцирани се средства во вкупен износ од околу 9 милијарди денари, што претставува 46% од законски утврдениот минимум, a искористени се 83% односно околу 8 милијарди денари.

Дека распределбата на средствата не е направена според утврдениот степен на развиеност покажуваат податоците кои говорат дека Скопскиот регион како најразвиен, иако треба да учествува со 7,2%, а Североисточниот како нај неразвиен со 17,3% од вкупните буџетски средства за оваа намена, во Скопскиот регион алоцирани се 26,2%, за разлика од Североисточниот регион кој добил 8,4%.

Според Младен Протиќ, раководител на Центарот за развој на Североисточниот плански регион, како најнеразвиен регион, средствата коишто се предвидени за имплементација на проекти кои имаат регионален предзнак, би требало да бидат распределени според методологијата за распределба. Најнеразвиените треба да добијат поголем процент.

„На пример нашиот Североисточен плански регион би требало да добие 17,3% од вкупно предвидените средства, за разлика од Скопскиот регион како најразвиен, помалку. Мора да признаеме дека во годините наназад оваа методологија почна да се применува и почитува. Со секоја година полека се зголемуваат овие средства, но сепак тие не се на ниво од 1% од БДП, колку што предвидува законот. Нормално дека и други проекти кои се со предзнак-регионални а кои ги спроведуваат другите Министерства влегуваат во регионални проекти.“ додава Протиќ

Тој не е изненаден од ревизорскиот извештај, но потенцира и тоа дека дел од Министерствата почнале да ја почитуваат методологијата за распределба на пари за регионален развој.

Ревизорот исто така утврдил слабости и нецелосна функционалност на системот СиРеРа како интегрирана софтверска платформа која дава можност за координација на планирањето, спроведувањето, следењето и оценувањето на политиката за поттикнување на рамномерен регионален развој.

Протиќ смета дека овој систем е многу битен, затоа што преку овој систем најдобро може да се види дали овој закон се почитува.

„Дали нашиот Североисточен регион како најнеразвиен имплементира најмногу проекти со предзнак-регионални,“ додава Протиќ.

Ревизорскиот извештај исто така потенцира дека сите преземени мерки и на централно и на локално ниво, социоекономските и демографските диспаритети помеѓу и во рамките на планските региони не се намалени.

Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи вели  дека е добро што ја има ова забелешка потенцирана во Ревизорскиот извештај. Целта е како што вели оваа дилема да се отстрани.

Според него оваа забелешка повеќе се однесува на другите ресорни Министерства коишто всушност не го почитуваат тој процент на развиеност, односно средствата коишто треба да се доделат на ниво на државата е да се почитува степенот на развиеноста.

„ Значи ние како Биро и Министерството за локална самоуправа секогаш бараме ресорните министерства тој процент на развиеност да го почитуваат,“ вели Реџепи.

Посочи дека со трансформацијата на Бирото за регионален развој во Агенција ваквите проблеми ќе бидат надминати.

За фактот дека Развиените плански региони добиваат повеќе средства , Протиќ вели дека тоа најверојатно се должи на тоа, какви проекти се поднесуваат, т.е аплицираат во другите Министерства.

„Другата причина е при креирањето на буџетот дали Министерствата се придржуваат по технологијата на развиеност-неразвиеност. Јас тој податок го немам, но се надевам дека во иднина оваа методологија ќе ја почитува многу повеќе Министерства, секако за доброто на државата,“ смета Протиќ.

„Рамномерен регионален развој со посебен акцент на демографијата“

Според податоците од Државниот завод за статистика, природниот прираст на населението како значаен индикатор за утврдување на демографскиот индекс, од 2010 година во континуитет бележи намалување, односно од 2,5%о, истиот во 2021 година има негативен предзнак и изнесува -5,4%о. Тренд на намалување на стапката на природен прираст бележат сите региони, a најниска е во Источниот и Пелагонискиот регион.

Ваквата состојба се надополнува и со резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, кои покажуваат дека два региона (Вардарски и Југоисточен регион) не го задоволуваат критериумот за минимален број на население според Номенклатурата на територијални единици за статистика (НТЕС 3) од 150.000 жители, а Источниот регион е на граница на утврдениот минимум.

Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи  потврди дека  проблем има со овие два плански региони, но дека решавањето на овој проблем е повеќе политички.

-Според последниот попис имаме помал број на жителите во два региони, односно според разделбата на планските региони, тоа е веќе политичко прашање, вели Реџепи.

„Сите политички чинители во земјава треба да ја разгледат оваа информација и да донесат одлука дали ќе има нова распределба на планските региони,“ додава директорот на Бирото за рамномерен развој.

Продолжува и трендот на миграции на населението од селата и нивно напуштање. Според резултатите од спроведениот Попис на населението во 2021 година, во државата има 205 испразнети населени места и во однос на 2002 година нивниот број е зголемен за 40% односно уште 58 села останале празни.

Од вкупниот БДП на Република Северна Македонија, 43% се создава во Скопскиот регион што е за повеќе од 8 пати од БДП во Североисточниот регион кој во вкупниот БДП учествува со само 5% и има највисока стапка на невработеност од 32,4%.

Завршуваме, така како што почнавме. Реализираните активности и искористените средства за остварување на стратешките цели, не постигнале намалување на диспаритетите помеѓу планските региони во државата.

Дали сите овие политики и стратегии на крај ќе згаснат многу огништа, села , па и цели региони е прашање коешто треба да си го постават тие што ги креираат но и спроведуваат статегиите, и кога најчесто победуваат политичките интереси.

 

Related posts

Зошто ДУИ го поддржа законот на ВМРО-ДПМНЕ?

admin

БУГАРИЈА ГО ПОВЛЕЧЕ АМБАСАДОРОТ ОД СКОПЈЕ

ninja

„СИЛНО И ОДЛУЧНО“ ВО КАМПАЊА

ninja

Таткото-монструм изведен пред суд

admin

Лишен од слобода албански државјанин, користел лажна патна исправа

admin

Курти алармира: Радоичиќ планира нови напади на Косово

admin